Skip to content

На денешен ден е роден Федерико Гарсија Лорка – мултиталентиран уметник: „Секој чекор ни носи нов свет“

Федерико Гарсија Лорка (5 јуни 1899 – 19 август 1936) е шпански писател, драмски писател, режисер, пијанист, сликар и музичар. Денес, тој се смета за еден од најголемите лиричари воопшто, а неговото творештво извршило значително влијание врз развојот на европската поезија. Во 1923 година ги започнал студиите по право во Гранада философија и право, истовремено учејќи да свири на гитара и на пијано.

Во 1927 година, во Барселона, Дали и неколку пријатели на Лорка организирале изложба на боените цртежи на Лорка. Во 1929 година учествувал на конференцијата во Лицеум-клубот во Мадрид на тема: „Имагинацијата, инспирацијата и простирањето во поезијата“. Пролетта 1930 година, Лорка престојувал во Њујорк и во Куба, каде одржал низа предавања.

Поезијата на Лорка

Своето прво дело Лорка го објавил во 1918 година – збирката песни во проза „Импресии и пејзажи“, а во 1921 година се појавила неговата прва поетска збирка, „Книга песни“. Во 1925 година објавил неколку песни од подоцнежните збирки „Цигански романсеро“ и „Песната на Канте ходно“ и ја завршил драмата во стихови „Маријана Пинеда“ која била поставена на сцената две години подоцна, во режија на Маргарита Хиргу, а сценографијата била дело на Салвадор Дали.

Во 1927 година го напишал есејот „Поетската слика кај Гонгора“, а една година подоцна излегла од печат збирката „Цигански романсеро“, а истата година напишал неколку песни од подоцнежната збирка „Поетот во Њујорк“. Во 1930 година, во Мадрид била поставена неговата пиеса „Чудесната чевларка“; во 1931 година била објавена збирката „Песната на Канте хондо“, како и некои песни од „Поетот во Њујорк“, а истовремено почнал да го пишува циклусот „Тамаритски диван“.

Во 1933 година биле прикажани драмите „Крвави свадби“ и „Љубовта на дон Перлимплин“. Во 1934 година се одржала првата изведба на драмата „Јерма“ и ја напишал поемата „Тажачката за И. С. Мехијас“, која ја прочитал во Мадридскиот театар при стотата претстава на „Јерма“.

Во 1935 година излегле од печат шесте галициски песни, како и неколку газели и касиди, а ја напишал и „Дона Росита или говорот на цвеќето“; во 1936 година биле објавени „Крвави свадби“ и „Први песни“, а пред поетите Гиљен, Алонсо и де Торе за првпат ја прочитал драмата „Домот на Бернарда Алба“. Првите собрани дела на Лорка биле објавени во 1938 година, во Буенос Аирес, а во Шпанија, неговите собрани дела биле објавени дури во 1954 година.

Најпознати негови дела се:

„Песни“ (поезија),

„Цигански романсеро“ (поезија),

„Поет во Њујорк“ (поезија),

„Крвави свадби“ (драма)

„Домот на Бернарда“ (драма).

Најпознати песни на Лорка се: „Неверна жена“, „Тажачката за Игнасио Санчес Мехијас“ и „Романса на шпанската жандармерија“. Во едно писмо, Лорка вака ја опишал својата книжевна постапка: „Сега пишувам поезија за да се отворат вените, со емоција во која се огледува целата моја љубов кон нештата и мојата радост кон нештата. Љубовта на смртта и фарсата на смртта. Љубовта. Моето срце. Така е тоа. По цел ден развивам, како некаква фабрика, поетска активност“.

Во друга прилика, на едно предавање за својата поетика, тој истакнал дека „не верува во уметникот што седи, туку во уметникот кој е постојано во движење“.

