Skip to content

Прокоцкана љубов – Викторија Саздовска

Во чашата стави вотка. Се потпре на креветот и се напи голема голтка вотка, па повлече дим од цигарата. Горчината што настана кога никотинот се измеша со вкусот на пијалакот, се спушташе низ неговото грло. Но ниту таа горчина не беше довола за да заборави на болката во срцето. Не успеа никотинот да ги залeчи раните на душата, но беше олеснување. Не успеаја да се заледат сеќавањата на една љубов. Тагата сѐ уште беше таму, во центарот на неговата душа. Како некој со рамномерни потези, со нож, да му нанесуваше рани на неговото срце. 

Jа навали главата на перницата и повлече уште еден дим. Животот го предизвикуваше да се предаде на привиденијата од спомените, кои сега како завеса се развлекуваа пред неговите очи. Таа ноќ, кога ја испрати својата долгогодишна себична љубов, тој се губеше во димот на цигарите, во вкусот на вотката и ја загуби битката со минатото. По којзнае кој пат се врати во прегратките на неговите сеништа. Ох, Бог е сведок дека навистина ја сакаше, но така станува во животот кога на време не ја искажувме љубовта.

Кога се обидуваме на љубовта со ум да ѝ пристапиме, најчесто губиме. Грешката беше во тоа што тој не го послуша свето срце, туку го послуша егоистичниот човек во себе. Додека земаше уште еден дим гледајќи во таванот се присети на последната средба со неа и нејзините последни зборови упатени кон него. ,,Жалам, веќе имам друга љубов”, рече таа додека го гледаше со предизвикувачки поглед. Му се одмаздуваше за сите мигови кога тој ја раскарвави нејзината душа.

Со стрела како да го погодија право во центарот на срцето. Сеништата почнаа да му го матат умот, но пред сè пиедесталот го зазема чувството на каење. Во тој миг тој да се родеше како чувство, убедливо ќе беше каење. Големо каење. Не можеше да верува дека таа мала девојка му го подарила срцето на друга личност. Практично, тој ја продаде љубовта. Ја стави на пазарот на себичноста и за ниска, речиси никаква цена ја продаде, но себично ја држеше во дланките таа мала, кутра девојка. Не сакаше никој друг да ја почувствува љубовта што таа на него искрено му ја подари. А сепак не ја ценеше ниту пет пари. Се плашеше од тоа дека ќе ја загуби, но сепак не ја сакаше.

Се плашеше да не остане сам во своето дувло, очи во очи со своите недостатоци и себичности, со каењето. И токму тоа се случи. Се прашуваше како може девојката да ги исече сите релации со срцето како никогаш да не постоела нивната љубов. ,,Драги, јас ти кажав дека при најмалата грешка ќе те напуштам кога чашата ќе биде полна. Чашата претече. Жал ми е, но ме загуби. Ако бараш виновник, нурни во твоето битие, бидејќи ти си тој. Ти си криминалецот што ја украде мојата душа, и сега те праќам в затвор. Виновникот си ти”, рече и за последен пат со дланката го погали неговиот образ.

Одмазднички се насмевна и со решителни чекори му го заврти грбот и си замина. Тој остана во маглата на своето бунило. Ја испи и последната капка од пијалокот. Ги затвори очите, но сепак горчината што ја чувствуваше во устата, не можеше да се спореди со пеколот што го носеше во душата. А штета, та немаше ниту солзи за да се изгасне тој пожар во неговото срце. Воздивна.

,,Ја загубив на детски грешки, таа голема девојка која навистина ме сакаше. Боже, прости ми”, рече и ги затвори очите, закопувајќи ја секоја надеж во себе дека пак некогаш некоја девојка како неа ќе влезе во неговиот живот.

Викторија Саздовска

Напишете коментар