Skip to content

Ова лето подгответе се за ,,Змијарот”, најновото книжевно остварување на младиот талентиран Велешанец

Неполни четири месеци по објавувањето на неговиот роман, ,,Невеста од соништата”, чиј втор тираж е веќе при крај, нашиот млад автор Александар Николовски, сосема неочекувано ги изненади своите читатели со уште едно свое најново дело.

Во продолжение накратко зборуваме за ,,Змијарот”, трилер кој уште со својот наслов и корица предизвика одлични реакции кај читателите, особено кај оние кои се љубители на трилерите и мистериите.

Александар, честитки за новиот роман и наше е задоволството што толку набрзо имаме повторно чест да соработуваме. Секако, самиот повод го налага тоа. Па кажи ни, како воопшто успеа за толку брзо време да го напишеш ова дело?

– Најпрво ви благодарам за интересот и голем поздрав до сите читатели особено оние кои со нетрпение чекаат нови дела од домашни автори. Да, вистина е дека книгата ја напишав за рекордно време и иако ја планирав да биде за крај на летото, сепак еве сме каде што сме, па читателите не мораа да чекаат долго време.

Дали пишуваше секојдневно? И колку е важен континуитетот при пишувањето?

– Да, секако. Моменталната ситуација која да се надеваме дека набрзо ќе заврши и работењето во домашни услови, ми го овозможија тоа. Ако ништо друго, без напишани барем две-три сцени, никако не го завршував денот. Иако веќе идеите ги имав во глава,  сепак подруго е кога ќе ги ставите на хартија.

Континуитетот е многу важна алка бидејќи според мене авторот може многу подобро да се внесе во ликовите и приказната ако со нив се дружи секојдневно по повеќе часови. И она што е најважно, нема да се изгуби ритамот при раскажувањето, кој верувајте се чувствува ако е нарушен.

Веројатно нема потреба да напоменеме дека се работи за трилер, па што не очекува низ страниците на ,,Змијарот”?

– Да, станува збор за третина мрачен трилер, третина неизвесна мистерија и третина жестока драма која нема да ви дозволи да ја испуштите книгата од раце. Оние што ги читале моите претходни книги, знаат горе-долу што им претстои, но пак ќе повторам дека ве очекуваат доста пресврти и неизвесност до последна страница.

И она што не верувам дека претходно сте го сретнале досега, е типот на мотивот поради кој се извршени злосторствата. Можеби овојпат идентитетот на виновникот не е толку во преден план колку што токму самиот мотив е еден од главните адути на оваа приказна.

Кажи ни малку повеќе за содржината на ова дело!

– Приказната го следи животот на Емилија, средовечна жена која по смртта на својот син, веќе десет години живее колку да се рече дека живее. Кога едно навидум безопасно фотографирање со змија ќе заврши кобно по животот на нејзиниот единец, нејзиниот живот буквално се менува од корен. Оттогаш, болката се обидува да ја потисне со работата, јаде колку да се рече дека ставила нешто в уста, никаде не оди, со никого не се гледа. Таа едноставно, само постои.

И како да тоа не е доволно, замислете по десет години две жени се убиени на монструозен начин – каснати од змија, задушени со ќеса и истетовирани со тетоважа од змијска глава на рамото. При истрагата, главниот полициски инспектор Димитар Билбиловски доаѓа до запрепастувачко откритие: двете жртви на истото место ја имаат истата тетоважа што ја имал и одгледувачот на змијата кој бил осуден за убиство од небрежност на синот на Емилија пред една цела деценија.

Мислам дека доволно ви кажав, па да не откријам нешто повеќе, на Вас е да ја прочитате книгата и да откриете за што се работи.

Навистина моќно звучи и доста примамливо, мора да се признае. Значи да го очекуваме неочекуваното?

– Апсолутно! Верувам дека читателите ќе ја препознаат автентитечноста што ја поседува приказната.  Дека ќе ги задоволи нивните критериуми, ако не повеќе, барем колку претходните мои книги.

Со оглед на тоа дека истите детективи, Гораст и Димитар, кои се појавуваат во ,,Невеста од соништата”, се сретнуваат и овде, дали овие две книги може да се читаат засебно?

– Да, секако дека книгите може да се читаат посебно бидејќи се разработуваат сосема два различни случаи. Но, сепак мое видување е дека прво треба да се прочита претходната книга за да впечатокот биде уште подобар.

Дали сметаш дека дел од читателите нема да посегнат по книгата бидејќи мислат дека е страшна?

– Па, не го исклучувам тоа, но пред тоа сакам да разјаснам дека книгата не е хорор ниту пак до толку страшна како што изгледа. Приказната има неколку морничави сцени кои се неизбежни како зачини и додатоци за да биде повозбудливо, а и што подобро да се долови дејството.

Нашата редакција ти посакува голем успех и со оваа книга. Не се сомневаме и дека ќе го постигнеш кога уште од почеток побарувачката и интересот е огромен. За крај, кажи ни само дали веќе во план имаш нешто ново или заслужено ќе одмориш?

– Ви благодарам за мини интервјуто и за убавите желби. Несомнено е дека веќе имам првични идеи за следна книга, но сепак ќе почекаат и како што рековте, малку заслужено ќе одморам. Освен тоа, да им оставиме малку време на читателите да ја прочитаат книгата. Ви пожелувам Вам и на сите читатели пред сè здравје и лето преполно со добри книги и незаборавни авантури. 🙂

Александар Николовски ги напиша и следниве три книги: „Џокер во покер“, „Страв од вистината“ и „Невеста од соништата“.

Му благодариме на одвоеното време и од името на целиот тим му посакуваме да продолжи да ниже успешни приказни. Како и многу задоволни читатели. А после заслужениот одмор да ја достигне кулминацијата во своето творештво!

Напишете коментар