Skip to content

Две врати – Марина Додевска

  • by

Пред мене имаше две врати: жолта и црвена. На жолтата пишуваше разум, а на црвената срце. Доколку ја одберам жолтата врата велат дека патот ќе биде полесен, ќе има помалку солзи, полесно ќе можам да стигнам до целта (пловење со брод по мирна вода).
Ако ја изберам црвената врата патот ќе биде малку потежок, ќе има многу солзи и болка, ако издржам до крај, крајот ќе биде многу поубав (пловење со брод по бура). Честопати се јавува дилема и неодлучност кога се работи за важни животни одлуки. Татко ми велеше дека секогаш кога ќе имам прашалници во главата, да седнам и размислам. Да си ѕирнам во душата, да погледнам што ми говори срцето, бидејќи тоа секогаш го кажува вистинскиот пат и ни го дава бараниот одговор.

Само со срцето можеме најдобро да гледаме. Најважното е невидливо за очите, но во некои ситуации треба и разумот да го вклучиме. За неколку месеци полнам 22 години и досега секогаш ја избирав црвената врата. Не знам зошто, како да имаше некој магнет кој постојано ме влечеше кон неа. Мислев дека ако ја изберам жолтата врата ќе се чувствувам како некоја друга личност, друга Марина. Некоја Марина која пишува поезија и проза, а не го чувствува тоа. Некоја Марина која престанала да мечтае со отворени очи. Некоја Марина која срцето го претворила во камен и се однесува дека сè ѝ е сеедно. Секогаш ја допирав кваката на црвената врата, иако чувствував болка во душата. Се будев ноќе после полноќ, некогаш воопшто не спиев. Си ги кубев влакната од косата, си велев доста е, згрешив.

Чекорев по пат по кој имаше многу трње, а јас се однесував ко да чекорам по цветна ливада и убаво ми беше. Денес повторно стојам пред двете врати и треба да изберам само една од нив за да продолжам понатаму. Како и секогаш моите очи повторно ја гледаат црвената врата, всушност никогаш и не сум го тргнала погледот од неа. Ќе кажат сè уште е млада, животот е пред неа, има таа уште многу да научи, нека види што значи болка, па човекот учи додека е жив, од грешките се учи, со нив се расте, болката го прави посилен човека. Колку и да ми е тешко повторно ќе ја допрам црвената врата, поворно ќе му дозволам на срцево да ме води, бидејќи секогаш му верувам. Имам срце посилно од разум.

Марина Додевска

Напишете коментар