Skip to content

Една поинаква концепција за љубовта опишана преку гледиштата на Марсел Пруст: Дали сепак може да се сака?

Во еден научен труд за љубовта проникната во Прустовото дело „Во потрага по изгубеното време“ кое се состои од седум томови и каде што низ неколку вешто отсликани љубовни приказни Марсел Пруст настојува да ја претстави љубовта со неговите погледи нарекувајќи ја „света болка“. Како што вели самиот, љубовта ја споредува со болест чијашто клиничка слика ја опишува како гангрена или канцер кој неизмерно се шири зафаќајќи го целото битие на оној што сака.

Љубовта е бајка (без среќен крај)

Првото прашање кое се поставува се однесува за настанокот на љубовта. Што е во нејзината основа?

Како што смета Марсел Пруст, во основата на љубовта е нашата фантазија. Љубовта не е ништо друго отколку бајка која сами себе си ја раскажуваме. Тоа е една илузија, вообразена радост, сладострасна мечта, обична фикција на којашто реалноста нема никакво влијание. Да се сака некој не значи тој истиот да се познава и да се прифати таков каков што е туку да се измисли и да се створи според мислењето на сопствената душа. Со тоа се негира љубовта како објективна категорија. Љубовта е една субјективна состојба која постои само во оној кој сака, а чијашто реалност ништо надворешно не може да ја потврди. Таа љубов не одговара на ништо во надворешниот свет што другите би можеле да го увидат и ценат.

Едноставно, на некои човечки битија им ја препуштаме можноста да ни предизвикуваат патење или радост. Со тоа ни се чини дека припаѓаат во некој возвишен свет, создаваме култ од нивната личност, го обожаваме и имаме впечаток дека животот ни се претвора во еден возбудлив „простор“. Самото раѓање на љубовта, првата фаза од нејзиното настанување се дефинира како „кристализација“, поим измислен од Стендал кој во својата творба „За љубовта“ го користи споменатиот термин за да го опише феноменот идеализација на саканата особа што претставува камен темелник на секоја љубов.

Саканата личност е налик митско суштество кое не постои надвор од нашата свест

Саканата личност е налик митско суштество кое не постои надвор од нашата свест за него, над висечкиот меѓуграничен простор помеѓу сонот и јавето. Заведен со привид и површниот поглед на нештата, човекот успева со симболизација на надворешните случувања, сопствените искуства и сетилните впечатоци да создаде идеална слика на саканото битие во скриените простории на сопствениот дух. Со други зборови, нашите уверувања се подложни на илузии и привид т.е. од таму произлегува несоодветноста помеѓу фиктивниот свет и реалните животни околности односно несоодветност помеѓу искривениот лик на саканата особа во нашата свест и неговата вистинска слика во реалниот свет.

Дури и таа вистинска слика на личноста во надворешниот свет за Марсел Пруст е недостижна. Тој ја отфрлува можноста за постоење на една објективна претстава за некоја особа бидејќи секоја личност е темнина во која никогаш не можеме да продреме и другиот секогаш ќе го набљудуваме низ призмата на сопствените чувства. Според него, и нашето сопствено битие е несфатливо со грст недостижни тајни, а нашиот идентитет е само илузија (или привид). Со еден збор, реалноста не е она што мислиме дека е. Човекот е заплеткан во кругот од сопствената претстава за која ја гради претставата на субјективните впечатоци. Односно, кога тој субјективен впечаток ќе се примени на меѓучовечките односи, конкретно на љубовта, личноста што ја сакаме всушност не е она што мислиме дека е.

Нуспојава на љубовта

Секоја човечка несреќа не произлегува од фактот дека да се сака значи да се биде во заблуда туку од неговата потреба за сигурна извесност и гаранција за траењето на самоизмамата, од горлива желба да го имаме она што сакаме да го имаме и бесмислената тежина да се поседува оној кого го сакаме. Човекот тешко се помирува со фактот дека неговата сакана особа има живот независно од него и гори од желба да ги поседува и најситните делчиња од нејзиното срце. Парадоксално, со желбата саканото битие да му припаѓа, човекот сам себе се оддалечува и почнува безусловно да му припаѓа на оној кој би сакал да го поседува.

Прустовата концепција за љубов понатаму се базира на дихотомијата на парот господар-роб. Оној кој сака повеќе му е потчинет на оној којшто го сака и кој лекомислено ја злоупотребува својата моќ. Доколку веќе расте тагата, дотолку повеќе расте и вредноста за помирувачки средства, противотров кој саканото битие го носи во себе. Љубовта е болест чиишто разорни ефекти може да ги ублажи само саканата особа.

Љубомората како неодделна компонента на љубовта, нејзината неизбежна сенка

Од потребата за постојаност на илузиите и поседување на саканата особа, изникнува љубомората како неодделна компонента на љубовта, нејзината неизбежна сенка. Како и љубовта, и љубомората се храни со привидот, фантазијата, измислиците и сопствените чувства кои немаат потпорна точка во животните случувања, но за разлика од љубовта која во основата е опојна среќа, љубомората предизвикува патење. Оној кој сака се губи во сопствената имагинација и иако има чувства дека се менува предметот на неговата љубов, всушност се менуваат само претставите кои тој во него ги одгледувал. Оттаму љубомората и страдањето се судбинска неизбежност на љубовта. Меѓутоа, штом човекот ќе увиди дека страда, тој внимателно почнува да трага за причините на своето страдање и насред помрачената љубоморна свест се јавуваат кратки периоди на луцидност кои стануваат сè почести.

Во цикличниот круг во кој од љубовта се создава љубомората и од нејзе повторно понекогаш чиста и неизвалкана љубов, провејува разумната човекова памет која ја согледува својата заблуда, страдањето и станува свесна за фактот дека под нашиот внатрешен свет од чувства и расудувања демне некоја друга реалност. Со согледувањето на страшните оживувачки моќи на имагинацијата започнува периодот на лекување и одвикнување од опојната илузија: последната фаза на Прустовата концепција за љубовта е означена како демистификација.

Човекот станува свесен дека во неговото лично доживување на љубовта постои несогласност помеѓу заводливиот лик на саканата особа и нејзината тажна опачина. Тој во нејзе не ја гледа магијата која ѝ ја припишал, саканата особа се симнува од престолот на идолопоклонство, се воочува нејзината баналност. Конечно, некогаш заљубениот човек согледува дека доживеал љубов со особа која нема ништо заедничко со претставата која тој за нејзе ја имал.

Дали сепак може да се сака? Еве што одговорил Марсел Пруст

„Со идеализација, љубомора и демистификација љубовта е едно поразително искуство. Меѓутоа, оваа визија сепак не е крајно песимистична. Пруст повторно смета дека доколку љубовта постои единствено во нас, тоа значи дека и нејзината убавина и длабочина зависи од самите нас, нашиот сензибилитет и способноста за имагинација. Заљубениот човек е налик уметник, а саканото битие муза која инспирира, додека самата љубов е конципирана како процес на уметничко создавање каде што возвишените чувства константно се менуваат со душевната тага.

И љубовта и уметноста се создаваат поради многубројни внатрешни конфликти, духовни и ментални превирања кои со себе носат блаженство, но и штета. Впрочем, кога Марсел Пруст вели дека реалноста не е она што мислиме дека е, тоа понатаму имплицира дека никогаш не сме толку среќни ниту несреќни колку што ни се чини, а тоа истото важи и во доменот на љубовта.

Извор

Напишете коментар