Skip to content

Блаже Конески – Болен Дојчин

Уживајте во стиховите на Блаже Конески, македонски поет и славист, еден од најзначајните протагонисти во процесот на кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Во есејот „Еден опит“  Конески како искусен поет ги опсервира тајните на поетскиот занает. Тргнувајќи од сопствениот творечки опит, тој особено го потенцира значењето на усната народна традиција како основна платформа врз која ја артикулира својата индивидуалност.

Тој во оваа песна се инспирира токму од народното творештво, односно од народната песна за Болен Дојчин. Болен Дојчин се присетува на неговите славни денови кога бил достоен за секој подвиг, но сега изгубил сила, ја бaра својата судбина во смртта, во спокојот. Сепак, на крајот од животот треба да го направи и својот последен подвиг, да го убие Црна Арапина.

Болен Дојчин

Кога бев преполн сила
Што придојдува како матна речна глава,
Кога се сетив вреден за мојот подвиг,
Достоен за слава,
Кога ми закрепна гласот за најдлабок збор,
Раката за најтежок меч,
Ногата за најверен од —
Тогаш се сломив.
Паднав како црешово дрво од премногу род.

Една потсмешлива сенка ми ја издемна трагата,
Како змија во гробно камарче се вовлече во свеста,
Смеата ми ја урочи, ми ја зацрни тагата —
Да се обѕирам подозриво, да думам да шестам.
тогаш се сетив ситен и смешен и долен, —
Се стопи снагата,
Капнаа раце,
Падна мечот,
Паднав болен.
Болен лежам до девет години,
Што искинав до девет постели.

Не ги чувствувам веќе своите зглобови,
Јас сум расфрлан на тврда ледина
На пеколен пладневен присој,
Јас сум раскостен коска от коска,
Низ моите коски трева поникнало,
Низ таа трева змии се ведат.

Јас копнеам гроб темен и студен —
Нема крај без мојот подвиг суден.

Непозната жено, единствена на светот,
Сестро и мајко моја, ти што си страдала многу,
Ти што си сетила мака до вбигорување,
Дојди, сестро златно,
Збери ги моите мувлосани коски, не грози се,
Состави ме,
Повиј ме со триста лакти платно,
Речи ми тех реч,
Исправи ме,
Научи ме пак да одам, мајко,
Дај ми в рака меч —
Да убијам Црна Арапина.

Да умрам.

Напишете коментар