Skip to content

Чарлс Дикенс кого го нарекле книжевен гениј починал на денешен ден

Чарлс Џон Хафем Дикенс (7 февруари 1812 – 9 јуни 1870) бил англиски писател и социјален критичар. Тој е автор на едни од најпознатите светски ликови и дела, а се смета за еден од најголемите писатели во Викторијанската ера. Неговите дела имале голема популарност своевремено, а веќе во 20 век научниците и книжевните критичари го признале како книжевен гениј. Дикенс бил роден во Портсмут. Тој го напуштил училиштето за да работи во фабрика во период кога неговиот татко бил затворен. И покрај недостатокот на образование, тој бил уредник на неделник цели 20 години. Напишал 15 романи, пет новели, стотици кратки раскази и статии, држел предавања. Бил борец за правата на децата, образованието и социјалните реформи.

Познат по својот хумор, сатира и детален приказ на ликовите и општеството

Успехот на Дикенс започнал во 1836 година со издавањето на Посмртните записи на Пиквичкиот клуб. За неколку години тој станал светска книжевна ѕвезда. Бил познат по својот хумор, сатира и детален приказ на ликовите и општеството. Неговите романи, повеќето објавени во месечни списанија или неделници, биле пионери на сериското издавање на еден расказ, што пак станало доминатен начин за издавање еден роман во Викторијанската ера. Овој начин на издавање му дало можност на Дикенс да ја испита реакцијата на публиката за претходното објавено дело и така често ги поправал своите ликови или приказни во согласност со реакцијата на публиката.

Дикенс се сметал за книжевен големник во неговата доба. Неговата новела од 1843, Божиќна приказна, сѐ уште е популарна и ги инспирира љубителите на различните уметности. Оливер Твист и Големите исчекувања исто така се доста популарни и се обработуваат во училишта ширум светот. Но тие се исто така важни за деталниот приказ на Лондон и Викторијанска Англија. Дикенс добил пофални критики од голем број светски книжевни џинови, почнувајќи од Лав Толстој па сѐ до Џорџ Орвел на пример.

Дикенс имал објавено повеќе од 12 романи, голем број на кратки раскази и статии, неколку драми и слично. Некои од позначајните дела на Дикенс се:

Посмртни записи на Пиквичкиот клуб (The Posthumous Papers of the Pickwick Club, април 1836 – ноември 1837)

Оливер Твист (Oliver Twist, февруари 1837 – април 1839)

Николас Никелбај (Nicholas Nickleby, април 1838 – октомври 1839)

Старата антикварница (The Old Curiosity Shop, април 1840 – ноември 1841)

Барнаби Раџ (Barnaby Rudge, февруари – ноември 1841)

Божиќна приказна (A Christmas Carol , 1843)

Мартин Чазелвит (Martin Chuzzlewit, јануари 1843 до јули 1844) и други.

Напишете коментар