Skip to content

Стаклено ѕвоно, фантомски теории, лишување од слобода?

Длабоко сме навлезени во кризата наречена „пандемија“. Општиот впечаток е дека луѓето веќе се навикнаа на целата состојба и како да почнаа да се опуштаат. Што подразбирам под ова? (Не)носењето маски, групирањето и заедничките собири веќе се речиси дел од секојдневието на многу луѓе на кои не им е грижа за вирусот. Веќе се проширија доста теории дека тој е измислен и дека не постои, „намерно нè чувале дома затворени“ или „тој е само фантомски, измислено е неговото постоење за други цели“, се најчестите изговори дека „нам ништо не ни бидува и дека нема шанси да се заболиме од ковид-19“. 

Да ги прашаме сите заболени што го искусија на своја кожа и успеаја да го победат вирусот. Да ги прашаме луѓето што ги закопаа најблиските чиишто животи ги зеде овој смртоносен непријател. Да ги прашаме оние кои се борат за воздух и се приклучени на апарати. После нивното сведочење и нивните одговори можеби сите тие скептици ќе поверуваат дека сепак сето ова што се случува не е фантомско. И дека под знак прашалник се здравјето на луѓето и нормалното живеење. Зарем не ви е доволен доказ затварањето на сите образовни институции насекаде во светот? Како и бројките на заболени и жртви кои не успеале да го победат?

Вонредната состојба и полициските часови случајно да не се спроведуваат дека на власта ѝ дошло да си игра со нас и ќе нè затвори по домовите за некои поголеми цели? Мора да нагласам дека не сум политички определена ниту имам партиска книшка, но јавно изјавувам дека не верувам во овие заговори. Не сакам да си отежнувам и да мозгам за заговори кога и самото сознание дека животите нема да бидат повеќе исти е доволно тешка помисла. Ќе си рече некој, што пишувам? Така драги мои, едноставно е да се помисли дека ништо нема да биде исто после ова. Не е ништо исто ниту во моментов. Потешко е кога ќе мислиш дека сето ова е некоја измислица. Уште потешка е помислата дека некои светски сили ја контролираат и се одговорни за пандемијава.

Полесно за проголтување е сознанието дека неговата појава е природно настаната, иако сепак и тоа го ставам под знак прашалник. Но, одам до тука. Мислата дека никогаш нема да бидеме сигурни во ништо е најгласна. И таа преовладува. Но навистина не сум од оние кои постојано бараат податоци за можни “докази“ поврзани со случувањата. Ниту пак агресивно пребарувам за да откријам повеќе факти или тврдења за сè што се случува(ше). Не велам дека не треба да бидеме информирани и да не следиме, но тврдам дека нема потреба да се преокупираме и оптоваруваме со теории на заговор. Нема потреба ни убедување на другите во што да (не) веруваат. Секој треба да си го оформи својот став, врз база на својот рационален суд и разум. Потоа да си донесе заклучоци.

Најмалку сакам да го наметнам моето мислење, но ете сакам да го истакнам и кажам јавно. Можеби некому ќе помогне или ќе го насочи во размислувањето. Не сум ни од оние што сакаат да дигаат прашина и кажуваат непроверени информации. Не е во ред да се шират дезинформации и да се заплашуваат луѓето околу вас. Не е во ред исто така лажното споделување на вести кои не се потврдени ниту од министерството за здравство ниту од медицинските работници. Самите ние одбираме во што ќе веруваме. Но, не сакам да треба некој од нас да биде жртва, да го искуси на своја кожа па да се увери дека не е фантомски или дека „не постои, намерно нè чуваат дома“.

Сосема е во ред да се појават и вакви мислења, целосно беше очекувано да се зборува сè и сешто, да се правиме експерти на темата и да “знаеме најмногу“ бидејќи некој со слични мислења на нашите нè информирал од сигурни извори. За мене важи она „дела, факти, докази и види со сопствени очи пред да поверуваш“. Меѓутоа, во ниту еден момент не се посомневав во неговата опасност и моќ врз телата во кои ќе навлезе. Токму поради тоа сметам дека треба да биде свеста на луѓето малку повеќе подигната. Сè можеше да почека. И прослави, веселби, празнични собирања, но како да им се одзема „слободата“ на одредени поединци? „Како може да бидеме затворени и да не излегуваме од дома?“ Додека постојат вакви ставови, мислам дека дотогаш ќе продолжи ширењето на короната, за жал. Додека се однесуваме неодговорно и несовесно, ќе трпиме последици.

Единствено што најмногу ме збунува во моментов е ситуацијата со студентите. Како може да полагаат студенти по амфитеатри и да се појават на факултетите кога тие се затворени? Ризикот за нив не постои? Од една страна се укинува државна матура и не се посетуваше настава, а од друга страна не се во можност да подготват онлајн полагање или барем да почекаа да се стабилизира ситуацијата колку-толку, па полагањата да ги пролонгираа за септември-октомври. Зошто да се ризикува здравјето на студентите (посебно на оние кои треба да патуваат за да одат на полагање)? Зошто не може некако да се одложи полагањето, па ете и по цена на подоцна почнување со новата академска година?

На пример кога сесиите би се одржале во септември и октомври, а со предавања во новата учебна година да почнат на крај од октомври?  Пак ќе се постигнеше сè и ќе можеа да стигнат со забрзани предавања. Но, не! Студентите треба да полагаат и да си го доведуваат сопственото здравје во ризик. Ова прашање би сакала да му го поставам најмногу на министерот за образование и на неговата заменичка, а би сакала да го одговори и министерот за здравство бидејќи најверојатно донесуваат заеднички одлуки. Сепак, не било ова потврдено сигурно, туку само им биле соопштени непотврдени информации на одредени факултети како предлог за почнување на полагања од 1 јуни.

Не се врзувам за бројките што покажуваат број на заразени, починати и оздравени бидејќи искрено малку сум скептик за нивната точност. Но не треба многу за да се увиди дека истите тие бројки не се најпозитивни и дека не треба да се опуштаме! Ако сето ова трае веќе речиси 4 месеци кај нас од појавата, не значи дека сме го надминале и победиле! Сè додека не го слушнам/прочитам ова, а да важи за нашата држава: „и последниот пациент се излекува и нема повеќе заразени во последниве дваесет дена“ нема да верувам дека е безбедно да се движиме и собираме како “ништо да не се случувало“.

Кога и сите држави во светот ќе го потврдат истово, тоа ќе значи дека човештвото ја победи битката. Дотогаш, да бидеме разумни, да не дигаме прашина, но и да не шириме дезинформации. Исто така, не смееме ниту да се однесуваме како сè да е во ред, и да не преземаме претпазливи мерки! Бидете разумни и останете во добро здравје. До следно! На здравје паузирање.

Наталија Наумовска

 

Напишете коментар