Skip to content

Дијаманти – Силвана Панева

  • by

Хелена како голем љубител на сериозната музика, спокојно на грамофон ја слушаше “Одата на радоста”. Со задоволство го викна синот заедно да слушат музика и да уживаат во прекрасната изведба. Тој веднаш ѝ се придружи, а кога заврши музиката, со чудење му се обрати на синот:

– Не можам да поверувам дека намќор како Бетовен напишал музика која изобилува со голема животна радост…навистина никој не знае што се крие во човечкиот ум.

– Во право си мајко! Јас, пак, се чудам како госпоѓа од твој ранг, пред многу години нарачала убиство на сопругот.

Во просторијата завладеа тишина. Никогаш ниту во најлошите сценарија не помисли дека еден ден синот ќе дознае за убиството. Хелена остана без зборови, Ханс ја фати тотално неподготвена да може некако да се извади од целата ситуација… На почетокот негираше и кажа дека излапениот Лудвиг веројатно му ги кажал тие глупости.

– Зошто веднаш го споменуваш Лудвиг, зарем ти кажав од кого слушнав за убиството? Хелена, Хелена тоа е знак дека старееш и мозокот не ти работи како порано!

Грозничаво размислуваше на кој начин да го задржи Ханс, можеби не знаеше како мајка да му покаже љубов, но тој и е единствениот син и иден неследник на богатството. Со милозлив глас го молеше:

– Не сакав да го убијам сине, но татко ти ми се закани со развод. Бев приморана да применам драстични мерки.

– За овој ли лист зборуваш? Тука пишува дека си му дала развод, а следниот ден си го нарачала неговото убиство. Престани да ме лажеш!

– Го сакав сине, но тој никогаш не ме засака. Не можев да поднесам да биде со друга жена – му призна.

– Те молам да не се правиш светица, убаво се сеќавам на љубовниците што ги менуваше додека бев во средно училиште.

– Тоа беше твој избор и никогаш не ти се мешав, но убиството на татко ми е нешто што ме засега и мене. Зарем немаш срам и жал за стореното злосторство?

– Тогаш не знаев дека сум бремена со тебе. Да знаев немаше да го направам тоа – сакаше да го фати на сентименталност.

– Кога се роди ти, јас со гордост дозволив да го носиш неговото име и презиме!

– Браво за тебе, навистина си направила голем гест – со сарказам и кажа.

– Сега ќе заминам и никогаш повторно нема да се вратам – енергично рече.

– Немој сине, на кого ќе ја оставам палатата и богатството?

– Тоа не е моја грижа, јас не сакам ништо од убиецот на татко ми!

Тргна кон вратата, а Хелена почна да вика на цел глас. Го молеше и колнеше дека таа ќе си замине од таму и целото богатство нему ќе му го остави. Се растрча по собите како распаметена, му го даде клучот од сефот, а тој го фрли на подот. Не се откажуваше така лесно туку го зеде клучот од подот, го отвори сефот и сите дијаманти ги фрли пред неговите нозе. Ханс без никакви емоции ја гледаше преставата на мајка му, тоа беше вообичаено за неа, секогаш ги добиваше работите на таков начин. Одлуката веќе ја донесе и ја немаше таа сила која ќе го задржи да остане. Одлучно ги зеде подготвените куфери, а со ногата ги расфрли дијамантите по огромниот салон и тргна кон вратата. Само се сврте да и докаже дека навистина ќе си оди.

– Нема да успееш со ништо да ме задржиш мајко!

Таа хистерично викаше на цел глас:

– Не смееш да ме напуштиш, затоа што…

– Што? Слободно кажи! Можеби и мене ќе наредиш да ме убијат?!?

Пред раскошната капија стоеше такси и го чекаше. Ги стави куферите во багажникот и влезе во автомобилот. Немаше желба ниту да погледне назад. Своеволно се откажа од богатството и животот во изобилие, но не беше тажен. Напротив, за првпат во животот почуствува задоволство од својата одлука. Во тој момент неговата слобода му беше најважна, не се двоумеше ниту колебаше. Не знаеше дали некогаш ќе може да прости толку голем грев. Не можеше ниту да ја пријави во полиција, од тогаш поминале триесет и четири години .. Едно поглавје од неговиот живот штотуку заврши, и само со два куфера, малку пари и авионски билет за Цирих требаше да почне нов живот. Се насмеа под брадата и му кажа на шоферот да вози.

Силвана Панева

Напишете коментар