Skip to content

Пушкин – каменот-темелник на руската книжевност

На денешен ден е роден Александар Сергеевич Пушкин (6 јуни 1799 – 10 февруари 1837) – руски писател кој се смета за најголемиот руски поет, основоположник на рускиот литературен јазик и основач на модерната руска литература. Воедно во негова чест е и роденден на рускиот јазик затоа што неговото дело е камен – темелник на руската книженост.

Пушкин останал рано без родителската грижа и бил воспитуван во кругот на семејството, здобивајќи се со љубов кон книжевноста и учејќи го францускиот јазик. Првата лектира му биле делата на Вергилиј и Хорациј, Молиер, Русо, Расин, Волтер, Державин, Карамзин и Фонвизин. Во неговиот дом често гостувале видните руски писатели. Сепак, најголем впечаток му оставиле приказните што му ги раскажувала дадилката Арина Родионовна.

Стиховите на Пушкин се читале на јавни места и се ширеле меѓу младината

Уште во 1819 година, Пушкин станал член на декабристичкиот кружок „Зелената ламба“. Притоа, неговите стихови се читале на јавните места и се ширеле меѓу младината, разгорувајќи ги бунтовните духови. За тоа сведочат зборовите на декабристичкиот водач Рилеев упатени до Пушкин: „Во тебе се свртени очите на Русија, тебе ти веруваат, на тебе се огледуваат. Биди поет и граѓанин.“ Ова ја налутило владата и довело до негово иселување од главниот град.

Тој најпрво отишол во Кишинев во 1820 година, каде постанал масон. Таму се придружил на „Филики Етерија“ („Друштво на пријатели“), тајна организација чија намера била да ја отфрли отоманската власт над Грција и да востанови независна грчка држава. Пушкин бил инспириран од Грчката револуција и кога завршила војната против Отоманците, тој зачувал дневник со настаните на големото народно востание.

Пријателство со Гогољ и објавување на првата поема

Во 1831 година, за време на зенитот на неговата слава, Пушкин го сретнал Николај Гогољ и двајцата станале добри пријатели и се поддржувале меѓусебно. По прочитувањето на вториот том на кратките приказни Попладневни часови на фармата близу Диканка (изданието од 1831 година), Пушкин го поддржал Гогољ критичк. Подоцна во 1836 година, по основањето на неговото списание Современиот, дал свој прилог на некои од најпознатите приказни на Гогољ.

Во 1814 година, на петнаесетгодишна возраст, Пушкин ја објавил својата прва поема („На другарот стихотворец“,) а следната година, по препорака на професорот Галич, ја напишал песната-химна „Спомени од царското село“, која го претставува неговиот прв поголем литературен успех.

Во 1820, тој ја издал својата прва подолга поема, Руслан и Људмила (започната уште за време на неговиот престој во лицејот), која предизвикала многу контроверзи во однос на темата и стилот. Во 1823 година, по едно летно патување во Кавказ и во Крим, напишал две поеми кои му донеле поширока слава — Заробеникот од Кавказ и Фонтаната на Бахчисарај. Додека бил на имотот на мајка си (1824-1826), Пушкин ја напишал својата најпозната драма Борис Годунов, но добил дозвола да ја издаде дури пет години подоцна.

За време на престојот во Кавказ, тој се заразил со поезијата на Бајрон, која извршила силно влијание врз него

За време на престојот во Кишинев, Пушкин ја започнал работата на романот во стихови „Евгениј Онегин“, дело проникнато со скепса и песимизам на главниот лик. Романот продолжил да го пишува за време на прогонството во селото Михајловско, а создал уште неколку дела.

Михаиловско било пресудно за творечките интересирања на Пушкин, првенствено интересот за фолклорот и историјата. Со нескриено љубопитство, Пушкин ги проучувал пазарите, имотите и црквите, ги бележел гатанките, поговорките, бајките, а многу од нив ги запишал од кажувањата на неговата дадилка, Арина Радионовна. Во едно писмо до својот брат, тој напишал: „Навечер слушам бајки – и со тоа го надополнувам недостатокот од моето проклето образование.

Привлечен од фолклорот, Пушкин напишал неколку статии за рускиот јазик и за руската литература, уривајќи ги последните тврдини на класицизмот и на салонскиот литературен стил. Слично на Данте и на Бокачо, и тој го извлекол на сцената живиот народен јазик и го формулирал концептот на народноста во литературата. Тој народниот јазик го кренал на нивото на јазик на руската проза и поезија.

