Skip to content

Пиши ми – Менче Кадинец

  • by

Беше милозлив, беше добар. Беше среќна. Си седеше Марија на терасата, а како на филм се нижеа случувањата. Сакаше да пишува, ама сакаше и некој нејзе нешто да ѝ пише. Тоа утро го пиеја своето кафе: “Знаеш што миличок, напиши ми  писмо, сакам писмо, ме сакаш нели!” Знаеше Марија дека тоа не го привлекува, ама сакаше да види на хартија напишани убави зборови од него за себе. Ја погледна со љубов: “Марија да не ми се смееш после тоа!” Не, те сакам знаеш, зарем топли зборови не можеш да ми напишеш”. А тој се замисли со љубовен поглед ја обви.

Првпат напиша нешто во својата  срамежливост, а таа со душа ги  чекаше зборовите негови. Беа топли, нежни, душата си ја даваше и таа го сакаше. Ја сакаше неговата цврста рака, топлината на неговото тело, ја сакаше лутината негова, налутениот глас. “Те сакам Марија”. И тоа напишано на две страници. “Сакај ме и ти”, и тоа напишано на две страници. Марија беше среќна, си велеше нема потреба од повеќе! Минуваа годините, топли, среќни, со вообичаени проблеми. Животот се промени. Марија остана сама со децата. Како вејка на ветрот сега се нишаше и сонуваше за неговиот топол или лут збор.

“Ајде напиши пак нешто топло мило, нека биди и луто, навредливо, повредливо”, си мислеше или те молеше. Ајде  појави се, запали  го пампурот, си велеше, трчаше од соба во соба, само спомени, спомени, ајде пиши ми, пред Господ го молеше…. Така зашеметена, изгубена спокој немаше. Седна на терасата. Размислуваше како сега ќе живее. Комшивката од другата страна ѝ рече: “Дојди, дојди, ајде ќе поседиме, да не бидиш сама”. “Не, не, не можам”, одговори. Ја болеше зборот, душата ѝ липаше. По кој знаe кој пат го читаше ракописот негов, писмото до нејзе, иако ја болеше.

“Можеби пак ќе ми напишеше нешто”, си рече. Се редеа деновите празни, бесцелни, тешко се соземаше.” Тоа тешко чувство, тоа болно чувство си мрмореше”, кога гласот како да ѝ липаше, и не можеше да зборни. Ја завитка црната шамија околу глава, така цврсто ја стегаше на главата, небаре ќе одлета. Како да го допираше него: “Ох, Боже дали ова чувство го имале и други?”, си зборуваше. Сепак наеднаш како да се пробуди. Децата, децата, ѝ провеа мислата низ главата. “

Што правам јас, сама си зборуваше?”. Помисли како им е нив. Се прибра во мислата, се прибра во домот, ги повика децата. “Ќе бидеме храбри мои деца, знам дека Ви е тешко, да продолжиме понатаму, животот ни тече, имате обврски”, им се обрати со понос, ги прегрна. Го прочита уште еднаш неговото писмо, им го подаде и на своите деца, собра храброст и гордо ја крена главата: “Те сакам и ме сакаш, ќе ги чувам со љубов нашите деца, мил мој”. Седна на масата и го напиша тоа на две страни.

 Менче Кадинец

Напишете коментар