Skip to content

Го љубам животот – Наталија Наумовска

Кога имав десет години прерано се соочив со една ужасна реалност и гадна грабливка на светлината. Црното сениште се надвисна над нашите животи и ја посеа темнината во домот, а моето срце го исполни со јад, тага и вечна болка. На смртната постела за време на нашето последно збогување во моментите кога беше при свест ми ги рече овие последни зборови: „Не се предавај никогаш, бори се и живеј!“. Ох, никогаш нема да дознае колку боли кога се сеќавам на таа наша последна средба. Болно беше живеењето без него, а крајно тешко е сознанието дека јас живеам, а тој скапува под земјата и никогаш повеќе нема да го видам.

Нема да дознае колку недостигаше и сѐ уште недостига неговото присуство во мојот половичен живот. Јас живеам, но со половина дел од срцето закопан засекогаш со него. Спомените се оние што ги одржуваат живи тие што не се меѓу нас, се обидував да разберам каде згрешив што немав можност да доживеам со него безброј заеднички моменти. Мојот татко никогаш не ги запозна неговите внуци, моите светли точки поради кои ја сфатив смисла на моето постоење. Да не беа тие, мајка ми и мојата сопруга, јас не ќе бев жив, туку ќе живуркав. Знаев дека сум ѝ потребен на мојата поткрепа низ годините, на жената што ме израсна и ме гледаше сама, не смеев да ја напуштам, не смееше да доживее уште една загуба.

Кога ги гледам нив како растат со татко и мајка сфаќам колку се благословени и колку е воедно животот скапоцен. Го добиваме без да го побараме, а можеме да го изгубиме за само една секунда. Неговите последни зборови станаа моја водилка низ годините на која секогаш се сеќавав во најтешките мигови. Честопати се прашувам како ќе изгледаше со седа коса и со брчки на лицето играјќи си со неговите потомци. Како ли ќе му звучеше гласот, на каков начин ќе се смееше, животното искуство во колку мудар старец ќе го претвореше, се само прашања чиишто одговори нема да ги добијам.

Нека се проклети болестите за кои нема лек или барем велат дека нема, нека е проклето здравството што ни ја исцица крвта и ни даваше лажна надеж за накрај пак да не успееме да ја победиме битката. Беше борба со однапред познат крај кој не сакавме да го прифатиме. Луѓето се кршливи како евтино парче стакло или како мек памук сеедно, а истовремено можат да бидат силни како карпи. Бидејќи покрај соочувањето со најголеми трагедии тие продолжуваат понатаму исполнети со невидливи рани што ги печат доживотно, со крпеници и душевни модринки, но не престануваат да чекорат.

Се движат и исполнуваат сонови, остваруваат цели, и носат товари зад грб во една невидлива вреќа тешка колку планина, а сепак се исправуваат, ја подигнуваат главата и се насмевнуваат. Таа скршена насмевка изгледа најблескаво. Кога очите и душата плачат, тие што можат да се насмевнат се најхрабри патници во драмата наречена живот во која сите ја играат главната улога во сопствениот. Како да беше малку страдање па суровоста на скапоцениот дар се покажа уште еднаш кога доживеав тешка сообраќајна незгода. Мислев дека е готово и дека веќе се збогував со овоземниот свет, во тие десет секунди како на филмска лента си ги видов најважните сеќавања и помислив дека конечно ќе се сретнеме повторно со татко ми. Но, било прерано за тоа, така ми кажаа моите деца.

„Не смееме да те изгубиме толку рано“, ми велеа додека инфузијата течеше покрај болничкиот кревет. Сопругата со солзи на очи ми ја стегаше раката и ми зборуваше колку сум им потребен на сите. Тогаш сфатив дека сакам да живеам, помислив на неговите последните зборови и му испратив порака преку универзумот дека подоцна ќе се сретнеме. „Сега мора да се борам, мора да живеам и да победам“, си велев себеси. Кога бев на работ да се збогувам со сите тогаш имав најголема желба да дишам, да се радувам на секој ден што ми изгледаше цела вечност.

Си ветив дека ако победам никогаш нема да ја потценам вредноста на сопствениот и на сечиј друг живот. Поверував во вистинитоста и моќта на тие последни зборови за збогум на кои секојдневно се сеќавам штом отворам очи и сфаќам дека бескрајно го љубам животот. Сега е рано за збогување, тој е толку прекрасен и ни нуди милион шанси. Не смееме да дозволиме да бидеме на работ од негово губење за да го цениме вистински. Тој не бара причини за да нѐ сака, а ни дава толку прилики и можности за да го засакаме. „Нема да се предадам, ќе се борам и ќе живеам бидејќи покрај сѐ никогаш нема да престанам да го љубам, до мојот последен здив“, ти ветив и тогаш, ќе ја исполнам твојата последна желба, а мојата најважна задача, до некое наше следно видување.

Наталија Наумовска

Напишете коментар