Skip to content

Дали и ти си актер на модерното време? – Викторија Саздовска

Верувај ми дека денеска е привилегија да љубиш. Те молам човеку, немој да дозволиш виорот на злобата да те удави во немилосрдието. Пред сè биди човек. Биди човек и кон нелуѓето, еден ден ќе ја сфатат твојата големина. Верувај дека многу малку има виситнски луѓе на овој свет. Ретки се. Внимателно бирaj што ќе ставиш во супата на човештвото, дали лутина или пак добрина. Сите се како актери на модерното време, та ставиле толку грди маски на себеси и играат во театарот на животот. Другиот дел пак се поделил и седнал во публиката и аплаудира на таа пластична претстава каде ниту трошка искреност нема. Биди ти оној кој ќе талка по улиците додека се играат тие претстави, и ќе сее добрина меѓу оние кои останале таму исто како тебе.

Биди сигурен дека секогаш ќе го направиш она што срцето те учи бидејќи тоа најдобро знае. Срцето е твојот најдобар водич низ животот. Понекогаш знае и судбината да ја покори верувај. Немој да ја потценуваш моќта на срцето. Остани доследен на себеси иако понекогаш тоа е еквивалентно со болката кога со боси нозе одиш низ загорените камчиња. Не престанувај да бидеш добар и покрај многуте удари од животот. Задржи ја храброста во твоето срце. Богатството во твојата душа дели го меѓу луѓето. Тоа е твојата големина. Не дозволувај да се потроши добрината бидејќи твоето битие претставува непресушен производител на истата во зависност од тоа со што го храниш твојот ум. Не може тој да произведе добрина, ако ти го храниш со лутина.

Запомни дека луѓето со карактер секогаш се ексцентрични колку и да се трудат злобните да пуштат од маглата на лошотијата. Верувај му на срцето, на животниот пат и пред сè на себеси. Немој да се плашиш да чекориш на места каде има болка. Немој да се плашиш да се соочиш со твоите стравови. Немој да се срамиш од своите чувства.  Давај повеќе љубов, сакај, покажи ја таа љубов. Не треба да ја чуваш во себе. Сега кога во светот преовладува омразата, љубовта е привилегија.

Немој да се плашиш да дадеш сѐ од себе за работите што ги сакаш во животот. Немој да се плашиш од неуспех. Имај храброст. Немој да се плашиш да сееш добрина. Имај моќ и самодоверба минатото да го оставиш каде што припаѓа и да тргнеш напред. Имај моќ да се издигнеш од секоја трагедија. Биди горд на своите рани, на пролеаните солзи, биди горд на себеси!

Викторија Саздовска

Напишете коментар