Skip to content

Се прашувам

Кој/а сум јас?

Си се запрашала некогаш кој/а си ти и зошто си дојден/а на овој свет? Што правиш во моментите кога во твојот изморен ум ти се редат низа егзистенцијални прашања? Се сомневаш во сѐ? Имаш трпение да слушнеш и не избрзуваш со заклучоци? Можеш да поставиш прашање речиси на секое прашање кое ти го упатуваш или ти го упатиле? Се случило некогаш да имаш ментална блокада и да не можеш да се сетиш на нешто многу важно во битен момент?

Си имала ли толку силна анксиозност што предизвикувала силно треперење на рацете, зголемен страв и силно срцебиење? Постојано правиш резиме на денот што изминал и си наоѓаш позитивни и негативни страни од сопствените постапки? Премногу строг и лош критичар си на самиот/самата себе? Или пак си дозволуваш да скршнеш од рутината и да си земеш слободен ден правејќи нешта што те исполнуваат, само за своја душа?

Ноќеска пак заглави со омилената серија или пак читајќи некој роман? Или пак имаше инсомнија поради неуморниот внатрешен глас кој постојано те критикува и те тера на размислување? Како ја победуваш твојата инсомнија или воопшто не се бориш против нејзе? Што те смее, а што те растажува? Која беше последната работа на која искрено се насмеа од сѐ срце? Поради што би се расплакал/а и растажил/а? Кога последен пат плачеше стуткан/а под ќебе на твојата перница? Која е личноста на која помислуваш пред да ти се спушти сонот в постела?

Кое е твоето омилено јадење, а кое не го јадеш воопшто? На каков начин го пиеш кафето, односно го уживаш? Кога за последен пат некој ти донесе појадок во кревет? На која песна можеш да се изгубиш целосно и да речеш дека те носи во сосема нови димензии? Колкупати имаш паднато, а колкупати си станал после секое паѓање? Колкупати се посомнева во себе поради многу нешта? Колкупати се погледна во огледало и си даде позитивна забелешка?

Дали постои една работа која би сакал/а да ја смениш кај себе? Кој ги има клучевите од твоето срце ако постои некој/а таков/таква? Кога ти се заледи срцето и почна да бидеш ладнокрвен/а? Колкупати си простил/а и си се извинил/а кога немало воопшто потреба? Кому последно објаснуваше нешто? Кое е прашањето кое си го постави последно на самиот/самата себе?

Што може да те извади од такт кај друг човек? Што сакаш да запомниш кај/од луѓето? По што ги паметиш луѓето? Дали можеш да се замислиш себе во поинаква средина од оваа во која се наоѓаш? Кога би имал/а можност да бираш помеѓу две зла, кое би го одбрал? Која е најголемата лага што си ја кажал/а на себеси? Кој ти ја нанесол најголемата неправда? Кому ти си нанесол неправда во текот на твојот живот? Дали држиш лутина и дали лесно им се лутиш на луѓето?

Што е потребно за да се насмееш? Што те прави среќен/на? Кој ти е најголема поддршка? Дали се сметаш себеси за успешен/на? Кому си ти најголема поддршка? Си се посомневал/а некогаш во твоето постоење? Дали ги помниш соништата? Кој сон го сонуваше последно? Кога си бил/а најмногу исплашен/а? Дали знаеш да се справуваш со стресот? Што ти предизвикува стрес? Кога последен пат беше инспириран/а и мотивиран/а? Која е твојата внатрешна мотивација за нештата што ги правиш? Која е твојата работа од соништата?

Каде се гледаш себеси за пет години од сега? Дали сакаш промени или се плашиш од истите? Која била твојата најголема промена и каква? Каков наслов би му дал/а на твојот живот ако тој беше роман? Кога чувствуваше потреба да излажеш дека си во ред, а внатре во себе се распаѓаше? Кога се насмевнуваше сосила, додека голташе солзи и душата ти плачеше? Кога ти се случи вистинската (неостварена) љубов? Што би жртвувал/а поради љубовта? Би го жртвувал/а ли својот живот поради друг човек?

Дали би сакал/а да одиш на патување во непознато место, сам/а? Дали би купил/а неповратен билет и би заминал/а да живееш на некое друго место со некој друг и да почнеш сосема нов живот, од почеток? Дали ги прочита сите прашања? Ох, имам уште многу прашања да ти поставам драг читателу, но ти благодарам на трпението да прочиташ до овде. Ти можеби си бил во егзистенцијална криза, можеби си поставуваш себеси многу слични прашања, но тоа е сосема нормално. А, сега пробај одговори барем пола од овие. На тој начин ќе се запознаеш подобро сам/а.

Наталија Наумовска

Напишете коментар