Skip to content

Честит 24 Мај – Денот на сесловенските просветители

Ден на сесловенските просветители и учители или Ден на светите солунски браќа Кирил и Методиј е државен празник во нашaта земја кој се празнува на денешен ден (24 Мај). Празникот е во чест на Св. Кирил и Св. Методиј кои се основачи на првата словенска азбука – глаголицата. Тие се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи.  За животот и дејноста на словенските просветители најмногу податоци добиваме од делата: „Панонски легенди“, „Климентовото житие од Теофилакт“, „Климентовото житие од Хоматијан“ и „О`писменех“ од Црноризец Храбар.

Моравската мисија и одбележување на денот

Во XI век Црквата го прогласила 24 мај (11 мај по стар стил) за ден на светите просветители Кирил и Методиј.
Денот во Македонија првпат бил одбележан на 11 мај 1860 година во црквата Св. Богородица во Скопје. Датумот е избран бидејќи го означува датумот кога започнала Моравската мисија.

Иницијативата за оваа мисија ја дал моравскиот кнез Ростислав, кој за да ја стабилизира својата држава на политички план преземел мерки за решавање на црковното прашање. За организација на црквата во својата земја тој побарал помош од Византија. Имено, побарал да му испратат луѓе кои ќе го проповедаат Божјото слово на разбирлив словенски јазик. Уште барал и епископ кој би ја организирал црквата да стане самостојна во однос на Рим. Но, и Византија имала свој интерес па во тоа време на заострување на односите во самата христијанска црква.

За да не дојде до натамошен раскол, му испратиле само учители мисионери, а не и епископ. Тие мисионери биле Кирил и Методиј. Но тогаш Словените немале букви, така што Кирил морал да состави и азбука и да ги преведе неопходните книги на словенски јазик. За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата) и за првите преводи од грчки на словенски јазик, Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината.

Светите браќа пристигнуваат во Моравија, но не се пречекани од сите со воодушевување

Во Моравија, Кирил и Методиј биле пречекани со воодушевување од страна на кнезот Ростислав, но и со жесток отпор од страна на германските свештеници. Тие ги обвинувале солунските браќа затоа што службата ја изведувале на словенски јазик, тврдејќи дека Божјото слово треба да се проповеда само на три јазици: еврејскиот, грчкиот и латинскиот.

Поради ваквите пречки во работата, Кирил и Методиј тргнале за Рим со намера лично пред папата да ја образложат својата дејност и да ги оспорат многуте клевети. На патот кон Рим минале низ Панонија каде што кнезот Коцел бил одушевен од нивната служба и посакал и во неговото кнежевство службата да се изведува на разбирлив словенски јазик. Потоа, стигнале во Венеција каде што Кирил имал остра полемика во одбрана на правото сите народи, за и Словените на свој јазик да ја изведуваат богослужбата.

Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишиме воздух сите еднакво? Па тогаш како не се срамите да признаете само три јазика, а сите други народи сакате да бидат слепи и глуви?“ – им рекол Кирил, додавајќи дека и Персијанците, Ерменците, Арабјаните, Хазарите и другите народи го проповедаат словото Божјо на свој јазик и дека е незамисливо, дури и апсурдно тоа да се прави на јазик неразбирлив за верниците.

Пречекот во Рим со голема свеченост и осветување на преводот и дозвола за богослужба на словенски јазик

Во Рим, браќата биле пречекани со голема свеченост, уште повеќе затоа што со себе ги носеле моштите  на папата Климент I. Поради мудроста и пожртвуваноста на Константин и Методиј, поради нивната мисија за ширење на Христијанството и поради честа која му ја направиле на починатиот папа Климент I, папата Адријан II го ракоположил Константин за свештеник, а неговите ученици за презвитери и ѓакони.

На Константин му било дозволено да изведе богослужба на словенски јазик, црковните книги кои биле преведени на словенски јазик и писмо биле оставени на поклонение во еден од римските храмови, а преводот на Библијата бил осветен од Папата кој дозволил во Велика Моравија и Панонија да се богослужбува на словенски јазик.

Во Рим, Константин тешко се разболел. Се замонашил во февруари 869 година и по педесетина дена починал. Непосредно пред смртта го примил монашкото име Кирил. Неговото тело со високи верски почести било положено во црквата „Св. Климент“ во Рим каде што се наоѓа до денешни дни. Методиј, со архиепископски чин, се вратил во Велика Моравија за да продолжи со мисијата. Заедно со своите ученици, дејноста ја вршел со големи тешкотии поради силниот притисок од германското духовенство, се до смртта во 885 година.

Колку е извонредно важна и суштинска мисијата на светите браќа Кирил и Методиј говори фактот што денес тие се патрони на Европа – признание дадено од Ватикан со цел да се потенцира нивното значење за единството на европските народи.

Св. Кирил и Методиј како тема во уметноста и во популарната култура

Интересно е да се констатира дека македонските современи писатели, особено поетите, им посветиле посебни творби на творците на словенската (македонската) писменост – браќата св. Кирил и св. Методиј и на нивните ученици св. Климент и св. Наум Охридски. Секако, во овој случај предничат творбите што му се посветени на св. Климент Охридски, чија традиција во Македонија живеела низ вековите, а денес како да воскреснува со нови сили и со нов крвоток кој тече.

Свети Кирил и Методиј се јавуваат како тема во бројни дела од уметноста и популарната култура, како:

„Солунските браќа“ (Solunska braća) – песна на српскиот поет Миодраг Павловиќ.

„Браќата солунски“ – песна на македонскиот писател Славко Јаневски од 1966 година.

„Величанија Кирилу и Методију“ – вокална композиција на македонскиот композитор Тодор Скаловски.

Петре Бакевски (Ѕвездата на Константин Филозоф)

Јован Павловски (поема „Строгоста на живеењето” – посветена на св. Методиј),

Тодор Чаловски (Вруток на утока)

Веле Смилевски (Вратени од Ѕап Klemente)

Кирил Бујуклиев (На Солунските браќа)

Напишете коментар