Занимливости и информации Колумни

Не знаеме ред да чекаме како луѓе, ќе сме влегувале во ЕУ

Инспирирана од тазе случка што ја посведочив во живо имам потреба да го искажам својот став (читај револт) што ми се насобра додека немо посматрав и од страна набљудував што се случува пред моите очи. Имено, случкава се „одигрува“ пред влез на карго дуќан (на некои педесетина метри од мојата зграда,  и преку прозор имам поглед токму пред истиот влез), каде што моја блиска особа појде да подигне нешто и застана во ред. Минувајќи покрај прозор во собата, ми текна дека таа појде натака, па љубопитно погледнав за да видам што се случува таму. Имаше што да видам, наместо редица од луѓе стрпливо застанати еден зад друг со растојание предвидено и препорачувано (и досега многупати спомнувано насекаде) моите очи гледаа толпа од минимум шестмина кои беа застанати толку блиску еден до друг што ми се чини дека беа толку доближени што си дишеа во врат. Одма тука ми дојде мислата: „Зошто всушност ви служат маските што ги носите на лицата во ова прежешко време и ве потат, кога самите вие правите да ви е неудобно и не држите дистанца едни од други?“. Додека ги гледав имав таков порив да слезам и да појдам да им го кажам истово, но после си реков: „Кому ќе го кажеш ова кога иако го знаат, ќе се прават дека не те разбираат?“. Ми се поставува прашањето зошто толку се правиме цивилизирани, модерни, културни граѓани кога основните непишани „правила“ не ги почитуваме? Не сакаме, а не дека не можеме да држиме нормална дистанца, а сакаме да појдеме преку ред, само да прашаме нешто. Драги луѓе, со вакво однесување не заслужуваме да влеземе никаде, најмалку па во ЕУ. (Слободно критикувајте вие поддржувачи на оваа идеја, мене ми е сеедно каде ќе влеземе и за колку време). Со влегување преку ред, со туркање и изговор „само да прашам“ наместо уредно и културно чекање еден зад друг, со правење „на Тошо“ туркајќи се во толпа за да појдеш малце понапред, додека некој на жештината се препотува со маска само затоа што мора да чека минимум двајца што се турнале напред и така им го зеле местото на некои што дошле пред нив, за нигде сме. Каде е праведноста тука драги мои? Бараме правда, а се однесуваме тотално неправедно. Епа не може така, не одиме никаде вака и со овој начин на однесување. Далеку сме ние од развиените европски држави каде банално би било за вакви „неправди“ да се раскажува, пишува и да се побуни човек. Како може на македонци што крадат цвеќиња од јавни паркови и простори да им се објасни дека редот не е измислен за џабе, и дека колку толку ве заштитува од пренесување на вирус или некоја друга зараза? Дали треба некаде да биде нацртано бидејќи се однесувате како да не ве засега ништо? Како да се постапува со вакви луѓе, кои сметаат дека за нив не важат истите правила? Ред си е ред, евентуално во исклучителни ситуации се знае кому може да го препуштиме редот: на премногу стари и изнемоштени луѓе, инвалиди и бремени жени. Останатите штом дошле до тука, способни се да си стојат на место и да си го чекаат редот. Кога еден премиер на држава (не се сеќавам за која европска земја беше) може уредно да си оди во маркет, да пазари и да чека ред на каса како секој нормален граѓанин, зошто тогаш се прават „отстапки“ за како што ги викаат „привилегирани“ граѓани и за нив не важат истите правила како за обичните луѓе, за нас смртниците? Е драги пријатели, вака никаде не одиме, затоа и нема да нè сакаат ниту примат некаде додека не се доведат некои работи во ред. Какви партиски, државни или останати интереси, државата ја правиме ние луѓето, сакаме средена земја, а од друга страна самите ја уништуваме! Жално е и што политиката е толку навлезена во секојдневното живеење, не сакам да пишувам за нејзе и да ја начнувам и оваа тема, но е неизбежно да се спомне, ако се суди според насловот. Ниту сум била, ниту сум припадник односно член на некоја партија, всушност сметам дека политиката и јас немаме многу заеднички нешта, и сакам да се држам настрана од нејзе, но не се останува имун, мора да се признае. Не се премолчуваат некои нешта, а ниту едните ниту другите не ги исполнија ветувањата докрај, ниту се покажаа како нешто успешни во водење држава, а имаа прилики (некои подолго, некои пократко). Докажаа и покажаа по не знам кој пат дека сопствените и личните интереси ќе ги стават пред сите останати, и кажано е сè со ова. Нема повеќе на темава да се изјаснувам бидејќи целата колумна ќе ми замине во друга насока. Не сакам да го бојам блогов со политички теми, сум кажала претходно, кажувам повторно. Она што сакам да ви го кажам е дека недостига култура, почитување на мерки и меѓусебно почитување меѓу луѓето. Какво ниво на развиена свест е тоа што се случува наоколу? Има еден куп примери во последниве неколку месеци што се случуваат меѓу луѓето во секојдневното живеење, но поминуваат речиси незабележително бидејќи поважни се политичките кампањи и одржувањето избори. Ве молам, па како ќе продолжеше животот ако не се организираа истите по секоја цена? Како и по цена на здравјето на сите нас, на нашите најблиски и познаници. Што е поважно од нашето здравје? Партиска фотелја. Толку за ова.  

