Skip to content

Борис Вијан – надреалистички писател и француски џезер

2020 се славеа сто години од раѓањето на Борис Вијан (Вил д’Авре, 10 март 1920 – Париз, 23 јуни 1959) – француски писател, поет, музичар, пејач, глумец, пронаоѓач и инженер.

Роден е на денешен ден. За жал, починал многу млад во Париз во 1959 година на 39 годишна возраст од срцев удар за време на проекцијата  на филмската верзија на неговата книга „Ќе плукам на вашите гробови“.  Целиот живот страдал од срцева слабост за на крај да заврши трагично, но иако млад оставил зад себе големо творечко наследство, под влијание на американската книжевност на чијашто бил љубител.

Пишува скоро во сите книжевни жанрови, а истовремено пишува и театарски претстави и филмски сценарија.

Тој бил писател, поет, музичар, пејач, глумец, пронаоѓач и инженер, но денес е најпознат по своите романи. Објавувал под разни псевдоними (преку 30), а како Вернон Саливен објавил бизарни романи, пародии на кривични фикции, многу контроверзни во времето на нивно публикување кои го однеле на суд, но и му донеле големи приходи. Објавувал и под своето право име, со карактеристичен високо индивидуален стил на пишување, со бројни измислени зборови, игра на зборови и имал надреалистички пристап.  

Инжинер со голем иновативен ум

Борис Вијан по образование бил инженер и како таков работел во Француската асоцијација за стандардизација која го ограничувала.  Затоа го напишал својот сатиричен роман „Веркокен и планктонот“ (“Vercoquin et le plankton”) на своја дваесет и три годишна возраст.

Кога имал седумнаесет години, Вијан го слушал Дјук Елингтон и тогаш, импресиониран од неговата музика, научил да свири труба. Пројавил интерес за американската култура.

Поет, писател, музичар и иноватор

Пишува стотини песни, развива кариера на пејач во кабаре, глуми во филмови, стигнува да пишува критики за француски магазин посветен на џезот. Во рок од две години пишува романи, едно ремек-дело „Вадисрце“ во 1946 година, а следната година, под псевдонимот Вернон Саливен, ја пишува  крвавата приказна „Ќе плукам на вашите гробови“. Овој насилен роман на Вијан бил забранет, а авторот бил казнет со 100.000 франци. Не се смирил и под истиот псевдоним напишал уште два шунд романи. „Ќе плукам на вашите гробови“ следи убиец, американскиот афроамериканец Ли Андерсон кој се одмаздува заради линчувањето на помладиот брат така што силува и убива бели девојки.

Според Џемс Болдвин, американски писател, суштината на таа книга не е во сексуалното иживување, туку зборува за гнев и болка. „Вијан (за тој гнев) можел да чуе во музиката на обоените во подрумите и баровите на тогашниот Париз. Можел тоа да го сознае и од Вилијам Фокнер, Ричард Рајт и Честер Хајмс, но тој тоа го чул во музиката и сигурно го видел на улиците“ забележал Болдвин.

Француска џез – сцена

Вијан исто така извршил влијание на француската џез-сцена. Напишал неколку критики за џез-сцените во Париз и објавил бројни статии кои се занимаваат со џезот како во Соединетите Американски Држави така и во Франција. Неговата музика и песни се популарни во текот на неговиот живот, а особено антимилитаристичката песна „Дезертерот“ (Le Déserteur).

Преведен е на македонски јазик и во издание на издавачката куќа Или-Или се овјавени неговите романи “„Ќе ви плукам на гробовите“ издадена 2010 година „Вадисрце“ издадена во 2009 година, „Пената на деновите“ издадена во 2010 година, и „Есен во Пекинг“ издадена во 2011 година. Се надеваме дека ќе ги прочитате и ќе уживате во овие несекојдневни дела кои пленат со својата бизарност и игра со зборови, кои се сметаат за класици на современата книжевност.

Напишете коментар