Skip to content

На денешен ден е роден Стале Попов – еден од најплодните романописци во македонската литература

Стале Попов е роден е на 25 мај 1902 година во малото село Мелница, Мариово, како трето од петте деца на манастирскиот слуга Илија Сталев. Набргу умрела мајка му Неда (1908) и малиот Стале останал на товар на татко му и не многу постарите деца – сестрата Трна и братот Ѓуро, а во меѓувреме умреле и двете деца помали од него. Татко му кој цели 18 години бил манастирски слуга, станал поп во Витолиште и заедно со децата се преселил во ова најголемо и централно мариовско село.

Детство исполнето со тежок живот, но и надеж за подобра иднина

Тука Стале го минал детството, годините исполнети со тежок живот и многу мечти за поубава иднина. Помагал во домашните работи, одел по дрва во блиските планини, а во слободното време со другарите ловел риби во блиските реки. Тука го започнал образованието кај учителот Бино, кого подоцна често ќе го споменува во неговите дела. На 14 годишна возраст Стале Попов за првпат го напуштил Мариово и дошол во Прилеп, а потоа се вработил во Плетвар. Во Балканските војни додека вујко му Јован Ѓуров бил кмет во Витолиште, малиот Стале бил помошник писар. Иако поради војните го прекинал школувањето во него не згаснала желбата за образование. Неговите стари, по традиција, биле земјоделци, но меѓу нив имало и школувани.

Уште како дете бил сведок на тешкиот живот на своите соселани, кои живееле ропски живот под турските аги и бегови како обесправена раја. Неговите биле малку поимотни и културно поиздигнати, зашто од нив имало и свештеници. Основно образование завршил во селото Витолиште (Мариовско).
Започнал да учи гимназија во Прилеп, а завршил богословија во Битола и Теолошкифакултет во Белград. Сепак, тој никогаш не се запопил, а пред Втората светска војна работел како земјоделец, дрвар, овчар, трговец, бакал, службеник во тогашната Народна скупштина, општински чиновник, шумар, тутунски работник.

Преселувања и работа како писар

По завршувањето на училиштето и отслужувањето на воениот рок се вработил во општината во Битола, а потоа и како писар во Духовниот суд во овој град со надеж да се запопи и да го замени татка си на парохијата. Но набргу умрела жена му и тој во два месеца службување ја напуштил Битола и се вратил во родниот крај да се грижи за своите мали деца. Но, немирен дух во 1930 година пак го напуштил Мариово и се преселил во Прилеп каде што се вработил во Пореската управа.

И оттука бил отпуштен и кон крајот на оваа година бил преместен во Лесковац каде што работел како полициски писар. Потоа минал во Крушевац, од каде пак се вратил во Битола за, гонет од власта да ја напушти Македонија и да замине во Белград каде што се вработил како висок службеник во Општото одделение на Собранието на Кралството Југославија. Претчувствувајќи го она што набргу ќе се случи точно на 27 март 1941 година го напуштил Белград и се вратил во родното Мариово.

Во текот на НОБ го помагал партизанското движење, додека за време на бугарската окупација на Македонија бил интерниран во Неврокопско (Бугарија). По ослободувањето на земјата Стале Попов станува претседател на Околискиот народен одбор во Прилеп, потоа работи како управник на Шумската дирекција, за потоа, во 1948 година да се вработи како професор по руски јазик во гимназијата „Цветан Димов“ во Скопје. Но кога фондот на часовите по овој предмет бил намален, Стале Попов минал на работа во основното училиште „Браќа Миладиновци“ каде што предавал македонски јазик, историја, биологија и руски јазик.

Од ова работно место заминал во пензија во септември 1959 година. По неуспешното лечење во Интерното одделение на Градската болница во Скопје (октомври 1964) и во Нишка Бања (јануари 1965) починал во Скопје на 10 март 1965 година.

Творештвото на Попов

Стале Попов започнал многу рано да пишува, но како писател се оформил непосредно по Втората светска војна. Првите раскази „Мице Касапче“ и „Петре Андов“ ги објавил во списанието „Современост“. Вистинска литературна афирмација доживеал со својот прв роман „Крпен живот“ (1953). Веднаш потоа напишал цела серија свои дела и станал еден од најплодните романописци и раскажувачи во македонската литература. Следната година го издал вториот дел од „Крпен живот“, како и „Опасна печалба“ (1954).

Две години подоцна го објавил романот „Толе Паша“, а потоа и „Калеш Анѓа“ (1958), „Дилбер Стана“ (1958), „Мариовскиот панаѓур“ (1961), „Мариовски раскази“ и „Итар Пејо“ (раскази).
Во ракопис оставил богато литературно наследство од необјавена проза (раскази и романи): „Шаќир војвода“ (роман), „Необично дете“ (роман), „Доктор Орешкоски“ (роман) и две збирки раскази.

Родната куќа на Стале Попов во с. Мелница

Напишете коментар