Мотивација

Предизвикај се, ако си храбар и упорен ќе победиш, ако ти недостига храброст обиди се пак

Зборот “предизвик“ асоцира на различни работи. Секојдневно сме изложени на различни предизвици, некои од нас повеќе, а некои помалку. За некого наједноставните нешта се сосема нормална работа, но за некого се предизвик. Болните од некоја болест се соочуваат со безброј битки, па така за нив секој ден е еден вид натпревар – мали чекори додека не се извојува последната битка. Старите луѓе секојдневно се исправени пред низа предизвици што успешно ги надминуваат сè додека не им чукне последниот час. Ова се само најопштите примери што ми паднаа на памет во моментов, а уште колку ги има во низата…Што е друго животот ако не еден склоп на тестови и натпревар со самиот себе? О да, тој е уште многу од ова, би можела да направам минимум десетици компарации кога станува збор за него. Кога ќе се навратиме низ годините наназад сфаќаме дека секој период го карактеризира одреден вид предизвици, а истото важи и за годините што следат. Често се предизвикувам себеси, на најразлични начини. Најчесто тие се едноставни, интелектуални активности, но многу забавни, барем за мене. Знам да се предизвикам и физички, ох, несомнено тоа го правам со години. Вежбав со години во домашна атмосфера и на домашни справи, трчав во природа, вежбав на затворено и на отворено, но никогаш немав вежбано во теретана. Го надминав и тој “сопствен блок“, и првпат оваа година во септември стапнав во просторија полна со справи и луѓе што дошле да потрошат некоја калорија. Физичката активност отсекогаш ми значела и сум ја ставала во листата на приоритети, иако имало периоди кога свесно, намерно сум ја избегнувала. Што поради повреда на колено, стрес или премногу обврски, но јасно ми било и ми е дека секогаш се наоѓа време доколку се сака. Така, го надминав сопствениот “блок“ па одењето во теретана ми беше најомилениот предизвик и најомилената активност во денот. Додека не се случи Ковид-19 бев толку фокусирана на вежбањето, при што денот кога правев пауза од вежбање (нели за ревитализација на мускулите) ми беше празен и недоволно исполнет. Бидна короната, сите теретани се затворија, но мојата желба за физичка активност не се изгуби. Повремено вежбав во домашни услови, но за време на карантин сфатив дека не може да се спореди вежбањето дома со она кога си опкружен со други што се појдени таму со иста или слична цел. Што сакам да кажам со ова? Не ѝ кажав збогум на теретаната засекогаш, но не сум сигурна кога повторно ќе соберам храброст за да ѝ се вратам. Првиот пат се надминав себе и се победив, сега треба по втор пат да се соочам со уште поголем предизвик, и повторно да се надминам себеси.

Која е мојата порака и целта на ова споделување лично искуство со вас? Таа е дека треба да продолжите да се предизвикувате себеси и да ги надминувате сопствените стравови. Вие сте посилни од секој ваш “блок“, “несигурност“, “сомнеж“, “стереотип“, “неволност“, “пораз“. Вербата во себе прави чуда, а сите треба да ја имаме во доволни количини за да се увериме во истото. Храброста е на спротивната страна од стравот, а некогаш се многу блиску, па сè што треба да направиме е да ја пресечеме таа тенка линија и да ги освоиме врвовите. Секој може да се искачи на врвот што го замислил. Дали на највисокиот врв на Кораб, Јабланица или “врвни достигнувања“ од друг вид, не е воопшто важно, сè додека не престанувате да се движите. Одете по правилната насока и не се вртете назад, освен кога треба да проверите колку далеку сте стигнале. Мотивирајте ги и најважните личности во вашиот живот за да ве следат вас, па заедно прифаќајте ги предизвиците и бидете победници во своите битки!

Наталија Наумовска

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје