Skip to content

Коце – Божана Тренческа

  • by

Сонцето штотуку изгреа, а веќе го слушам Коцета како вика на портата од стрина му. Стрино отвори, стрино отвори и така секој втор или трет ден тој виси на соседната врата и вика стрино стрино. Коце има околу четириесет години висок со долга непострижена коса, не обричен, алиштата му висат, пантолоните не запетлани на нозете носи два броја помали влечки. На десната рака одамна има инфекција, се гледа голема рана засушена, крастосана, често ја носи заврзана, а колку го боли си знае само тој. Таков е нашиот сограѓанин Коце човек со психички недостаток, не многу поинаков од луѓето да не е смрдеата што се шири околу него. Додека беше жива мајка му Панде Бог да ѝ прости душа, Коце живееше убаво беше испран измиен и сит. А сега заборавен од институциите и од фамилијата шета од куќа до куќа моли за парче леб и некои мали задоволства, како што се цигари или нешто благо да ја облажи душата, а за алишта се наоѓаат помали, поголеми, пократки божем облечен е. Ќерко за ваквоте се раѓа лебот, вели мајка ми гледајќи го пред портата. На секое мое прашање како си, полека одговара гледајќи некаде далеку, како да разговара со некој друг, а не со мене. Добар сум, еве ја чекам стрина да ми даде нешто да каснам. За секого животот пишува приказни како и за Коце кој се бори со животот.

Кога беа живи неговите родители тој беше среден иако за муабет ни тогаш ниту пак сега го бидува, тој може да ги понесе сите епитети за неубаво. Во времето го оженија со Маре сираче од блиските села, таа ситничка по раст, но психички здрава можеше да одбери било кого ако таа се прашуваше, да не грешам душа нејзината судбина беше маќеата. И се радуваше Коце на Марето кога одеа рака под рака низ чаршијата, таа секогаш гледајќи го милно. Коце олабави душо, пушти го човекот да се доискаже, не туркај се ќе поминеме, му велеше таа со мил глас. А тој и враќаше лошо зборувајќи и молчи селанчиште едно, ќе те кажам на мама… Одминуваше времето, тоа за никого не стои, а Маре навредувана од мажот и свекрвата падна во бездната, оболе и мораше да си замини од кај нив. Судбини лоши судбини лелекаше маќеата на Маре, го омаживме девојчево, а таа ја расчепатила устата и еве ти ја назад. Чаре жено, бараше совет татко ѝ. Нема друго чаре освен да ја омажиме за Симона, онај што му умре жената, има дечиња ама нашава е мажена. Речено сторено ја омажија Маре, а Симон уште првиот ден и рече. Децава ќе ги гледаш како твоите очи, а твои деца нема да имаш со мене. Маре климна со главата и го крена годиначето кое лазеше до неа. Таа целосно се предаде на улогата на мајка, ги сакаше како што го сакаше полубратчето Михо. Една вечер Симо и рече. Ти благодарам за љубовта што му ја даваш на моиве сираци.. Биди сигурен дека ќе ги сакам како да се мои зошто и самата сум сирак. Сирак е секој што нема мајка а твоиве деца ме имаат мене, со мене ќе бидат среќни му вети таа. Со својата добрина Маре си го најде местото под сонцето далеку од Коце и мајка му, кога една врата се затвора се отвора друга. А Коце повторно го оженија, а таа сирота го доживеа истото патешествие како Маре. Ти нечеснице не го гледаш син ми, а гледај колкав комад си зела, трошиш на алишта растирукуќо. Таа млада гледајќи кој е до неа и незадоволна од свекрвата си замина. Едно утро кај Коцета тропна смртта, почина мајка му. Без неа тој се најде на дното од животот, невреден сам да се грижи за себе. Татко му гледајќи како Коце страда и тој почина. Коце остана сам во големата куќа од која една вечер и мачорот замина. Коцета го избегнуваа пријателите, роднините зошто онака неиспран заудираше на трулеж. Понекогаш удираше со нога на портата кај стрина му ако таа не беше дома. Што живот ќе беше ова, зборувавме ние комшиите на стрина му ѕиркајќи од зад портите зошто никој не го сакаше како гостин. Еднаш го видов на шалтерот во банката стоеше потрен на мермерот, раката му беше заврзана со нечиста крпа целиот заудираше до него стоеше девојче кое му се обраќаше со вујко. Коце беше изгубен со залутан поглед кога се потпиша, а таа ги зеде парите и му даде некоја паричка. Значи имал фамилија само на денот кога се земаат пари, еее ненаситни си велев во себе.

Поминаа неколку месеци, а Коце го немаше да вика стрино, стрино. Собрав сили и прашав, каде е Коце го немам видено. Коце почина, пред една недела го пограбавме, беше облечен во костум, а му купија и нови чевли, околу него имаше многу бели цветови. Боже не можев да се воздржам, а да не кажам, ние луѓето сме го достигнале дното глумејќи добротворци. Додека беше жив одеше во партали и со влечки на нозете, кај беа досега убавите алишта и чевлите да се порадуваше Коце. Ех живот живот за некого мајка за друг маќеа, јаден тој при свои пари живееше гол, премрзнат и гладен. Ама ете таква му била судбината што на третата вечер наречниците му ја одредиле, а од пишаното не се бега така велат нашите стари кои многу виделе низ животот.

Автор: Божана Тренческа

Напишете коментар