Skip to content

Домот не е затворска ќелија, ама вие си знаете!

„Цел ден сме дома затворени ќе пукнам веќе со децава, не знам што да им правам, многу се немирни кој ќе ги дочува додека си легнат“. Или ова: „Леле значи аман нека го прекинат овој полициски час, не можат тие мене да ме затвораат дома и да ми кажуваат кога да седам, а кога да излегувам, да бидам заробеник“. Или ова: „Кој сака нека зборува, јас ќе излезам кога сакам, за мене не важат никакви забрани“. Просто да не знаеш кое од кое е полошо и до каде може да одат човечките размислувања за сè што се случува.

Нормално е да постојат различни размислувања. Сури и нормално е сопствените деца да ти дојдат преку глава и да сакаш да заминеш некаде далеку од сите во мир и тишина. Во ред е да ти здодее од толку долго седење дома. Она што сакав да го истакнам со воведните реченици е дека тие се полни со негативизам и нема да им помогнат на оние што ги мислат и изјавуваат ниту на оние што ги слушаат. Што не е во ред со нив? Прво насочени се само на негативните аспекти од останувањето дома, а од нив никаква корист. Второ, што кога ќе ги кажете? Кој е ефектот што ќе се постигне откако ќе се пожалите, во живо или на друштвена мрежа?

Она што сакам да го кажам е дека последното нешто што треба да го правиме е жалењето. Никој не може на родител да му каже како да ги воспитува сопствените деца, ниту пак јас би се мешала во туѓото родителство, но се изначитав доста како е тешко да се биде родител и да се гледаат деца. Прашањето што би го поставила до сите е ова: Те принуди некој да бидеш родител? За лично донесените животни одлуки не треба никој од нас да се жали. Толку на темава. Сите се соочуваме со истото, сите правиме слични работи низ домовите, и сосема е нормално истите да здодеат. Но, не е оправдана споредбата на домот со затворска ќелија ниту гледањето на домот како на затвор или останување дома како на казна!

За момент само помислете колку сте среќни што сте здрави и тоа што можете да бидете заедно со вашите деца и најблиски. Со нив да споделувате бесценети моменти кои ќе ги паметите. Миговите не се враќаат назад, ниту пак времето од кои е составено. Длабоко во себе знам дека го знаете сето ова и знам дека го цените своето семејство, но сте изморени понекогаш. Сите се изморуваме некогаш. Дури и тие што седат сами и немаат мали суштества на кои им треба нега. И оние кои се со партнер и со нивното милениче. Токму така, децата не се единствени причинители на заморот, тие некогаш знаат да бидат и анти-стрес терапија ако знаеш како со нив.

Следен пат пред да ви текне да се пожалите дека не можете да издржите со сопствените деца помислете на оние кои се без нив.  На оние кои сè би дале да имаат, но поради некои причини не се благословени со детско присуство. Знаете, секогаш работите можат да бидат поинакви. Никој не го оспорува тоа. Наше е да се прилагодиме на промените, како што знаеме и умееме. Да ги свртиме во сопствена полза и корист. За тоа треба само малку да се потрудиме. За среќа не сме птици во кафез кои не можат да излезат подалеку од решетките. Помислете на сите оние што имаат дворови и можат да уживаат во сонцето колку сакаат. И тоа е затвор? Или ние што на терасите се обидуваме да го впиеме последниот зрак сонце, а ниту еднаш не сме се пожалиле дека ни е тешко. Да, постоиме таквите.

Лично мене не ми претставува воопшто тешкотија карантинот и тоа што е воведен полициски час. Кога би се прашувала, за нашиот непослушен народ требаше да се донесе мерка за 24/7 да не се напуштаат домовите. Ми се чини дека дури ниту тогаш немаше да ја сфатат сериозноста на целата ситуација. Зошто го велам ова? Бидејќи при првата прилика излегуваат надвор, се групираат и излегуваат во паркови како да се на пикник, прават скари собрани од по 7-8 луѓе минимум. Нели тоа можеше да почека? Сите што не го прават тоа не се од планета Земја, само оние што се „своеглави“ тие знаат како треба, па кој ќе чека ова да се заврши?

„Нека се отворат веќе и кафани и кладилници, да има човек каде да појде.“ Дали сега видовте дека може да се живее и без кафани, кладилници и трговски центри и сè што е затворено? Само што не бевме навикнати на тоа да ги нема нив, секојдневие беше за луѓето одењето по кафулиња, ресторани и продавници, па сега кога одеднаш се секна тоа, почна да им недостига. Сфаќате колку биле важни тие некои секојдневни активности, и колкав дел од нашето секојдневно живеење опфаќале? Но, исто така се надевам сфативте и дека без нив може да се живее. Само што не е исто секако. Ако не постоеја тие тогаш туризмот, и угостителството немаше да постојат.

Значи, сè си постои со причина. И ние луѓето исто. Не го заборавајте тоа. Сакав само да ви кажам помалку жалење, а повеќе ценење на сè околу нас. На природата, на човечките суштества и оние мали секојдневни нешта кои ни го правеа денот, а сега делуваат за луксуз. Да почекаме, да се наоружаме со трпение и да бидеме благодарни за секоја секунда ценејќи го нашето здравје. Сето ова е поради здравјето, бидејќи тоа е најважно, нели е очигледно? Ништо нема да биде исто како претходно, но нема да биде ни вака. Ќе се прилагодиме на промените, бидејќи имаме способност и интелект, сите. И вие што се жалите, и што не почитувате мерки во целост, знам дека сте свесни, но бунтовникот во вас не ви дозволува да реагирате најсоодветно. Како и да е, имајте убав остаток од денот и правете корисни работи! На здравје паузирање! До следно.  

Наталија Наумовска

Напишете коментар