Skip to content

Кочо Рацин – еден од основоположниците на современата македонска книжевност

Koчо Рацин или Коста Солев (Велес, 22 декември 1908 – Лопушник, 13 јуни 1943) е македонски книжевник и социјалистички деец, најпознат по својата поезија. Се смета за еден од основоположниците на современата македонска книжевност, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ (Загреб, 1939) претставува едно од најзначајните дела во современата македонска поезија. Освен со поезија, Рацин се занимавал и со проза. Напишал и неколку значајни трудови од областа на историјата, филозофијата и книжевната критика.

Прекарот Рацин доаѓа од неговата сакана Рахилка Фирфова – Раца. Рацин кратко време користел и друг псевдоним, Невен Пејко, кој го зеде од неговата втора љубов – Невенка Вуиќ. Сè уште не се разјаснети сите подробности околу неговата смрт, поради што постојат сомневања дека бил убиен.

Творештвото на Кочо Рацин опфаќа неколку области: поезија, проза, историски списи, филозофски списи, литературна критика и есеи. Својот најголем придонес го дава во областа на поезијата, особено со својата стихозбирка „Бели мугри“, објавена во Загреб, во 1939 година. Неговите придонеси и во останатите области се важни, но тие главно се во сенка на неговото поетско творештво.

Поезијата на Кочо Рацин

Рацин започнува да пишува поезија во 1928 година. Од февруари до јули на својата љубов Рахилка Фирфова ѝ ги посветува своите љубовни стихови со крв и мастило на 31 дописна картичка и стихозбирката „Антологија на болката” останата во ракопис. Картичките денес се чуваат во Архивот на Македонија. Песните главно се напишани на српскохрватски јазик, освен шест, кои се напишани на бугарски („Разнеженост“, „Рухнаха се надеждите мои“, „Плач в безмощие“, „Все пак…“, „Мечти в полунощ“, „И пак тъга раздира ми гърдите“).

Истата година во двобројот за октомври-ноември на загрепското списание „Критика“ е објавена неговата прва песна, „Синови глади”, напишана на српскохрватски јазик. Од мај до октомври 1930 година во сараевското списание „Снага” објавува четири песни: „Из фабрике”, „У предвечерје”, „Челичном строју” и „Бити човек”.

Во 1932 година во Скопје Рацин објавува заедничка стихозбирка со студентите на Филозофскиот факултет во Скопје, Јован Ѓорѓевиќ и Александар Аксиќ, на српски јазик под наслов „1932“. Во оваа збирка е објавена една од Рациновите најсилни песни „Ватромет”. Следна песна која ја објавува Рацин е песната „До еден работник”, која е прва песна на Рацин на македонски јазик, а ја објави загрепското списание “Књижевник” во 1936 година. Во 1937 година, по повод загинувањето на велешанецот Ганчо Хаџипанзов во Шпанската граѓанска војна, ќе ја напише „Испанска балада“, а во 1938 година ја објавува песната „Смртта на астурискиот рудар“ („Смрт астуриског рудара“).

Најголемиот успех го постигнува во 1939 година со стихозбирката „Бели мугри”. Стихозбирката е испечатена во 4.000 примероци и се растура по цела тогашна Југославија и во Пиринска Македонија, постигнувајќи голем успех. Треба да се спомнат и двете стихозбирки „Македонски народноослободителни песни“ чиј уредник е Рацин. Првата излегува од печат на денот на неговата смрт, 13 јуни 1943 година, додека втората е објавена набрзо потоа.

Прозата на Кочо Рацин

Рациновиот прв објавен прилог е неговата прозна исповест „Резултат“, објавена во двобројот за август-септември 1928 на загрепското списание „Критика“. Во 1932 година учествува на конкурсот на загрепската „Литература” и е награден за својот расказ „У каменолому“, кој подоцна е и објавен во ова списание. Во 1933 истото списание објавува фрагменти од неговиот роман „Опиум“ (преведен како „Афион“ на македонски). Овој роман Рацин почнал да го пишува околу 1931 година, но ракописот настрадал при провалата и апсењето на Рацин. Другите раскази на Рацин се: „Тутуноберачи“ (1937), „Пладне“ (1937), „Еден живот“ (1937), „Златен занает“ (1939), како и „Татко“ и „Радоста е голема“, кои се објавени подоцна.

Во чест на Кочо Рацин од 1964 година во Велес се одржува поетската манифестација „Рацинови средби“, која од 1992 стана поетска манифестација на балканско ниво. Родната куќа на Рацин во Велес во 1956 година е претворена во спомен-музеј. Во 1952 година Трајче Попов ја снима филмска поема „Бели мугри“ врз основа на стиховите од истоимената Рацинова стихозбирка. Во 2007 година, на денот на загинувањето на Рацин е промовиран филмот „Елегија за тебе“, авторски проект на Васил Зафирчев и Данчо Стефков. Исто така е изграден споменик на Кочо Рацин.

Во негова чест повеќе основни и средни училишта го носат неговото име

Студентскиот дом во Битола го носи името „Кочо Рацин“.
Центарот за култура во Кичево го носи името „Кочо Рацин“.
Центарот за култура во Кочани го носи името „Бели Мугри“ во чест на неговата единствена збирка-поезија.
Во Хрватска, секоја година се одржува манифестацијата „Денот на Рацин“, со пригодни чествувања во Загреб и Самобор.

Секоја година, во недела, околу датумот на неговото загинување, 13 јуни, на планината Лопушник, се одржува планинарски марш во негова чест „Цвеќе за Рацин“ во организација на ПЕД „Ендорфин“ и ПСД „Бистра“ од Кичево.

Поштенска марка од 1983 со ликот на Рацин

Поштенска марка од 1983 со ликот на Рацин

Прочитајте и што рекол Рацин за македонската самобитност?, а на следниот линк чујте и негови стихови објавени на каналот Слушај поезија (и други приказни).

Напишете коментар