Skip to content

Љубовната приказна на Хенри Милер и Бренда Венус која започнала на 7 јуни 1976 година

Никој повеќе од Бренда Венус не знаеше што сѐ има во душата на големиот писател, екстравагантниот Хенри Милер. Беше 7 јуни 1976 година кога Бренда Венус го доби првото писмо од Хенри Милер. Таа беше анонимна актерка и балерина, а тој веќе славен писател.

Таа веќе цели 10-тина години ги читаше неговите книги (кои инаку беа забранети во САД), а тој веќе цели 50-тина години пишуваше за нештата од кои на многумина им се згадуваше. Таа немаше никого крај себе, а тој ги имаше и Џун и Анаис (и уште многу други). Таа учеше за љубовта од тоа што тој го пишуваше, а тој пишуваше за она што го живееше – сексуалните скандали, блудноста (личната и на општеството), страста од која не можеше да се воздржи. Таа имаше 20 години, а тој речиси 80.

Премладата Бренда тогаш и немаше други соништа, освен оној – да го сретне Хенри Милер. Веќе стариот Хенри пак, се колнеше дека нема да умре сѐ додека не почувствува љубов која толку ќе го успокои што самиот ќе посака да „заспие“ од среќа. Тој и не знаеше дека Бренда постои, додека таа очајно ја бараше неговата адреса од секој оној кој случајно или не ќе го споменеше неговото име.

Многумина знаеја сѐ за неговата „развратност“, но речиси и немаше такви кои го виделе Хенри во јавноста зашто тој, наводно, со години не излегувал од своето мало тајно живеалиште. Со месеци подоцна Хенри за првпат ќе се појави на една јавна конференција одржана во негова чест, и нормално Бренда ќе направи сѐ за да биде таму, по цена и да го чека пред влезот на салата, за да ја забележи.

Големиот ден, и покрај петдневната несоница, Бренда го дочека во огромна несреќа. Додека нејзината куќа до темел гореше од пожар, заедно со купениот фустан за вечерта, таа плачеше не затоа што остана без дом, туку затоа што ја испушти единствената можност да го види Хенри Милер. Два дена подоцна, во тотален економски колапс и без покрив на главата, задолжувајќи се „до гуша“ кај пријателите, го откупува Хенриевиот последен ракопис на аукција, помирувајќи се дека тоа би било добро за крај на еден сон кој го живее со години.

Писмото што му го упатила

Го прелистува внимателно ракописот, секоја страница и личи на подарок, и…на подот паѓа ливче, едно заборавено писмо кое Хенри го пишувал на некоја Јапонка. На дното на љубовното писмо неговата адреса! Развратник еден. Зар не му беа доволни Џун и Анаис? Па нели му беа тие неговите Венери? – помислува Бренда и веќе следниот миг го зема пенкалото и почнува: „Драг Хенри, веќе шестта година сакам да те видам, не знам зошто но знам дека ти си ми судбина. Не знам зошто, но знам дека ти ќе ме сакаш до болка. Знам дека ти еден ден ќе умреш со моето име на усните…

Хенри никогаш не одговараше на ничии писма, не одговараше ниту на писмата од претседателот, од кабинетите на министрите, никому. Им пишуваше само на оние за кои мислеше дека вреди да се пишува. Веќе следниот ден, 7-ми јуни, Бренда го доби неговиот одговор. „Драга, драга Бренда, немој да си го губиш времето со мене. Ајде да се видиме веднаш.

Средбата се случила во четвртокот на вечера во Империал гарденс на Сансет булевар. И секој четврок понатаму. Така цели четири години.

Помеѓу два четвртока Бренда добиваше од Хенри по три писма секојдневно. Некогаш и по пет во денот. Секако, таа на сите одговараше. Бренда стана центарот на неговиот универзум, најважната жена во животот поради која најпосле немаше време за други жени. „Зошто ме одбра мене?“, му напиша таа. „Затоа што само ти, единствено ти, потполно ја разбираш мојата душа. Дали те сакам? Тоа е како да ти објаснувам дали се движи земјата, дали ѕвездите светат, јас сум таму каде што си ти“, и пишуваше Хенри.

