Skip to content

Татарот на разделбата

,,Се наведнав и земав едно камче од песокот. Го фрлив кон фонтаната, но тоа не падна таму. Среќата не била пишана… Ја избришав солзата што се стркала и го отворив тефтерот на спомените во мојата душа. Што е тоа болка и која е најтешката болка што еден човек може да ја доживее?

Погледот ти го запомнив. Влеат дека погледот е најмоќното оружје на еден човек. А моите очи тој ден ги следеа твоите, испиени и без живот во нив. Го помнам твојот блед лик. Солзите ми го матеа видот, но сепак го фатив тој последен сјај што профуче низ твоите зеници. Гледаше во мене со голема љубов. Посакуваше да станеш и да ме прегрнеш. Посакуваше да ја имаш истата сила во себе, истата надеж. Посакуваше да ја помирисаш мојата коса, да ги разбрануваш моите прамени со твоите долги прсти. Видов дека посакуваше да го сториш тоа.

Посакуваше да ми кажеш за последен пат колку ме сакаш. Ја фатив твојата дланка бидејќи знаев колку те болеше. На твоето лице се развлече една тажна насмевка. Полека образите ти се набрчкаа кога се насмевна. Сакаше да кажеш некој збор повеќе та зеде здив. Но болката го расече твоето битие и те покори. Крвареше над судбината и јас заедно со тебе. Секогап можев да направам нешто, верував дека се во животот може да се поправи, а сега, бев комплетно немоќна. Силно ти ја стегнав дланката како да сакав да те извлечам од провалијата во која падна.

Посaкував да има магично стапче, да ти ја намалам болката, да ги залечам твоите рани. Но ти продолжи да ме гледаш како да го гледаш најубавото нешто во светот. Се прашувам дали навистина во тој миг мене ме гледаше или некоја силна, бела светлина ти го одвлече вниманието? И зошто одеднаш стисокот на твојата дланка се намали? Зошто повеќе не можев да го почувствувам твојот поглед? Некоја непозната, студена отсутност ме зароби во нејзиното мочуриште. Зошто сета топлина одеднаш замина? Зошто ја снема насмевката од твоето лице? Зошто одеднаш сонцето се скри зад облаците и ситни капки паднаа на твојата коса?

Помнам дека една капка падна на твоите трепки, една на образите и една на усните. Потоа почнаа уште посилно да паѓаат. Утробава се кинеше на парчинња. Како илјадници диви животни мојата надеж да ја дробеа под нивните копита, трчаа низ неа. Како со меч крвнички да ме пробдеа во срцево. Како душава на живо да ми ја вадеа. Како да бев на операција на мојата личност во операционата сала на животот. Со дланката те погалив по образот. Ги затворив очите и ги стиснав усните во права линија. Ја стегнав твојата дланка повеќе од вообичаеното и погледнав кон небото додека капките ме почестија со многу студенило.

Цврсто ги затворив очите. Тогаш музејот на спомените се отвори, кадифената кутија каде ја чувава безбедна љубовта, се распадна. Секое делче од мене крвареше од болка. Тие капки продреа и во мојата душа. Го слушнав грмежот во далечина. Те видов тебе во тој мрак. Се упати таму некаде, без мене. Ја пушти мојата рака и сам продолжи без да се збогуваш. Моите бели дробови добија необична сила. Тоа беше последното нешто то го паметам од тој ден. Мојот крик што следуваше се запиша во тефтерот на животот.

Во тој миг кон небото се вивна грст од тага. Се запиша една молитва во моето распарталено срце. Солзите направија од моето лице водопади. Силата ми беше испиена. Со рацете почнав да те прегнувам, да те обвивам во прегратка. Те преколнував да не заминуваш од мене, но ти замина…”

Извадок од раната во едно срце…

Викторија Саздовска

Напишете коментар