Skip to content

Роза во дождот – Владимир Алејников

Владимир Дмитриевич Алејников е руски поет, писател и уметник, роден во Перм во 1946 година. Пораснал во Украина, во Крив Рог. Дипломирал на Отсекот за убави уметности на Факултетот за историја на Московскиот државен универзитет. Учествувал во археолошки експедиции, работел во училишта и пишувал за весници и списанија. Тој е основач и водач на легендарното книжевно друштво СМОГ.

Од 1965 година, неговите песни почнале да се објавуваат во странство. За време на Советскиот Сојуз не бил објавуван во својата татковина. Повеќе од четврт век неговите текстови се ширеле преку самиздат. Во осумдесеттите бил познат како толкувач на народна поезија на СССР. Почнале да го објавуваат во неговата држава за време на перестројката. Автор е на многу книги поезија и проза, мемоари за минатата епоха и современиците. Објавуван е во руски книжевни списанија.

Добитник е на наградите „Андреј Бели”, „Иван Бунин” и „Давид Бурлиук”. Работи како помошник уредник на неколку книжевни списанија меѓу кои и „Stгelets”, „Kгescatick” и „Peгfoгmance”. Член е на ПЕН клубот и Друштвото на писатели на Москва. Член е на Друштвото на поети на XI век и советник на креативниот оддел на друштвото. Бил прогласен за поет на годината во 2009 и за личност на годината во 2010 година. Му биле доделени два медала и еден орден. Многу од делата на Алејников, како и неговите слики и графити, се дел од лични колекции и од музеи во Русија и странство. Од 1991 година живее во Коктебел и Москва.

Во продолжение прочитајте ги неговите стихови со наслов: „Роза во дождот“

Штом ќе се соземам и ќе сфатам
дека ненадејно завршил тој миг
и, како на некои стари и нејасни платна,
дека одновно си ми недостиг.

Штом ќе погледнам – бара влез
чувството за крајот што е без дно;
подобро врз дланката вдлабни рез,
можеби луњата таму има гнездо?

Но натаму – не знам ни самиот кога –
можеби во синџирот на разделбата –
ќе ме допре како дар богат
жестокото име на желбата.

Ти си роза во дождот што плиска,
на разделбата ти си слика расплакана,
слична на свеќата чијашто искра
прсна и ми ја изгоре раката.

Ти си ангелско пелтечење во сонот
што го лекува измачувачкиот шепот,
кога се роди во мене оној понор
кој води кон одречување слепо.

Со кого да те споредам би можел,
тебе што на толку приказни си виновничка?
Но за срцето нема такво хируршко ноже
што ја лекува болеста толку необична.

Поткрени се од ова потпевнување темно –
доста ја трошиш бајковитоста од сказна –
уште од корен престани, немој
за штуркањето на штурецот да бараш казна.

Во него е хорот кој ја слави денес
твојата доцна убавина, твоето лето,
за да останеш дел од чудесниот венец,
непомрачен од времето елмаз – камен светол.

Владимир Алејников,
1978

Напишете коментар