Skip to content

Ви благодарам што ме научивте како да се сакам себеси

Цел живот растев со чувство дека можам поинаку, дека можам да бидам поинаква, дека можам и подобро, но никогаш не бев целосно задоволна од себе. Патот на созревањето целиот трнлив и исполнет со криви патеки, ме одведе до многу (не)познати дестинации. Никогаш не се каам за ниту еден мој личен избор. За изборите што другите ги правеле место мене, не сум одговорна и не сум можела да ги спречам да ги прават. Но, ако некој друг носел одлуки во мое име, не било поради тоа што сум дозволила, туку поради тоа што биле исполнети со чувство на семоќ, чиниш се божества.

За среќа, не дозволив нивно повторување. Никому не му ја укажувам честа да си игра со моите чувства, диктирајќи како да се чувствувам или однесувам. Можеби бев ранлива, наивно постапував многупати, но само во моментите кога срцето и разумот воделе тешка битка, па некако првото успевало да победи. И сега сум ранлива, но со лузни. Раните ме направија посилна и поиздржлива. Ако некогаш се гордеам со себе, тоа е поради тоа што никогаш не се откажав. Да, знаеле да ме лажат, мамат, но секогаш најпрво се лажеле самите. Можеби мојот изглед никогаш не ме правел задоволна за да чекорам со силна самодоверба. Но кога созреав сфатив дека јас сум многу повеќе од мојот изглед.

Сега чекорам со став, цврстина и удобно ми е во моја кожа. Им благодарам на сите што некогаш се подбивале со мојот изглед иако не пред мои очи туку скришно во нивните мизерни озборувачки мигови. Им благодарам на сите што во тинејџерските години се обиделе да ми ја скршат самодовербата, на сите можни начини. Знаете што? Ви успеа да ме разбудите и да ми ги отворите очите уште повеќе. Јас успеав во намерата да се обидам да се сакам себеси уште повеќе поради тоа. Тешко оди прифаќањето на своите недостатоци, со ова сите можат да се согласат.

Навистина е вистинско мајсторство истите да ги прегрнеш, да ги прифатиш како дел од себе, само оние што не можеш да ги промениш. Тие што можеш – промени ги. Нека имаат за што да зборуваат злобните усти. Секако ќе зборат – по секоја цена. Некои живеат за да бидат присутни во туѓите животи до онаа мера во која не се присутни ниту во сопствените. Знаете што? Воопшто не им придавам значење на ваквите креации од луѓе бидејќи не се достојни за да бидат дел од мојот живот или дел од моите мисли. Имав доволно долга работа на себе, таа уште продолжува. Им благодарам на сите што си заминаа од мојот „свет“, а влегоа непоканети. И на оние што беа поканети, но одлучија дека треба да тргнат по својот пат.

Времињата кажуваат кој навистина заслужува да биде присутен во нечиј живот. И токму часовите поминати во размислување ме научија дека сѐ е минливо. Додека да трепнеш поминало многу, денеска сме тука, а утре веќе не. Бидејќи времето ми отчукува одлучив да се сакам себе. Не за инат на оние што не ме сакаат, не за инат на оние што некогаш се подбивале. Ради нив станав само посилна и научив да се ценам уште повеќе. Или уште подобро кажано – поради себе. Во мигот кога сфатив дека туѓото мислење не може да ми го промени животот, ми беше јасно дека истото тоа не може повеќе да ме допре, ниту да ми влијае на било кој начин. Затоа велам дека „никогаш нема да живеам за другите“, оти секој треба да си живее за себе.

Работењето на себе е долготраен процес, и нема крај. Само оние што не успеваат да работат на себе имаат време за да оправаат туѓи грешки. Само оние што не се зафатени со себеси имаат време да критикуваат други и да наоѓаат замерки. Само оние што не се задоволни од себе и својот живот имаат негативно и лошо мислење за тебе и останатите. Па, и да се задоволни од себе, нивното мислење никогаш нема да биде посилно и порелевантно од сопственото, од она што го имам за себе. Не станува збор за нарцисоидност, горделивост или себичност. Станува збор за почит кон себе. Кој повеќе може да ве познава вас подобро од самите вие? Е токму поради ова јас сум креаторот на она што го викам „сопствен пат“ и нема да дозволам ничија сопка да ми го попречи.

Сум паѓала, сум се сопнувала, но исто толку пати сум станала и продолжила. Им благодарам на сите што ми покажале како не треба некого да сакаш. Им благодарам на сите што ми покажале колку можам некој друг да ставам пред себе, а истото да не биде ценето. Им благодарам на сите поради кои сфатив дека самата себе сум најважна. Им благодарам на сите што некогаш покажале дека им значам, но не го покажале со дела, тоа останало на зборови. Благодарност на сите што се тука само кога некој “важен настан“ ми се случува, а после тоа ги снемува. Вие не сте достојни да бидете покрај мене в тешките моменти.

Им благодарам на сите што сакаат само да се дел од мојот живот кога сум успешна и постигнувам некакви успеси. Вие ми покажавте дека човек не треба да се сака само кога успева и добро му оди, туку дека со оној што ти значи треба да бидеш секогаш, и кога му е тешко и „не му оди“. Им благодарам на сите за секоја искрено подадена рака, а на оние кои со едната ме тапкаа по рамо, а со другата едвај чекаа да ми забијат нож во грб им посакувам среќа и да се пронајдат себе. И да научат да се сакаат, да научат да го одат „својот пат“, а не да прават сопки по туѓи патишта.

Им благодарам на сите поради кои сфатив дека некогаш потешко било да се сакаш себе отколку друг, но било сосема погрешно. Им благодарам на сите искрени луѓе што се дел од мојот „пат“ и што ми ја влеваат надежта во човештвото. Дека сепак постојат добри души, ама се ретки. Е затоа ретките ќе се чуваме и ќе се браниме. Затоа таквите секогаш ќе бидат дел од мојот свет.

Многу лекции научив досега, а ова е само почеток. И претставува едно зрнце од мноштвото зрнца научени нешта. Сепак, најтешката беше да се научам да се сакам себеси. Ви благодарам на сите што ме научивте како да се сакам себеси.

 

Напишете коментар