Skip to content

Храброста на жената – Силвана Панева

  • by

Малото и живописно село Савока, сместено на најголемиот италијански остров Сицилија, пред педесетина години беше сиромашно и рурално место, жителите одгледуваа винова лоза и така ги прехрануваа фамилиите. Тој дел од Италија со интересна местоположба, каде морето е во непосредна близина, а селата се сместени на голема височина со стрмни патчиња, не им беше интересен на туристите. Бараа локации во близина на морето.

Без оглед на мизерниот живот луѓето имаа весел темперамент и раководејќи се по нивната единствена парола “ piano, piano” ( полека, полека), ги живееја деновите. Па и годините! Но, магичното место со поплочени и тесни улички, камени куќи и извонреден поглед на морето од височина стана најдобро решение за снимање на култниот филм “Кум”. Со стапнување на холивудската екипа во Савока, селото почна да испишува нова и посветла историја.

Со носталигија осумдесетгодишната Тереза и тамошна жителка ги оживеа сеќавањата, уште ѝ беа свежи спомените иако поминаа толку многу години. На почетокот луѓето со недоверба гледаа кон целата филмска екипа и ги сметаа за натрапници. Сепак, првиот впечаток траеше многу кратко и до завршувањето на филмот сите воспоставија пријателски однос со Марлон Брандо, за кој, разбраа дека бил светски познат актер. Тереза, тогаш многу млада жена со четири деца и сопруг кој со денови не се отрезнуваше, се израдува на екипата кои ја разбија неподносливата монотонија во Савока.

И тие како и другите имаа винови насади, и тоа им беше единствениот приход за преживување. Не ѝ причинуваше тешкотија работата, најголема причина за загриженост ѝ преставуваше Лоренцо. Од година на година желбата за пиење му се зголемуваше, а грижата за куќата и децата во целост ѝ ја препушти на неа. Тивко, како крадец излегуваше од дома и со радост заминуваше во селската кафеана. Многу често сопственикот на кафеаната го носеше мртов пијан дома, а откако ќе се отрезнеше, следниот ден се колнеше дека никогаш повеќе нема да се напие. Тоа беа само празни ветувања и редовно ги прекршуваше.

Нејзиниот Лоренцо не беше лош човек, никогаш не ѝ подвикна ниту лош збор ѝ упати, но, не можејки да создаде подобри услови за живот на фамилијата, утеха најде во алкохолот. Тој се утешуваше со виното, а таа река на солзи исплака и не успеа да го најде одговорот кој си го поставуваше “Каде погрешив”?

По големиот успех на филмот, во целост се смени животот и секојдневието на жителите, а туристите гореа од желба да ја видат црквата “Света Луција” и барот “Витали” каде Ал Пачино маестрално ја одигра улогата на Мајкл Корлеоне. Во недостаток на хотел, туристите ги запоседнаа скромните соби на мештаните. Тој благодет го почуствуваа Тереза и Лоренцо, собата на децата ја издаваа, а сите спиеја во нивната спална соба. По долго време се врати насмевката на Тереза, конечно работите тргнаа на добро.

За една година успеа да заштеди одредена сума на пари, но довербата во сопругот веќе ја изгуби, а парите ги сокри на сигурно место. Имаа четири синови, затоа деноноќно работеше за да им обезбеди подобра иднина. Надежта дека Лоренцо ќе престане да пие ја напушти, располагаа со повеќе пари, а тој безмилосно ги трошеше. Туристите, пак, беа задоволни од храната што ја припремаше и го фалеа нивното домашно вино, затоа го обнови кујнскиот прибор и купи нов, поголем шпорет.

Со радост се подготви за новиот начин на живеење. Но, наскоро се соочи со голема тага од која не знаеше дали ќе може да закрепне. Еден ден го донесоа Лоренцо мртов од кафаната. Добил мозочен удар и починал на лице место. На неговиот закоп плачеше долго и неутешно, како да сакаше да си ја исплаче судбината која безмилосно си поигра со неа. Неколку недели потона во тага и апатија и додека, загрижено ја гледаа четирите пара очи, ја потисна тагата и ја собра целата храброст да стане и да продолжи понатаму.

Живееја во средина каде децата без татко беа лесен плен за манипулирање, а таа нема да дозволи синовите да ѝ завршат како на многумина од селото – во сомнителни друштва и под контрола на Сицилијанската мафија. Никој не зборуваше отворено за мафијата, сите уплашено шепотеа дека момчињата од селото , мистериозно заминуваа во градовите, и по неколку месеци на чуден начин ги враќаа мртви во лимени ковчези.

Синот на сосетката го погребаа пред некој ден, а имаше само осумнаесет години. Единствен спас на децата од мафијата гледаше во нивното образование, на паметни и луѓе со зрела свест не им беа потребни пиштоли да ги решаваат проблемите. Продолжи и понатаму да прима туристи, но, сфати дека треба и мора да поработи на своето образование. Иако родена во Италија не го зборуваше добро италијанскиот јазик, го знаеше единствено сицилијанскиот дијалект.

За да привлече странски туристи почна да го изучува и англискиот јазик. Во селото имаше учителка која ѝ помогна да се едуцира, се изненади од сопствената неукост, а по неколку години ја забележа разликата пред и по сопствената едукација. Со леснотија ја водеше работата, а со странските туристи веќе одлично комуницираше на англиски јазик.

Дел од жените ја осудуваа затоа што на “стари” години учи, но длабоко во себе знаеше дека тие се само несреќни, останаа да тапкат во место, а таа храбро и непоколебливо одеше напред. Не им се лутеше, напротив, ги сожалуваше!

Децата, со текот на времето заминаа да учат средно образование во Палермо, а подоцна сите четворица завршија факултет. Во меѓувреме започна да гради нова куќа за да може повеќе туристи да смести, и конечно со децата да се раскомотат во сопствената куќа. Со домаќинско работење имаше доволно средства да ги школува децата и во рекордно време ја изгради куќата наменета за туристи.

Никогаш во животот не отиде подалеку од Палермо, долгите и бесони ноќи во најубавите години ги поминуваше сама во постелата, иако понекогаш крвта ѝ зовриваше и имаше потреба да биде сакана. Никогаш не се осмели да се впушти во љубовна врска, не затоа што Лоренцо заслужужи да му остане верна, едноставно знаеше дека илузија е, жена со четири деца да биде искрено сакана од друг човек. Барем не во старомодна средина, во која живееше.

Затоа целата своја љубов им ја даде на децата и на работата што многу ја исполнуваше. Длабоко воздивна и во есента на својот живот беше свесна дека никој на овој свет не може да има сѐ – нешто мора да недостасува…..Најмалиот син, што остана во Савока на кого ја остави новата куќа и долгогодишното искуство на водење добар бизнис, на цел глас ја викаше:

– Дојди мајко, ми требаш!

Уплашено истрча надвор и ја виде најубавата глетка од која ѝ потекоа солзи. Останатите синови кои живееја во Палермо, со своите жени, деца и внучиња со букети цвеќиња, торта и насмевка и пееја роденденска песна. Никогаш не се сомневаше дека оди по вистинскиот пат низ животните врвици, сега беше убедена дека ја направила најдобрата инвестиција во животот. Поголема лична сатисфакција, навистина не ѝ требаше.

Силвана Панева

 

Напишете коментар