Skip to content

Животот на крстопат – Ивана Христова

  • by

„За да можеш да пишуваш за животот, прво мора да го живееш“ – рекле мудрите луѓе. Тоа е навистина така. Прво сè започнува како во една магла, како во еден сон во ноќта кој одеднаш станува реалност на твојот живот. И тогаш гледаш дека всушност тоа е еден дар, енергија која се шири околу нас, околу цел свет. Гледаш и сфаќаш дека се наоѓаш пред еден крстопат кој го дели минатото и иднината. Се двоумиш во тоа што да одбереш, по кој пат да одиш? По тој што води до спомените или тој што има многу претпоставки и желби. Тука нема кој да ти помогне, тоа што ќе го избереш тоа и ќе го живееш. Но ти треба да живееш за таканареченото ,,утре“, зад кое се кријат предизвици, натпревари и многу други борби и препреки кои не се толку едноставни на твојот прв поглед. Ќе го научиш тоа само кога ќе пробаш да се искачиш до твојата посакувана цел, но треба многу да се внимава, затоа што има качување, но има и брзо паѓање.

Од врвот на секогашноста, посакуваш да ја здогледаш иднината, но добиваш едно големо изненадување. Таа не се гледа. Зошто? Затоа што таа е далечина која го крие твојот нов непријател и противник кој треба да го совладаш за да бидеш пред сѐ човек, а потоа да застанеш како победник на целта. И така започнува една истражувачка, а воедно и несфатлива игра во која се вмешани животите на другите луѓе. Ете во тој период наидуваш на еден стремеж кон другите животни искуства. Тие постојат за да се сфати суштината и големината на работите кои тие ги направиле, позитивни или негативни, па потоа да ни послужат нас како една животна поука, порака дадена за да не погрешиме во некоја предвремена одлука или да успееме на полето во кое се наоѓаме. Секое лошо искуство може да е почеток на едно подобро. Секоја нова препрека е знак дека постои уште потешка, но и уште полесна препрека. Затоа одлуката што ќе ја направиш ти, односно пред да ја донесеш и да ја споделиш со останатиот свет, преиспитај се себеси и неа. Дали може сето тоа да послужи како пример за останатите и да се заведе во графата на едно животно искуство?

Тука завршува твојот натпревар после многу интензивно поминати патувања. Гордеј се со тоа што денес ти стана човек и ја помина целата животна школа којa не би можел секоj да си ја дозволи. Заблагодари се на драгоцениот дар кој го нарекувавме живот и продолжи со него сè додека не станеш пример за некого, затоа што веќе тогаш ќе осознаеш и сфатиш дека тоа што си го поминал нема да се врати, но нештото што си го стекнал за тоа време и помислата дека зад себе си оставил трага е посилна и поголема од помислата за она што некогаш си го изгубил.

Автор: Ивана Христова

Напишете коментар