Драмата „Борис Годунов“, напишана по урнекот на Шекспир, означува нова етапа во творештвото на Пушкин, зашто во неа нема ни трага од романтизмот, а во неа, Пушкин го претставил народот како главен лик. Исто така, како посебна книжевна инспирација во неговото творештво се јавува „малиот човек“ кој се среќава во делото „Мали трагедии“, во поемата „Бронзениот коњаник“ и во „Белкиновите раскази“.

Пушкин се смета за сновач на рускиот реализам, иако во неговите прозни дела има елементи од романтизмот

Пушкин пишувал и проза. Така, во 1827 година, тој почнал да работи на недовршениот роман „Арапот на Петар Велики“, а во октомври 1831 година го објавил своето прво прозно дело, „Белкиновите раскази“, додека во 1834 година се појавил расказот „Дама пик“. Неговото најпознато прозно дело е „Капетановата ќерка“ (1836) кое Белински го нарекол еден вид „Евгениј Онегин“ во проза. Благодарение на овие дела, Пушкин се смета за основач на рускиот реализам , иако Белински посочува дека во неговите прозни дела се наоѓаат и елементи на романтизмот, па дури и на мелодрамата.

Самиот Пушкин ја преферирал неговата новела во стихови Евгениј Онегин, која ја напишал по елементи на неговиот живот и која, почнувајќи ја традицијата на големите руски новели, има неколку главни ликови, но многу варира во тонот и фокусот. „Онегин“ е дело со таква комплексност што, иако долго само околу стотина страници, на преведувачот Владимир Набоков му требале четири тома материјал за целосно да го разбере неговото значење на англиски.

Сказните на Пушкин 

Сказните на Пушкин не се најглавен, но не се ни спореден дел од неговото творештво. И во сказните тој ги поларизира односите, ги контрастира човечките психологии и карактери, и на свој индивидуален начин ги покажува вечните опозиции: добро-зло, убаво-грдо. Пушкин мајсторски раскажува во стих, и тоа е една особеност која се појавува во целото негово творештво, а не само во сказните. Мотивски тој се потпира врз руското фолклорно творештво, врз легендите и преданијата, но и врз сопствената имагинација и сопственото чувствување на јазикот.

Во својата „Сказна за рибарот и рипката“ на алегориски начин и со потсмев проговора за алчноста на луѓето, за онаа безмерна алчност на бабата, која станала болјарка, дури и царица, посакувајќи и златната волшебна рипка да ѝ биде слугинка, иако токму рипката со својата со својата волшебна моќ ја пресоздава од сиромашна рибарка во царица.

Пушкин бил првиот писател кој го употребувал разговорниот јазик во неговите поеми и претстави, создавајќи притоа стил на раскажување помешано со драма, романтика и сатира. Неговото творештво отсекогаш било асоцирано со руската литература и имало големо влијание врз руските писатели, а тој се смета за новатор во руската книжевност во однос на јазикот, стилот и содржината. Особено е плодно неговот лирско творештво, составено од над 800 песни, во кое се обработнеи бројни теми: љубовта, лирските занеси, интимните доживувања, природата, човечките страсти, древното и современото.

За Пушкин кажале:

Уште одамна, Пушкин се смета за камен-темелник на руската книжевност. „Кај нас сè започнува од Пушкин“ се зборовите на Достоевски, изговорени во слава на Пушкин, во 1880 година, а Максим Горки изјавил дека „Пушкин е почеток на сите почетоци.“ Во романот „Браќата Карамазови“, Достоевски вели дека Пушкин се одликувал со „необична длабочина на умот“.

Оценувајќи го делото на Пушкин, Гогољ изјавил: „Во него, како во некој лексикон, е складирано сето богатство, моќ и флуидност на нашиот јазик. Тој поубаво од сите, подалеку ги поместил неговите граници и наубаво го покажал неговото пространство. Пушкин е исклучителна појава, единствена појава на рускиот дух; тоа е рускиот човек во неговиот развиток, во каков тој можеби се појавува само за време од двесте години.

Пушкин не само што претставува великан на руската поезија, туку и на светската поезија од 19 век. Така, по повод еден Пушкинов јубилеј, Проспер Мериме изјавил дека тој бил „најголемиот поет на светот во неговото време.“

Напишете коментар