Од дневникот на Бренда

Кога за првпат го сретнав Хенри највпечатливи беа неговите очи. Сини и немирни. Мирисаше на мало детенце, изгледаше неверојатно кршливо. Ја имаше онаа насмевка на устата. Некој ми рече дека секогаш ја имал таа насмевка за да изгледа задоволен од животот.

Редовно се сретнувавме во четвртоците, тоа беа негови единствени излегувања од дома. На Сансет булеварот. Беше премногу слаб. Еднаш заврна дожд и тој ме замоли да го прегрнам. Ме молеше како детенце „стави ме под твојот мантил Бренда, те молам скриј ме под твојот мантил за никој да не види колку ме плаши дождот“.

Ми испраќаше подароци. Некои мали, необични подароци. Некои платна од Јапонија, некои книги од Европа, стилизирани пенкала и слични нешта кои би ме натерале да пишувам. Често ме потсетуваше дека убавината нема да ми остане засекогаш, а тоа напишаното, тоа е таа убавина што останува.

Хенри го сакаше Достоевски. Го сакаше и Пруст. Балзак, бездруго. Го мразеше Хемингвеј. Секогаш кога добивав улога за некој филм, тој негодуваше. Требаше да глумам во Вампирка, прекрасно, секси сценарио, но тој велеше „не сакам ти да бидеш таа. Банално е. Улогата ти е смешна. Улогата ти е навистина глупава“. Му одговорив – „Хенри, тоа ќе ми донесе пари, а ќе видиш ќе биде и забавно“. Но не успеав да го убедам.

Потоа добив улога за еден друг филм во кој требаше да скротувам некој лав во циркусот. Хенри извика – „Боже господе, тоа ќе биде најодвратната улога што би можела да ја прифатиш“. Му реков „ зошто тогаш ти не напишеш едно сценарио, едно од твоите романи па ќе глумам тоа што ти би сакал да бидам“. Хенри се замисли, молчеше десетина минути, па најпосле промрморе. „За да напишам сценарио мора да одиме во Париз.“ Утредента заминавме за Париз.

Што претставувале Џун и Анаис за Хенри?

Џун, таа беше балерина како мене. И актерка, исто како мене. Таа веруваше дека Хенри може да напише книга. Таа го натера Хенри да напише книга. Ако Џун не влезеше во неговиот живот, Хенри никогаш нема да стапнеше во Париз. А ако тој никогаш не стапнеше во Париз нема да постоеше ниту Раковниот напоредник. Никогаш немаше да ја напише.

Анаис, таа беше жената која направи Хенри да стане најголем писател. Ако Џун беше онаа која го „разбуди“, тогаш Анаис беше сигурно онаа која го научи да лета. Барем тоа е мојот впечаток. И ако Хенри Милер никогаш немаше да биде тоа што е без Анаис, тогаш ни Анаис Нин никогаш немаше да стане писателка без Хенри Милер. Тој направи сѐ за нејзината кариера. Беше премногу великодушен кон неа.

Хенри сакаше да ми зборува долго за Џун и Анаис. Мислам дека Џун ја сакаше повеќе од Анаис, за неа зборуваше многу повеќе и многу подолго отколку за Анаис. Хенри ги сакаше жените. Ги почитуваше жените. Го сакаше и начинот на кои тие одеа, нивниот парфем, гестикулациите, движењето на рацете, косата, женската кожа. Не се наоѓаат многу мажи кои на ваков начин ги сакаат жените. Барем јас не познавам никој друг. Главно мажите поинаку ги сакаат жените, или сакаат да ги однесат во кревет, или сакаат да направат трофеи од нив. Не јас навистина не познавам никој друг кој знае да сака како Хенри.

Уметноста еднаква на живот

Уметноста беше неговиот живот. Пишуваше наутро, а попладне сликаше. Од дете прекрасно свиреше пијано, тој имаше безброј таленти. Во младоста бил одличен атлет, нешто подоцна првак во пинг понг. Беше најдобар велосипедист во генерацијата. Пливаше со часови. Хенри го сакаше животот. Сакаше да вечера со најблиските пријатели, да испие шише вино, а овошјето го јадеше со сирење. Сакаше јагоди со шампањско. Знаеше да ве насмее до солзи. Имаше извонреден смисол за хумор. Знаеше и да готви и уживаше да готви.

Моето семејство беше луто на мене. Мојот татко е Сицилијанец, а мојата мајка по потекло е Индијка. Кога за првпат го спомнав Милер првата реакција беше ваква: „Ох, душо тој е прекрасен!“. Вторпат кога го спомнав: „Знаеш мама, ние сме добри пријатели и постојано си пишуваме писма“ тие беа радосни што јас го познавам НЕГО. Веќе третиот пат беше страшно: „Бренда, луѓето зборуваат дека ти и Хенри сте во врска. Луѓето зборуваат дека ти имаш односи со еден старец кој би можел да ти биде прадедо!“. Татко ми никогаш не престана со оваа приказна. Беше ужасно лут на мене, никогаш не ми прозборе.

Моите родители се од оние луѓе кои од мала ме учеа да бидам добра домаќинка, да се омажам добро, да бидам верна, па едноставно Хенри не може да го „проголтаат“. Ме мразеа што е така. Мразеа да го спомнам неговото име. Мразеа што ги разочарав. Години подоцна, мајка ми се согласи да дојде да ме посети. Татко ми никогаш повеќе не стапна во мојот дом. Знаете каков може да биде еден вистински Сицилијанец.

Каква била нивната врска?

Тоа ми се случуваше секојдневно. Луѓето ме гледаа со презир, со прстот покажуваа на мене, еве ја, таа е новата курва на Милер. Премлада е за него. Не е вистина дека никогаш не се допреле. Не престанував да им велам – „Не, вие навистина ништо не разбирате! Не е тоа што вие мислите. Јас и Хенри не водиме љубов. Нашата врска е врска на две срца.“ Мислите ли дека некој ми веруваше?

Еднаш и навистина го прашав „Хенри, што мислиш тој за тоа…што би се случило ако ние водиме љубов?“ Тој ми одговори – „Бренда, јас навистина не би можел тебе да те допрам. Сигурен сум дека ако само те допрам ќе умрам. Ете тоа би се случило“.

Каква била нивната љубовна врска?

Во четиригодишниот страсен, заносен, болно-љубовен период на Хенри Милер и Бренда Венус тие меѓусебно си размениле 8.808 љубовни писма. 192 средби во четврток навечер, едно десетдневно патување во неговиот омилен град Париз и едно еднодевно патување кај тогаш најпознатиот астролог за да им открие дали навистина тој и таа се тоа што се вика судбина. Седум бакнежи во образ и 192 стегање за рацете, веројатно два пати повеќе на силни прегратки (при излегување и при влегување во ресторанот). И ништо повеќе од тоа.

Хенри Милер авторот на најсекусалните дела од минатиот век, махерот за секс скандали и куп т.н вулгарности немаше никаков интимен контакт со судбината на неговиот живот Бренда Венус.
На 7 јуни 1980 година почина Хенри Милер, мирно во својата постела, во куќата на Пацифик Палисејдс, на истиот ден кога точно пред четири години го испрати првото писмо на Бренда.

Го најдоа со широка насмевка на лицето и со пенкало во раката. И пишувал писмо на Бренда, неговото последно писмо за неа, во најголем наплив на среќа од која можеби, како што некогаш се колнеше, самиот посакал да се успокои. По неговата смрт Бренда Венус не љуби никого.

Напишете коментар