Skip to content

На денешен ден е роден Томас Ман – добитник на Нобеловата награда за литература

Паул Томас Ман (6 јуни 1875 во Либек-12 август 1955 во Цирих) е германски есеист, романописец и критичар. Негови најзначајни дела се: „Буденброкови“, „Доктор Фауст“ и „Волшебниот рид“. Во 1929 година, Ман ја добил Нобеловата награда за литература, а во 1949 година, Гетеовата награда.

Тој потекнувал од патрициско семејство од Либек, коешто во минатото било моќно. По преселбата во Минхен, Ман станал службеник во едно друштво за осигурување, а потоа се вработил во редакцијата на сатиричното списание Simplicisimus.

На 19 години го напишал својот прв расказ

Пред да се прослави со романот „Буденброкови“, Ман пишувал само кратки раскази во импресионистички стил. Според неговите зборови: „Сметав дека токму психолошките кратки раскази е мојот жанр и не верував дека кога и да било ќе можам и ќе смеам да се зафатам со некаква поголема композиција.“ По преселбата во Минхен, на возраст од 19 години, Ман го напишал својот прв расказ којшто бил објавен во 1894 година во натуралистичкото списание Gesellschaft. По тој повод, Рихард Демел, еден од тогашните најппознати германски поети, му напишал на Ман писмо полно со воодушевување, повикувајќи го на соработка.

Потоа, Ман продолжил да објавува во сатиричното списание Simplicisimus, како и во други списанија, а во 1898 година ја објавил првата збирка новели, со наслов „Малиот господин Фридеман“. Притоа, главните јунаци во неговите први новели обично се отуѓени, осамени луѓе, со искривена природа. Во нив јасно се гледа дарбата на Ман: прецизен стил, смисла за иронија и хумор и способност за впечатливо обликување и на споредните ликови. Во овој период, Ман ја продолжува традицијата на Шторм и Фонтане, но исто така се забележува и влијанието на Гете. Како и на француските романсиери и на скандинавските и руските раскажувачи.

Романот „Буденброкови“ – светска сензација

Најпосле, според сопственото признание на Ман,во неговите рани дела се забележува влијанието на стилот на Ниче во кого тој гледал не философ, туку уметник, велејќи дека „кој Ниче го сфаќа буквално, кој му верува, тој е изгубен“ Во 1901 година, Ман го објавил романот „Буденброкови“ којшто станал светска сензација и го прославил младиот автор. Опишувајќи го пропаѓањето на граѓанското семејство, Ман употребил автентични податоци од животот во својот град, но и некои автобиографски моменти.

Потоа следувала втората збирка новели „Тристан“ (1903) во која се наоѓа и новелата „Тонио Крегер“ која, според неговите зборови, од сè што напишал, му била „најблиска до неговото срце“. Во тој период се појавило и единственото драмско дело на Ман, „Фиренца“, кое повеќе може да се опише како како новела во облик на дијалог отколку како драма. Во 1905 година, по повод стогодишнината од смртта на Шилер, Ман ја напишал новелата „Тежок час“ – мало ремек-дело кое претставува многу субјективна студија за Шилер.

Во 1909 година се појавил оптимистичко-шеговитиот роман „Кралско височество“ во кое на симболичен начин е прикажана кризата на индивидуализмот, а во 1912 година била објавена новелата „Смрт во Венеција“ која го означува крајот на првиот период од творештвото на Ман. Во меѓувреме, во 1911 година бил објавен фрагмент од „Исповедот на измамникот Феликс Крул“, т.е. почетокот на романот на којшто Ман се навратил половина век подоцна, иако и тогаш останал недовршен.

Втора фаза од неговото творештво

Во 1924 година, Ман го објавил романот „Волшебниот рид“ со кој почнува втората фаза од неговото творештво. Всушност, Ман почнал да работи на овој роман уште во 1912 година, но прекинал кога избувнала Првата светска војна. Почетокот на втората етапа била одбележана и со една идила во стихови, како и со расказот „Господарот и кучето“ (1919). Во овој период, Ман почнал да пишува и есеи. Во 1925 година, Ман ја објавил автобиографската новела „Неред и рана болка“. А потоа го заинтересирала старозаветната приказна за Јосиф за која уште Гете сметал дека може да се раскаже поопширно, а благодарение на „епската педантерија“ на Ман, од првобитно замислената новела се родил романот „Јосиф и неговите браќа“.

Ман продолжил да го развива овој роман и во следните 16 години, така што тој прераснал во тетралогија чии делови се појавиле во периодот од 1933 до 1943 година. За време на еден прекин од работата на романот, Ман ја напишал новелата „Марио и магионичарот“ (1929), а во 1940 година, за време на неговата емиграција во Швајцарија, бил објавен романот за Гете, „Лота во Вајмар“. Следната година, додека предавал на Универзитетот Принстон, Ман ја напишал „индиската легенда“, новелата „Заменетите глави“ која авторот ја опишал како „метафизичка шега“.

„Доктор Фаустус“ како “роман на својата епоха“

Исто така, во САД Ман ја објавил и следната новела, „Закон“ (1943), додека својата осуда на нацизмот најостро ја изразил во последниот завршен роман „Доктор Фаустус“ (1947) со кој сакал да даде „роман на својата епоха“, а слична тема обработува и краткиот роман „Избраниот“ (1949). Последната преокупација на Ман била навраќањето кон романот „Исповедот на измамникот Феликс Крул“ во кој „уметноста со помош на травестија се пренесува на граѓанско-криминалното“.

Додека работел на овој роман, во една пауза, Ман ја објавил новелата „Измамена“ (1953), која од тематска гледна точка означува враќање назад во сферата на болеста, но од естетска гледна точка е тешко прифатлива. Самиот Ман признал дека ова дело е „проблематичен производ“, но во оваа скандалозна парабола е раскажана во стилот на класичната новела. Според тоа, иако е најпознат по неговите романи, Ман почнал и завршил како новелист.

Ман бил љубител на сложените психолошки проблеми каде до израз доаѓала неговата вештина за длабока анализа

Притоа, освен индиската легенда и библиската приказна, сите негови новели обработуваат современи теми кои се случуваат во рамките на граѓанското општество. Според неговите зборови, „јас сум дете на германското граѓанство и никогаш не ја одрекував традицијата поврзана со таквото потекло.“ Основната тема во неговите новели е односот на духот кон животот и проблемот на уметникот и, оттука, главните ликови во повеќето негови новели се уметници или писатели, наклонети кон анализа. Поради тоа, во новелите нема многу дејство, туку преовладуваат разговорот и медитацијата.

Ман ги сака сложените психолошки проблеми во кои доаѓа до израз неговата вештина за длабока анализа, а во романите и новелите ги внесол „етиката, музиката и хуморот“. Неговите дела секогаш имаат подлабоко значење, ликовите добиваат симболичка смисла, на етичко-социјалната позадина се истакнуваат хуманоста и љубовта кон човекот. Во уметничката постапка, Ман се држи до стварноста, т.е. аналитичкиот реализам во неговите дела е заснован врз стварните детаљи.

Ман не сакал да измислува, сметајќи дека „човекот не е поет со тоа што ќе измисли нешто, туку со тоа што предметите ќе му значат нешто“. Најпосле, новелите на Ман се одликуваат со извонреден стил и со совршена форма, откривајќи ја вистинската уметност на јазикот.

На овој линк имате пристап до неговите книги на англиски и германски јазик.

Напишете коментар