Skip to content

Втора поетска исповед – Анастасија Лефкоска

  • by

Темно е.
Се плашам.
Ајде зборувај ми за сѐ што е земно и краткотрајно за да заборавам.
Зборувај ми,
зборувај ми за омилените цвеќиња што ти го разубавиле денот,
истите оние што ти седат во белата вазна на наткасната до креветот.
Зборувај ми за омилената песна и ноќта кога сестра ти блесна пред стотина луѓе а ти се гордееше,
цела вечер се смееше и аплаудираше додека со рацете свои под црниот капут моите кон себе ги прибираше.
Зборувај ми, зошто и ја сакам и ја мразам темнината,
исто ко што ги љубам и лагата и вистината,
зборувај ми за вечерта кога сфати и се нацрта по одговори кај мене,
тогаш кога без прашање влезе и го изевезе во душава ко ништо името твое.
Мило мое – најмило,
зборувај ми,
цела вечер исполни ми ја, да не мислам на омразата, на книгите што насобрале прашина и на таа пустина што ми се наоѓа во душава со црвени конци исплеткана и заметкана некаде на врвот на малото прсте што секогаш кога ти ќе го допреш се електризира и сѐ што душата чувствува од малото прсте во тој момент извира ко одново и одново да те избира.
Воздив. Не знам и јас не разбирам ама ајде,
што можам?
Трепнав и се изгубив тој мрачен ден  што личеше на безвреден ама на крај испадна катаклизма на тлото што ме држеше,
распукување на сѐ она што со години ме крпеше а не ми стоеше,
пукна кројката,
се спои во главава спојката и полудев,
и четири години дури и ако победував јас губев,
губев сѐ до денеска, до моментот пред твоето зборување, во секундата на мртва тишина пред збор извојував животна победа,
зборувај ми затоа,
а прегрни ме потоа па за ништо веќе да не ми е криво,
врежи ми го в душа да го паметам и во сите наредни овој живот.

Од “Дневникот на една будала”

Автор: Анастасија Лефкоска

Напишете коментар