Skip to content

Која е нивната улога и кои се најпознатите први реченици од светската книжевност?

Кога ќе тргнете во средба со нова книга замислете дека таа е човек.

Книжевната анатомија

Насловот на книгата е нејзиното наследство – тој секогаш оди пред нејзе, онака како името пред секој човек. Поглавјата во книгата се нејзиниот карактер. Стилот на кој е напишана книгата е нејзиниот темперамент. Завршната реченица е нејзината судбина. А, што со првата реченица? Првата реченица е нејзиното држење, став и боја на гласот. Она што прво те привлекува кај некоја особа т.е. и кај книгата. Таа е нејзина харизма и нејзин сензибилитет. Првата реченица е талентиран хипнотизер кој не ти дозволува да го тргнеш погледот од книгата. Таа те привлекува како љубов на прв поглед. Те воодушевува на прв впечаток и те вовлекува во светот кој го создал писателот.

Веќе на првото читање одлучуваш дали светот на книгата е оној во кој и ти би постоел. Таа е како трепет на окото кое кога во средба со друг човек за неколку секунди одлучува дали тоа е негово парче рај или не. Бариера која ги дели авторот и читателот – ако таа прва препрека писателот не ја прескокне, тешко дека ќе стигне до оној кому пишува. Сепак постојат книги кои нè купуваат на прв впечаток и книги на кои мораме да им дадеме шанса во следните реченици.

Која е улогата на првата реченица?

Во првата реченица има најмногу писателска пот, бидејќи на нејзе – единствена треба да се надоврзат останатите. Таа им е зачеток и претходник. Го наговестува дејството, создава атмосфера и ја одржува суштината на книгата. Те наведува да се запрашаш колку време писателот потрошил додека не ја смислил својата идеална прва реченица. Додека ја пишувал сакал таа да биде спојник помеѓу него и тебе – читателот. Зошто ја избрал токму таа реченица за прва? Додека пишувал и бришел, се откажувал и се обидувал тој во предвид те имал тебе којшто ќе читаш. Затоа токму нејзе ѝ посветил посебно внимание со оглед на тоа дека една книга во просек има дванаесет илјади и петстотини реченици? Одговорот на ова прашање ќе го добиеш кога ќе прочиташ книга, па потоа со последната реченица повторно ќе се вратиш на првата. Значи првите реченици не се случајни. Во нив се запознаваш со писателот додека во сите следни се среќаваш со делото.

Писателите за првите реченици

„Поголемиот дел од моите приказни произлегле од првите реченици – тоа се реченици кои ми доаѓаат во непредвидливи моменти“ (Давид Албахар во Антологијата „Како пишуваат писателите“)

„Најтешката работа секогаш е првата реченица“ (Орхан Памук за проблемот со првата речница)

Својата прва реченица Памук ја пишува и брише од педесет па дури до илјада пати. Ја пишува со рака во тетратка, само на една страна додека следната ја остава празна за надополнување и дополнителни промени кои ги додава како дијалози во стриповите – во „балони“. Потоа таа тетратка ја испраќал до дактилографка да ја напише која потоа ја враќа како ракопис во кој внесува измени. За потоа на основа на истото да направи нова верзија. И така во три до четири циклуси.

Памук пишува секаде каде што ќе го „затече“ инспирација. Пишува во авиони, хотелски соби и други места каде што ќе се најде. Не е можно да се запомни секоја прва реченица од книгата, но сепак некои почетни речници го обележуваат делото и стануваат историја.

