Skip to content

На Јоско… ако некогаш заборавиш – Анастасија Лефкоска

  • by

Ни го видов животот. Јас и ти и нашите семејства. Скоро еден автобус. Јас исполнет писател, ти успешен доктор. Двајцата сме многу среќни. Далеку сме одовде. Како филмска лента се премотуваше.  Заминавме далеку, заедно, немавме ништо па полека изградивме, изградивме сѐ од нула. Се помачивме ама, вредеше. Мојата венчавка – јас разлигавена ти – бетер. Среќен ден кај што не можев да го тргнам погледот од прстенот и не можев да си поверувам, среќен ден кај што сите облаци од минатото се расчистија. Среќен ден кај што во една соба ме чекаше љубовта на мојот живот, а во другата брат ми за да ме предаде.

Забавата беше дома. Сите играа, а јас и ти  седнати на троседот, изморени од забавата пиевме шампањ.”Ова е само почеток.” Ми рече и навистина беше. Твојата свадба – ти воспаничен ама и разлигавен, јас – бетер. На плажа сме. Се венчаш, а јас плачам од среќа во првите редови. Забавата е под шатор на плажа. Конечно ми дојде редот да изиграм еден танц со тебе, да те украдам бар на момент и да те потсетам. “Во право беше, ова е само почеток”. Се насмевна и ме заврте.

Доаѓање на децата: И јас и ти неспани, искубани и за никаде. Најдобар вујко на целиот свет, дојден си да ми помогнеш, наоколу врескаат и трчаат и моите и твоите пикавци. “Се сеќаваш кога сонувавме за ова?” Те прашувам и наеднаш се сеќаваме и почнуваме да се смееме, а потоа се затрчуваме и ние. Заљубени. Изгубени. Хаотични. Исполнети. Среќни. Тоа го видов и ме смири.
Ти ветувам дека сѐ ќе биде во ред зошто знам дека сѐ ќе биде во ред. Јас и ти против светот, не заборавај. 

Анастасија Лефкоска

Напишете коментар