Skip to content

Чорапите на мајка ми – Божана Тренческа

  • by

Кога растев сè беше поинаку. Малкумина беа богати, а ние имавме сиромаштија, но и многу љубов дома, секогаш бевме заедно за секој оброк, смееjќи се задоволни од животот. Најубавите спомени ми се од детството иако има и тажни, како ова со најлонските чорапи, а се случи вака. Чедо ова врзувчево ќе го однесеш кај Параскева, немој да ти се случи да го одврзуваш или да направиш некоја глупост, ми рече мајка ми. Добро, климнав со главата и заедно со помалата сестра заминавме кај Параскева две три улици подолу од нашата куќа. Немаше човек кој не ја знаеше Параскева, жената што крпеше најлонски чорапи во Прилеп. Таа секогаш носеше чудна капа и со никого не се дружеше. Одевме полека зошто не ни се брзаше подклоцнувајќи на секое камче, седнувавме на секоја порта и сепак стасавме кај неа. Куќата ѝ беше во една чистинка, сама како што беше сама и таа, со чиста бела врата и две прозорчиња. Полека тропнав и вратата за миг се отвори а таа праша, деца што треба. Ова, ова, почнав да пелтечам зошто првпат бев кај неа без постарата сестра. Ааа носите нешто, почекајте да видам рече и ја издолжи раката, го зеде врзучето, ги изваде најлонските чорапи и со кревки движења ги вртеше провирајќи ја едната рака внатре.
Ќе ги биде, ни рече, ќе ги биде ама ќе дојдете вечер, ќе коштаат две банки, убаво запамтете, две банки. Гледајќи ја онака преправена со пењуарот на неа и со чудната капа како да ни беше страв и веднаш побегнавме. Дома мајка ми нè праша. Чедо дали ги однесовте чорапите, мило сигурно не ги чепкавте? Не мамо биди спокојна ѝ реков и побрзав да одам надвор да си играм. Приквечер мајка ми викна. Чедо еве ти две банки и одете со Наде да ги земите чорапите, јас треба да сработам нешто, утре сме на свадба, те молам немој да го отвораш врзувчето, ме разбра? Добро, добро ѝ викав на мајка ми и веќе летав низ улицата, а по мене сестра ми. Пред вратата од крпачката стоевме само миг зошто таа не видела и ја отвори вратата прашувајќи не, носите пари. Да ѝ реков и ги дадов парите, а таа ни ја врати врзувката. Брзо, брзо ѝ викав на сестра ми, ќе се стемни треба да побрзаме. И така брзајќи се засопнав ми испадна врзувката, а од неа излегоа чорапите. Ги гледам и се радувам, леле ама светат, реков полека кревајќи ги, ама се мазни убави и за миг ми се роди идеја. Ќе ги пробам, а за да не ме каже Наде и таа ќе ги проба. Седнав на еден камен, до мене сестра ми, ги фрлив влечињата и го облеков најлонскиот чорап. Ууу убавина, луѓе нешто не доживеано убавина што душата ја гали, ооо ама се мазни ѝ зборувам на сестра ми. Таа не може да чека, сака побрзо да облече чорап затоа ѝ го давам другиот таа го облекува и тогаш слушам нешто како крцка. Гледам и не можам да си верувам на очите, отиде најлонскиот чорап, одоздола до горе, се испушти, остана дупка целата рака да влези. Сега ѝ викам на сестра ми што ќе рече мама, таа плаче, а плачам и јас, утре одиме на свадба, а чорапите на мама ги искинавме, сега што, како ќе си одиме дома. Додека се тресиме со сестра ми по нас тргнала мама и кога не виде како плачиме праша, чеда што се случило. Чоора… што вика мама и гледа чорапите ги носиме ние. Што сте направиле деца, што, нели ви реков да не го отврате врзувчето? Засрамена полека го слекувам чорапот, а онај кај сестра ми целиот е партал. Сега плаче и мама зарем моите единствени чорапи вака ги средивте?
Ах деца, деца убаво ви кажав да не чепкате во врзувчето.
Другиот ден на свадбата мајка ми носеше дебели перлон чорапи, а со очите шараше по нозете на жените кои носеа најлонски чорапи.

Животот лета се менуваат годишните времиња се менуваат обичаите, облеката, сè се менува, а најлонските чорапи сега ги имаме на кило и никој повеќе не ги крпи како тогаш Параскева. Често додека облекувам чорапи се присетувам на најлонските од мајка ми и нејзините солзи за искинатите најлонски чорапи.

Божана Тренческа

Напишете коментар