Драмско творештво

Лорка бил голем љубител на театарот и делувал како организатор, режисер, сценограф и композитор на драмски претстави. Во 1931 година, заедно со Едуардо Угарте, Лорка бил назначен за директор на универзитетскиот театар „La Barraca“, во кој работел и како режисер. Со театарот, Лорка патувал низ селата ширум Шпанија, прикажувајќи ги претставите на класиците: Сервантес, Лопе де Вега, Тирсо де Молина и Калдерон. Во текот на 1933-1934 година патувал по Јужна Америка (Аргентина, Бразил и Уругвај), а во Аргентина останал цели шест месеци, режирајќи ги своите драми.

Драмското творештво на Лорка може да се подели во две категории: во првата, со дискретност и интелектуална воздржаност, а повремено и со херметичност, тој ја застапува тезата за популарен, комуникативен театар. Втората група ја сочинува трилогијата „Крвави свадби“ (1933), „Јерма“ (1934) и „Домот на Бернарда Алба“ (1936), која го претставува врвот на неговото драмско творештво. Меѓу овие две групи се наоѓаат пиесите: „Маријана Пинеда“ (1933), „Чудесната чевларка“ (1933), „Љубовта на Дон Перлимплин со убавата Белиса во неговата градина“ (1933) и „Дона Розита или говорот на цвеќето“ (1935).

Во драмите на Лорка најчесто се обработени класичниот мотив на растурената свадба, стерилноста на човекот и на институциите и одбраната на моралот. Меѓутоа, овие традиционални мотиви во себе зрачат висока трагика и повеќеслојна поезија. Во нив особено силно се прикажани ликовите на жените, исполнети со трагика, со претчувство на смртта што доаѓа и со чемерна болка. Во тој поглед, Жан Касу вели дека драмите на Лорка се „алгебра на фаталноста“.

Лорка како музичар

Лорка уште како дете покажувал голем музички талент, а подоцна, со години студирал музика и сонувал да постане музичар, а истовремено бил пријател со Мануел де Фаља. Лорка ги собирал и забележувал народните песни кои често ги хармонизирал и обработувал и често ги изведувал на клавир и ги пеел. Поради својата музичка дарба, уште во текот на животот го нарекле „Андалузиски славеј“.

Лорка како сликар

Лорка се занимавал и со цртање. Така, во 1927 година, во Барселона, група негови пријатели, меѓу кои и Салвадор Дали, организирале изложба на цртежите на Лорка. Во 1934 година, за време на посетата на Буенос Аирес, Лорка направил серија цртежи како илустрации на песните на Пабло Неруда. Притоа, на еден од цртежите, Лорка ги прикажал својата и главата на Неруда како се поставени на една маса, облезани со млазеви крв што истекува на подот.

Потезите на цртежот се едноставни, природни, прецизни, чисти и спокојни, со нагласување а темнината на очните дупки на Лорка и густите веѓи на Неруда. А над нив, отстрана во празниот простор, стои профилот на месечевиот срп. Исто како и неговата поезија, и овој цртеж како да ја содржи визијата на Лорка за неговата прерана, трагична смрт.

Прочитајте ја и оваа негова песна на којашто ѝ направив превод: Песна за денот што заминува.

Неколку негови цитати во негова чест:

1. „Како што не се грижев да се родам не се грижам ни за смртта“. 

2. „Мојата поезија е игра. Мојот живот е игра. Но, јас не сум игра“. 

3. „Единствена работа која ме научи животот е дека повеќето луѓе го поминуваат животот затворени дома правејќи ги работите кои ги мразат“.

4. „Народ кој не го поддржува и поттикнува театарот, ако не е веќе мртов, умира. Театарот што не го доловува со смеа и солзи социјалниот и историскиот пулс, драмата на народот, вистинската боја на духовниот и природниот пејсаж нема право да се нарекува тетар, туку само место за забава“. 

 5. „Разбери го еден ден целосно, за да можеш да ја љубиш секоја ноќ“.

6. „Да гориш од страст и да не ја исполнуваш е најболниот начин на кој можеш да се казниш“.

7. „Секој чекор ни носи нов свет“.

Напишете коментар