Skip to content

Бакнеж – Маја Малиновска

Опиум кој навлегува во мислите

Бара жртва која веќе одамна ја нема

Се саможртвувала уште при првиот поглед

Во очите на оние кои ја здогледале вечноста,

Опиум кој навлегува во срцето

Бара место каде да се всели,

Којзнае дали има место за сите бакнежи

Кои надвиснале во врелиот воздух

Чекајќи го вистинскиот;

Опиум кој ме прави зависна

Барајќи го она што никогаш нема да престане

Да ме вознемирува –

Исчекување на бакнежот на омилената песна

Изрецитирана од твоите усни,

Зошто поезијата е бакнеж

Кој застанува на усните

На оние кои ја слушаат,

Зошто бакнежот е поезија

Која се прелева

Меѓу срцата на двајца

И таму останува да се воспева

Засекогаш.

Напишете коментар