Најпознатите први реченици од светската книжевност

„Сите среќни семејства личат едно на друго, секое несреќно семејство е несреќно на свој начин“. (Лав Н. Толстој „Ана Каренина“)

„Некој мора да го наклеветил „Џозеф К. Бидејќи иако не направил никакво зло, едно утро бил уапсен“. (Франц Кафка „Процес“)

„Беа тоа најдобри времиња, бeа најлоши времиња, беше тоа време на мудрост, беше време на лудост, беше епоха на вера, беше епоха на неверица, беше тоа доба на Светлост, беше доба на Темнина, беше тоа пролет полна со надеж, беше тоа зима полна со очај, имавме сè пред нас, имавме ништо пред нас, сите одевме директно во Рајот, сите одевме директно на другата страна“. (Чарлс Дикенс „Приказна за два града“)

„Ја сум болен човек…Зол човек“. (Фјодор М. Достоевски „Записи од подземјето“)

„Општо е познат фактот дека на богат и неоженет човек му е повеќе и од потребна жена“. (Џејн Остин „Гордост и предрасуди“)

„Беше ведар и ладен априлски ден; на часовниците биеше тринаесет“. (Џорџ Орвел „1984“)

„Ако вас навистина ве интересира сè ова, веројатно попрво ќе сакате да дознаете каде сум роден, какво беше моето бесцелно детство, што правеа моите во животот пред да ме добијат и уште множество такви глупости а ла Дејвид Коперфилд, но не сум баш расположен да се впуштам во тие работи.“ (Џером Дејвид Селинџер „Игра во ‘ржта“)

„Сите деца, освен едно дете, растат“. (Џејмс Метју Бари „Петар Пан“)

„Следниот ден никој не умре“. (Жозе Сарамаго „Смртта и нејзините каприци“)

„Може светот да зборува за мене што му е драго (бидејќи не ми е непознато како Лудоста минува  лошо и кај најлудите), сепак сум јас, единствено јас, ви велам, способен да развеселувам и богови и луѓе“. (Еразмо Ротердамски „Пофалба на лудоста“)

„За да ја раскажам својата историја, морам од далеку да почнам“. (Херман Хесе „Демијан“)

„Госпоѓа Деловеј рече дека сама ќе купи цвеќиња“. (Вирџинија Вулф „Госпоѓа Деловеј)

Најзаводлива прва реченица од светската книжевност

„Лолита, светлина на мојот живот, оган на моите препони. Мој грев, моја душа“ (Владимир Набоков „Лолита“)

„Ова е книга забелешка за човекот кој го викавме Степски Волк, како што и тој сам често се нарекуваше.“ (Херман Хесе „Степски Волк“)

„Во животот нема попријатни часови отколку што може да биде, под извесни околности часот посветен на обредот познат под името попладневен чај.“ (Хенри Џејмс „Портрет на една дама “)

„Ателјето беше заситено со раскошен мирис на ружи, и кога летниот ветрец би ги разнишал дрвјата во градината, би побрзал низ отворената врата, тежок мирис на јоргован или нежен мирис на црвен глог.“ (Оскар Вајлд „Сликата на Доријан Греј“)

„Мое уверување е дека не може да се измислуваат личностите додека добро не се проучат луѓето, како што не може да се говори некој јазик ако не се научи сериозно.“ (Александар Дима (син) “Дамаta со камелии“)

„Лежеше испружен на шумското тло, костенливо од боровите иглички, со брадата на скрстени раце, а високо горе дуваше ветер на врвовите од боровите.“ (Е. Хемингвеј „За кого бијат камбаните“)

„Штотуку се вратив од посета на својот стопан на куќата – осамениот сосед со кој ќе имам непријатности.“ (Емили Бронте „Оркански височини“)

„Еден ден прочитав една книга и целиот живот ми се промени“ (Орхан Памук „Нов живот“)

„Во младите и чувствителни години, татко ми ми даде совет кој од тогаш непрекинато го премотувам во глава.“ (Ф. Скот Фицџералд „Големиот Гетсби“)

„ Бидејќи не можев да се совладам, седнав да ја напишам оваа историја на своите први чекори од животното боиште, иако можев да поминал и без тоа“ (Ф.М. Достоевски „Младичот“)

„Алексеј Фјодорович Карамазов беше трет син на спаија од нашата околија Фјодор Павлович Карамазов, така познат во своето време (па и сега кај нас уште го спомнуваат) по трагичната и загадочна негова смрт, којашто се случила точно пред тринаесет години и за која ќе зборувам на одредено место.“ (Ф.М. Достоевски „Браќа Карамазови“).

Напишете коментар