Колумни

Кога ќе го паднеш тестот на човечност кај мене, нема поправен (обраќање до новинар)

Глумење на професионалец и лажен професионализам кај мене не поминува. Зошто го велам ова? Во најкратки црти ќе го објаснам случувањето. Му се обратив културно на еден новинар преку пишан текст, дописник од мојот град за еден поголем весник, прашувајќи го дали може да се објави краток напис околу излегувањето на мојата книга. Одговорот беше дека споменатиот господин не договарал ништо на непознато при што ми понуди кафе средба кога го прашав што имаме за договарање дополнително од тоа што го напишав. И тука одма ми се поставува прашањето: „Која е потребата да се свикува на какви било средби во време кога по секоја цена барем јас гледам да ги избегнувам, а сме од ист град и веќе еднаш сме биле присутни на ист книжевен настан во исто време?“ Случајно да не сум фантом и објави некоја невистина или нешто слично? Патем, истиот тој ми има испратено порака за пријателство можеби од пред повеќе од една година. И во случај да се пронајде во колумнава ако стигне до него и ја отвори, слободно нека ме отстрани од пријатели бидејќи јас го изгубив моето убаво мислење за него. Не му мислам ништо лошо меѓутоа бев крајно изненадена, како и испровоцирана од овој начин на комуникација и одбивање. Во ред е секој да има различен начин на функционирање и работење, мене ми е потполно јасно ова, не е “фамата“ околу одбивањето да се објави краток прилог, колку дрскиот начин на одбивање онлајн соработка и крајниот непрофесионализам во однесување, пишување, и комуницирање.

Имав потреба јавно да го искажам овој став бидејќи токму пред да се случи онлајн комуникацијата со квази-новинарот или дописникот кој селективно одбира кои настани и информации ќе ги презентира во јавноста, јас имав одличен разговор на истата тема и договор со далеку помлад колега од него, но многу покоректен. Притоа не ми беше побарано ништо, немаше никакви услови ниту желби за лични средби за договарање. Не знам кој дел од мојата порака не беше јасен, и што имаше да се договара дополнително, а прашав, но краткиот одговор без никакво објаснување гласеше: „не пишувам ништо на непознато“. Да, мојот град е премал и не се знаеме, никогаш не сте ми го отвориле профилот да видите за кого станува збор. Јас на овој мизерен и краток одговор само му се заблагодарив и му реков да биде поздравен. Овој текст е мојот дополнителен – последен поздрав до него, ако воопшто го прочита ова. Драг господине новинар, како и што претходно Ви пишав, доколку имаше промоција вие ќе бевте поканети, но после овој ваш одговор, во ниедна моја идна промоција нема да бидете поканет гостин, без оглед за кој весник и да пишувате, бидејќи вие кај мене го паднавте тестот за човечност. Толку од моето обраќање, не сакам да ги известувам одговорните и луѓето кои стојат зад весникот бидејќи јас сепак ќе останам човек и нема да го пријавувам со име и презиме и да го прозивам јавно овој нивен дописник, но искрено ниту имам идеја како ги реагирале кога одговорните би дознале за овој настан. Во време кога се склучуваат бизнис зделки и секакви договори онлајн преку интернет, без физичко присуство помеѓу луѓе оддалечени илјадници километри, навистина е чудо што господинот треба „да познава некого“ за да напише нешто. Нека му го каже ова на некој друг за да му поверува, не мене којашто на мојот блог имам споделено минимум десетици написи/текстови за настани, промоции, како и други културни случувања од литературата, без воопшто лично да познавам некого од луѓето вклучено во истите (а некогаш и без да биде побарано тоа од мене).

Зарем треба да видам некого и да пијам кафе со истите за да можам да објавам било што на мојот “онлајн медиум?“ Јас не сум новинар по професија, не сум ниту уредник во весник ниту дописник, но сум соработувала со неколкумина такви кои си ја знаат работата многу добро и се доста ажурни. Се надевам дека во иднина ќе имам прилики да соработувам и со други професионалци од оваа „сфера“, но нема да наидувам на лажна професионалност и лоши соработки. Потполно ми е јасно дека сите не сме исти, и не функционираме на истиот начин, уште повеќе ми е јасно дека луѓето си го покажуваат своето вистинско лице во клучни моменти. Ова за мене беше доволно битен момент и клучен фактор за да видам со какви сограѓани живеам, можеби и во еден момент бев потценета, но нема да дозволам ова да остане премолчено, затоа вака јавно го споделувам “настанот“ кој се случи пред неполн час. Да знаете со кого делиме ист воздух, да знаете како истите сограѓани попрво ќе поддржат нечии лажни идеали, мислења и ставови со кои не се согласуваат во целост, но нема да поддржат млад автор кој потекнува од истиот град, и можеби беше најново случување од областа на литературата во нашиот град во последниве 7 дена.  Толку од мене, да не исфрлам повеќе непотребен гнев бидејќи не сум воопшто гневна, туку само уште повеќе ми се отворија очите, и помалку сум изненадена затоа што не очекував ваков фидбек при моето прво обраќање до некој “посериозен“ медиум. За жал, поединецот што работи за тој медиум испадна крајно несериозен, и благодарение на него настана денешново обраќање. Би сакала да беше убав повод за кој ќе ви се обратев, но некогаш се наоѓаме пред препреки. Оваа вечерашна “препрека“ е само мојот ветер во грб за понатака, колку и да звучи контрадикторно. До следно!

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје