Skip to content

По тешко боледување почина еден од најчитаните шпански писатели – Карлос Руиз Зафон

На 55 годишна возраст после тешко боледување, еден од најчитаните и најпознати шпански писатели Карлос Руиз Зафон ја изгуби битката во борба со ракот на дебелото црево. Тој починал во Лос Анџелес, Америка во неговиот дом.

„Секоја книга, секој том што го гледаш, има душа. Таа е душата на оној што пишува и душата на оние што читаат, живеат и сонуваат со него“ – е цитатот што беше објавен на официјалната фејсбук страна од писателот каде што денес првично беше соопштена тажната вест.

„Продолжуваме да сонуваме со сите негови книги и со секој негов напишан збор. Ќе те помниме засекогаш, Карлос“ – стои во крајниот дел од краткото обраќање од споменатиот извор.

„Ние изгубивме еден од најчитаните и најобожуваните шпански автори. Карлос Руиз Зафон, романсиерот на нашата епоха, кој даде значаен придонес кон модерната литература“, напишал шпанскиот премиер Педро Санчез на неговиот Твитер профил.

Кратка биографија и творештво

Роден е во Барселона во 1964 година, пред да дебитира со неговиот ракопис од 1993-та година работел во сферата на маркетингот.

Својата кариера ја започнал со Принцот на маглата за кој ја добил наградата Edebe за најдобар младинско-возрасен роман. Следната година го објавува вториот роман, Полноќна палата, а веднаш по него, во 1995-та година, и третиот младинско-возрасен роман, Септемвриски светлини. Овие три негови романи спаѓаат во Трилогија на маглата. Тие се независни приказни обединети во серијал од три книги кои се поврзани со мотивите море, светлина и темнина, сеништа и тајни. Четири години по објавувањето на третиот роман, го објавува четвртиот и (засега) последен младинско-возрасен роман, Марина во 1999-та година, роман за кој самиот рекол дека „од сите книги кои ги објавив откако се обидов, во 1992-та година, во чудната професија романописец, Марина ми е една од најомилените.“

Тоа е можеби затоа што додека го пишувал истиот во периодот од 1996-та до 1997-та година, засекогаш се збогувал и оставил некој дел од него засекогаш заробен во книгата, како што изјавил самиот тој.
Својот прв роман за возрасни, Сенка на ветрот, го напишал во 2001 година и се здобил со многу меѓународни признанија и пофалби од критичарите ширум светот. Тој стана еден од најчитаните романи во последните неколку години на шпанската и европската книжевност.
По неколку години, Зафон го објавил и вториот роман за возрасни, своевидно продолжение на Сенка на ветрот, Играта на Ангелот, кој исто така доживеал голем успех и го потврди значајното место на Зафон во книжевноста.
Овие шест негови дела се преведени на македонски јазик во издание на Матица.

Ќе остане во сеќавање

Денешниот ден е тажен за љубителите на неговите дела. За жал никогаш нема повторно да можеме да прочитаме нешто ново од него. Останува да се читаат делата што ги остави зад себе и пишанот спомен ќе се одржува вечно жив. Несомнено е дека тој остави книжевен белег не само во шпанската и европската туку и во светската литература. Карлос, почивај во мир!

Напишете коментар