Skip to content

Митот за Сизиф

Сизиф, син на богот на ветровите Еол, и основач на градот Коринт, се сметал за најитар човек во древните времиња. Никој не можел да се рамни со него по итрост. Благодарение на тоа, тој натрупал небројно богатство во Корин. Надалеку се разнесол гласот за неговите скапоцености.

Еднаш Сизиф му го поткажал на речниот бог Азоп вратилиштето на Зевс, а за тоа Азоп му ветил дека ќе направи да избие извор студена вода во коринтскиот град. На тоа место навистина бликнал прочуениот извор Пирена. Поради тоа предавство, Зевс решил да го казни Сизиф.

Му го пратил богот на смртта, мрачниот Танат, за да го одведе долу, во тажното царство на Хад. Но мудриот Сизиф, успеал да го закова богот на смртта. Па така веќе никој не умирал на земјата сѐ додека не дошол богот на војната Арес и ја ослободил Смртта. Таа пак сега го фрлила Сизифа во пеколот, меѓу сенките на умрените.

Но и таму итриот Сизиф успеал да се снајде. Тој уште пред да оди во пеколот ѝ кажал на својата жена да не го погребува неговото тело и да не дава задушница.Нниту било какви други жртви на подземните богови. Хад и Персефона долго чекале жртви од жена му на Сизф, но попусто. Најпосле, Сизиф се приближил до тронот на Хад и му рекол:

– О, владетелу на душите на умрените, велик Хаде, рамен по сила на моќниот Зевс. Пушти ме за малку време да одам на светлата земја. За да ѝ заповедам на мојата непослушна жена да ти принесе богати жртви и пак ќе се вратам во царството на сенките.

Така Сизиф го измамил богот Хад и тој го пуштил да оди на горниот свет. Кога Сизиф пак ги искусил убавините на земјата, не му паѓало на памет пак да се врати во пеколот. Си останал во раскошниот дворец и весело пирувал. Се радувал дека тој е единствениот меѓу смртниците кој умеел да се врати од подземното царство на умрените.

Хад мошне се разгневил поради измамата и непослушноста на Сизиф. Повторно го пратил Танат да го врати во пеколот. Најомразениот меѓу сите богови, злогласниот Танат, го нашол Сизиф токму во екот на една раскошна гозба, кога бил малку и замајан од вкусното вино и му ја зел душата.

Долу во мрачниот пекол, подземните богови на кутриот Сизиф му ја досудиле оваа казна: требало постојано да тркала еден огромен камен од рамнината до врвот на еден рид. Кога мислел дека тешкиот товар го дотуркал до врвот, огромниот камен одеднаш му се испуштал од рацете и пак се наоѓал долу, во рамнината. Тој морал одново да се искачува со својот камен, но никогаш не можел да стигне до целта.

Затоа по примерот на тој бесмислен напор на Сизиф, дури и денеска секој претежок и невозможен труд се вика Сизифов камен или Сизифов труд.

Напишете коментар