Литература Литературна критика (рецензии)

Емотивен роман со историски елементи, морални дилеми и љубов „Те нема никаде“ од Јелена Бачиќ Алимпиќ

Љубовта не се избира, исто како и смртта. Сè е веќе запишано некаде одамна во небесата. Не можеш да ѝ се спротивставиш на судбината, ниту да ги прескокнеш денот или ноќта. Би сакала да не го љубев толку многу. Тогаш можеби немаше да бидам решена да направам злосторство, ако се вика злосторство тоа што го направив.“  – извадок кој стои на задната страна од корицата на овој роман од Алимпиќ.

Главната протагонистка, Изабела, во обид да го напушти семејниот дом на сопствената мајка во кој не гледа иднина, решава да се пријави за болничарка во Црвен крст за да им помага на ранетите и повредните во војната. Таа ќе се соочи со безброј болни лелеци, ќе се жртвува како болничарка за да ги лекува болните чиишто тажни крици ќе ги памети целиот живот. Станува една од најдобрите болничарки во одделот за лекување, и успешно се снаоѓа сè додека не запознае еден претешко ранет војник. Љубов на прв поглед или сожалување преполно со емоции проследено со силно емпатизирање за неговата загубена убавина, младоста и трагедијата што го снашла овој војник во чиишто очи ќе се пронајде себе. Бдее над неговата постела раскажувајќи му иако не го разбира неговиот мајчин јазик, му ја држи раката и му го препознава секој негов здив, секоја болна издишка ја впива останувајќи ѝ како печат во нејзиното младо и вљубено срце. Го запознава премногу добро бидејќи тој го зборува нејзиниот мајчин јазик. Му пее песна, а тој бара само да го слуша нејзиниот глас. Мелодичната песна што му ја пее константно над постелата држејќи го за рака му е единствениот контакт со реалноста, и мелем за болките. Можеби не го преболуваше раната целосно, но кога не беше во кома, единствен спас му беше гласот на Изабела.
Ќе ја замоли да му биде жена, а таа прифаќа иако знае дека никогаш нема да можат да појдат до олтарот.
Му ја исполнува неговата желба, со усните ќе ги допре неговите нежно, за прв и последен пат.  Не може да си помогне ниту себеси, а се обидува да му помогне нему исполнувајќи му ја последната желба. Прекор, каење, прашања кои се однесуваат на моралот, етичките закони и начела, милосрдието, негувањето, грешките, недоумицата, двоумењата, неволното прифаќање на реалноста и тешкотијата за соочување со нејзе сето тоа проследено со интензивни емоции.

Дали го запознава само за да го засака со нејзиното срце, да се обиде да му помогне, и после тоа да му пресуди? Дали тоа е патот кој мораше да го изоди за да се потврди нејзината големина како човек кој мора да си прости на себеси? Ќе се обвинува мислејќи дека направила ужасно злосторство коешто беше побарано од нејзе да го направи и замолено за истото од оној кон кого требаше да се стори. Сепак таа ќе го направи она коешто мораше да го направи, кое беше побарано од нејзе. Дилемата и сомнежот дали постапила правилно, за истиот тој чин ќе ја прогонуваат до последната страница од овој роман, но таа не може да промени ништо. Од стореното не се бега, ниту времето може да се врати назад. Како што не може да го врати времето кога го губи својот татко, или кога очувот ќе ја злоупотреби. Моралните дилеми дали злото како единствена опција мора да се избере кога нема друг подобар избор струјат во главата на младата Изабела. Дали сакајќи некому да му помогнеш мора да му нанесеш зло само за да му ги скратиш маките? Зошто е наречено злодело иако е направено од најдобри намери и е единствената помош што можеше да му се даде? Сите овие прашања и многу други ќе ја измачуваат главната јунакиња која го раскажува нејзиниот живот пред, за време и повоениот период. За среќа, неколку години подоцна војната завршува, болничарките се повлекуваат од одредиштето каде што лекуваа ранети, Изабела се враќа назад во родниот град и решава да отвори пекарница. Ќе ѝ оди добро во новата работа, со тестото ќе се снаоѓа исто толку добро како што нејзините прсти умешно ставаа завои, преврски и лекуваа. За уште поголема среќа, во нејзиниот град по нејзе ќе дојде главниот доктор со кој таа многу убаво соработуваше, му беше десна рака заедно правејќи над стотина успешни операции. Истиот тој долго време ќе биде заљубен во нејзе, но нема да ѝ ги признае неговите чувства додека не појде по неа. Дали оваа љубов ќе биде возвратена? Дали Изабела повторно ќе ѝ даде шанса на љубовта и каде ќе ги однесе неговото признание? Прочитајте во романот и дознајте. Оцена 4/5

 

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје