Skip to content

Љубовен парфем – Софија Петковска

  • by

Разбудени чувства,

со мирис на патчули и сандаловина,

прекриени со превез од мошус и кора од портокал,

на дожд од кристали,

нежно танцуваат валцер

опиени од мирисот на кедрово дрво и цимет.

Во допирот од ванила и во здивот од јасмин,

заљубено воздивнува килибарот и патем,

нежно и невино се насмевнува под лимоновото дрво.

Длабоки се погледите нивни,

со боја и мирис на абонос

и во нив се крие грижливо тајната на животот.

Очи во очи,

очи со отсјај на ѕвезда,

се гледаат со љубов

дур танцуваат валцер на патеката од рози.

И времето станува неважно.

И денот се претопува во ноќта,

а ноќта во денот.

И ништо повеќе не е важно

се дур усните се сладат со медовина.

Софија Петковска

Напишете коментар