Skip to content

Проштална вечера – Софија Петковска

  • by

На огромна маса од ореово дрво,

три свеќници ќе наредам,

а на секој свеќник по три свеќи ќе запалам.

Бели свеќи ќе одберам,

нека бидат симбол на надежта и невиноста

кои горат во моето срце.

Потем,

во мене перфекционистот ќе го разбудам,

та прибор златен на маса како под конец ќе наредам,

златен оти злато вредам,

три чинии за тебе,

три чинии за мене.

Телешка чорба со лимонов сок.

Сочно месо печено во фурна и компири на жар.

Вкусен овошен десерт.

И потем,

усниве ќе ги обојам,

црвен фустан ќе облечам,

црвен оти животот гори во мене,

и на чело на масата ќе седнам,

ко кралица на тронот

и со мојата насмевка шах-мат потег ќе ти дадам.

Три пати едноподруго ќе ти простам.

Три пати едноподруго ќе си простам.

Три пати едноподруго ќе ти се заблагодарам,

за тоа што свесно со нож душата ми ја отпара,

а несвесно непробојна ја стори.

Три пати,

бидејќи три ми е среќен број.

Отецот.

Синот.

Светиот дух.

И сосем на крајот,

од столот ќе станам,

со елегантен од и лесен чекор

до свеќите ќе дојдам и ќе ги изгаснам,

а потем грбот ќе го свртам и без да

погледнам назад ќе заминам тивко.

Нечујно.

Зад мене ќе останат

тишината,

темнината,

вечерата.

Збогум.

Софија Петковска

Напишете коментар