Сега ми се јавува мислата дека ова со чекањето ред е само еден пример од многуте во кои сите потфрливме како граѓани, па потоа како институции или управители на јавни објекти. Кога ни самите вработени не знаат да воспостават правила и ред на функционирање, од луѓето што да се очекува? Иако би требало самите да го воспостават редот, ете не го прават тоа. Ова е еден од многуте примери во кои се покажува човечка непослушност и некој вид однесување опишан како „ич не ме интересира ништо, си правам што си сакам, што ми одговара“, или кажано поинаку – однесување лишено од емпатија, совесност, одговорност, чесност, култура и принципи. Истото може да се припише за крадците на цвеќиња, дрвја, па и уништување на парковите, зеленилото, останатите градски и јавни уредувања, предмети. Не се проблем во општеството оние што цртаат графити, туку тие што ги фрлаат отпадоците каде ќе стигнат без трошка совест, не се канцер на општеството оние што се бунат за своите права, што сакаат правда, ред, мир и цивилизирано однесување туку оние што се однесуваат како само тие да имаат право, и дека нивните права мора да се задоволат и се над правата од сите други и мора први да се испочитуваат. Е токму ова се едни од главните причини зошто не бива вака да одиме никаде, бидејќи прво треба внатре да се средиме. Не може со фасадирање и премачкување да се скријат некои работи, тие се толку провидни што дури мало дете може да забележи некои неправди, нерегуларности, неправилности, а не пак возрасен и зрел човек. Нема причина да глумиме држава, многумина од нејзе дигнаа раце. Не сакам да звучам песимистички, но овде нема веќе место ни за лажен или наивен оптимизам. Не е хумано ова да си го правиме на самите себе, кога ни измеѓу не се почитуваме. Не можам да речам дека имам грешна перспектива за тоа што значи ред, бидејќи она што го гледав беше далеку од тоа. Групата луѓе повеќе личеше на стадо животни што пасат на трева едни до други. Е ваква беше сликата што ме поттикна да земам да го напишам ова. Верувале или не, ова звучи како бунт, не ми е воопшто проблем ако се доживува како таков бидејќи некој мора да проговори. Епилогот беше дека блиската особа после некои половина час си заврши работа без уки, буки, јас како „преносител“ на настанот, не можев да премолчам на тоа што го видов со свои очи. Едноставно мораше да биде некаде забележано, бидејќи доста е молчење. Постои цела психологија зад чекањето во линија или ред, дел од нејзе вели дека луѓето мразат да чекаат на таков начин. Сите правиме нешта што не ни се најомилени, па ќе треба да почнеме да гледаме поинаку на „чекањето во линија“, за наше добро, и за посредено општество.
Колкупати сте премолчеле кога ви го зеле редот од пред нос?
Колкупати сте се направиле слепи дека некој застанал пред вас иако дошол многу подоцна од вас без да кажете збор? Време е да се зборува, ако не таму на лице место, еве вака јавно за да стигне до повеќе луѓе. Кај што нема ред, нема ни мир, ни правда, ниту просперитет. Размислете малку за ова последново пред да посакате да „го прескокнете“ редот или да пуштите некого пред вас.

Н.Н

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје