Skip to content

Васко Караџа – Во брановите на носталгијата

На денешен ден 1923 година, Д’мбени, Костурско е роден Васко Караџа, македонски писател и преведувач од македонски на грчки јазик и обратно.

Починал на 9 февруари 2005 година во Скопје. Васко Караџа бил значаен писател и уважен преведувач од грчки јазик и обратно. Меѓу останатите негови дела, тој е автор на современиот грчко-македонски речник кој бил издаден на 2 јуни во 2009 година во Солун и содржи околу 15 000 збора.

Во 1960 год. во Ташкент излезе неговата прва збирка песни „Стихови“ и првиот грчки превод на Рациновите „Бели Мугри“. Во 1984 година во Атина излезе на грчки јазик во сопствен превод поетската збирка „Миросувањето на вечноста“, а во 1986-та во Скопје збирката „Егејски мотиви“ и во 1993-та збирката „Со Д’мбени во срцето“,(„With D’mbeni at heart“), како двојазично издание на македонски и англиски јазик. Во 1988 год. излегува збирката „Елегии за Родниот крај“. Има преведено повеќе од триесет дела поезија и проза од македонски на грчки јазик, седум книги од грчки на македонски јазик и уште седум поетски збирки од српски на грчки јазик.

За својата преведувачка работа Васко Караџа е добитник на две златни пера и на наградата „Глигор Прличев“ што ги доделува Друштвото на литературните преведувачи на Македонија.

Прочитајте три негови песни кои како што кажува самиот пат брануваат со носталгија за изгубените татковини, соништа, љубови, јазик и напливи на нови желби.

Во брановите на носталгијата

О, бранови бурни, нескротливи
Бранови на нашата носталгија
Неутешна и незгаслива,
За родните ни огништа
Што ги ограбија безмилосно
На носталгијата за изгубените татковини
За нашите со цвеќа засеани ридишта
За планините, за шумите и имотите,
За бистрите извори и полјаните
За нашите светилишта
За нашите свети обичаи
За нашите празници, за ората
О, бранови вечни нескротливи
До кога ли безжалосно ќе нè бие
Вашата горчлива пена изморени и истоштени
Во нашите потонати надежи..
Сожалете нè на крајот од краиштата
И однесете нè во родните места
Да си поплачиме барем за малку
Во една тишина скаменета
Врз раните на неостварените соништа

Ветрови

О, ветрови уривачки
Што ги растуривте
Виденијата на надежите
О ветрови истребувачки
Што нù ги исушивте
Бакнежите на пролетта,
Што нè искорнавте
Што нè истребивте
Откако го разгоривте
Пламенот на некој знак,
За да се потврди пак
Мислата на мудроста стара:
„Само малата тага зборува –
Големата е безмолвна“

О, таго наша бескрајна
Што срцата ранети ги кинеш
А солзите пресушуваат
Заедно со ’ртулците
Во циметовата светлина
Таму каде што останаа
Понекои завеани траги
Од една вечна љубов
За сè што е возвишено
Ах, љубов нерасцутена,
Љубов изневерена…

Прогонет јазик

Заседи му поставуваа
На јазикот мајчин
Во утра и самраци
Зад грмушки и зад авлии
Под дрвја бујнозелени
И прозорци натажени

Ѕун на погромно ехо
Ведрини затемнуваше
И песните приспивни
И песните свадбени
Ги заглушуваше
Со тетор чудовишен
Над живиот збор

Беспредел горчина зацари
Во крајот егејски тогаш
Кога ритери мрачни
Со закон го забранија
Јазикот мајчин

Напишете коментар