Skip to content

На кантар судбата ми ја мереа – Софија Петковска

  • by

На кантар судбата ми ја мереа,
ете така лесно,
ко на пазар да сме застанале,
на првата тезга ѝ мериме килограм крушки и килограм јаболки.
Ете така,
судбата моја ја мереа,
небаре нежива природа гледаат.
Небаре слика во музеј гледаат.
Небаре сум предмет.
Но, како ли?
Како се мери, објасни ми,
душата моја невина,
срцето ми кревко,
телото ми младо?
Како ли?
Како ли се мерат
солзите,
насмевките,
воздишките?
Зар може човечката судбина на кантар да ја ставиш?
Зарем толку малку е вреден животот ми?
Зарем срамежливо јаболче сум, откинато од гранката на дрвото покрај патот?
Па ќе го земеш в рака,
ќе ја избришеш прашинката од црното ти одело
и ќе процениш од око дека сум сочно и здраво?
Кажи ми ете, ти,
да, ти,
со его големо колку универзум,
баш тебе ти се обраќам.
Кажи ми ете,
за колку ќе ја процениш
љубовта,
радоста,
здравјето,
надежта?
животот ми?
Ајде,
кога веќе си тргнал на пазар,
земи го кантарот и измери.
Од глава до петици.
Измери ја
мојата интелигенција,
мојата слобода,
мојата основна човечка потреба.
И?
Пронајде ли цена?
М?
Пронајде ли?
Погледни ме длабоко во моите темно кафени очи,
Очи во кои сонцето допрва изгрева,
Очи полни надеж
И кажи ми ја цената.
Но,
те молам,
застани гол,
соголи се од привидната ти љубов и лагата.
Вистината облечи ја.
Боли?
Да, знам дека боли.
Вистината најмногу боли.
Со крстот на челото одам
И крилја од ангел на грбот носам гордо.
И затоа со крената глава и без тронка страв те прашувам
Можеш ли?
За последен пат те прашувам,
можеш ли светецот на кантар да го ставиш?

Напишете коментар