Skip to content

Митот за златното јаболко

На свадбата на Пелеј (крал на Мирмидонците и татко на Ахил) и Тетида (морската божица), божицата Ерида (на кавгата) фрлила златно јаболко со натпис: „за најубавата“ пред Зевс кој требал да избере меѓу: Хера, Атина и Афродита. Тој не сакајќи да се замерува и да направи раздор, решил обврската да ја префрли на Парис кој тогаш живеел на планината Ида и не знаел дека е син на тројанскиот крал Пријам. Неговиот татко, кога се родил Парис, по сугестија на пророците наредил да се убие бебето. Пророците рекле дека Парис ќе биде причината за уривањето на Троја. Но, мајка му го потплатила убиецот, па така Парис останал жив, пасел овци и не знаел дека е принц.
Значи, Зевс го избрал него да одлучи која од трите божици е најубава. Богот Хермес (гласникот на Зевс) и трите божици дошле кај Парис носејќи го златното јаболко. Парис се зачудил како може еден прост овчар да одлучува за божествената убавина и решил да го подели јаболкото на три дела. Но, Хермес му ги прочитал мислите и му рекол дека мора да се одлучи за една. Тогаш секоја од божиците му понудила по нешто: Хера дека ќе го направи господар на Азија и најбогат човек на светот; Атина дека ќе го направи победник во сите битки, најубав и најпаметен човек на светот; а Афродита му ја понудила Елена, најубавата жена на светот (која тогаш му била жена на Менелај, брат на Агамемнон). Афродита со помош на нејзиниот син Амор направила Елена „смртно“ да се вљуби во Парис и да го напушти својот маж. Парис и го доделува јаболкото на Афродита, а со тоа добил две непријателки кои ветиле дека ќе ја уништат Троја, бидејќи знаеле дека Парис е тројански принц.
Афродита го исполнила своето ветување, му ја „подарила“ Елена на Парис, но тоа ќе биде повод за десетгодишната Тројанска војна.

Напишете коментар