Skip to content

На денешен ден е родена Маргерит Јурсенар која била прва жена примена во француската академија

Маргерит Јурсенар (Брисел, 8 јуни 1903 – Маун Дезерт, Мејн, 17 декември 1987), француска писателка, романописец, есеист, драматург, била прва жена примена во француската академија (1980). Јурсенар била родена како Маргерит Антоанет Жан Мари Жислен Кленверк де Крајенкур во Брисел, Белгија. Нејзиниот татко Мишел Кленверк де Крајенкур, бил припадник на француската буржоазија, а мајка ѝ, Фернанд де Картие де Маршиен, била белгиска аристократка која починала 10 дена после раѓањето на Маргерит. Таа пораснала во домот на нејзината баба, мајката на татко ѝ.

Во 1929 година, го објавила својот прв роман „Алексис или Залудната борба“, инспириран од Андре Жид. Го превела делото Бранови на Вирџинија Вулф во рок од 10 месеци во 1937. Својот најпознат роман „Мемоарите на Хадријан“ којшто со паузи го пишувала десет години, го објавила во 1951 година, во Франција. Романот веднаш доживеал голем успех и бил прифатен од страна на критиката.

Во него Јурсенар го опишува животот и смртта на еден од најголемите владетели на античкиот свет, римскиот цар Хадријан, кој му пишува долго писмо на Марк Аурелиј. Императорот медитира за своето минато, опишувајќи ги своите триумфи и порази, својата љубов кон Антиној, и неговата филозофија.

Македонскиот автор Никола Маџиров ја доби значајната европска книжевна стипендија „Маргерит Јурсенар“ за 2013 година, под покровителство на Генералниот совет на северниот дел на Франција. Стипендијата се доделува исклучиво на европски автори – романсиери, поети, раскажувачи, драматурзи кои имаат издадено дело во некоја европска издавачка куќа и објави на француски јазик. Стипендијата вклучува и едномесечен книжевен престој во Вилата „Маргерит Јурсенар“ во 2013 година, лоцирана на имотот на семејството Јурсенар во северниот дел на Франција, каде што творела и светски признатата француска авторка Маргерит Јурсенар (1903-1987).

Јурсенар на француски преведувала американски класици, грчка поезија и јапонска литература.

На следниот линк можете да го прочитате освртот за нејзиното дело: „Мемоарите на Хадријан“.

Напишете коментар