Skip to content

4 знаци за постоење симптоми на потиснување емоции

Некои луѓе се склони кон континуирано потиснување на непријатните емоции. Ваквиот начин на управување со емоциите ѝ овозможува на личноста во моментот да се чувствува подобро. На долги стази почнуваат да се јавуваат некои симптоми како последица од “натрупување“ со негативни чувства.

Во продолжение ќе прикажеме неколку симптоми кои покажуваат дека човекот бега од чувствата што ги чувствува.

1. Слободно-лебдечка анксиозност

Анксиозноста може да биде предизвикана од мноштво фактори. Понекогаш од стравот од соочување со неизвесност. Понекогаш е резултат на предвидување негативни исходи од одредени случувања (карактеристично размислување е „што ако…се случи тоа и тоа“). Ако анксиозноста не е предизвикана со некоја специфична ситуација туку се јавува како недефинирана вознемиреност – можно е таа да е производ од неискажани емоции. Секое чувство со себе повлекува одредена енергија. Кога ја задржуваме таа енергија во себе и не ја изразуваме таа може да создаде состојба на напнатост и неодредена анксиозност.

2. Депресивно расположение

Кога ги потиснуваме чувствата на тага и жалост за време на некој губиток тоа може да доведе до депресија. Плачењето обично прави да се чувствуваме подобро, така што на најдобар начин можеме да го исплачеме губитокот – смрт на блиска особа, прекин на врска или развод. Природно е после губиток да се чувствува тага и сосема е природно истата да се изрази. Некое време ќе биде тешко и болно, но ако ја изразуваме тагата таа побрзо ќе престане отколку ако ја потиснуваме. Депресијата исто така може да биде резултат на потисната лутина. Ако чувствувате дека сте депресивни без некој видлив губиток добро е да се запрашате себеси поради што сте лути.

3. Психосоматски симптоми

Вообичаените психосоматски симптоми како што се главоболка, чир на желудник, покачен крвен притисок често се резултат на хронично неизразување емоции. Иако сите овие симптоми можат да се јават за време на хроничен стрес, потиснувањето на чувствата повеќе години е еден вид стрес кој се одразува на телесно ниво. Ако научите да ги идентификувате и изразувате силните чувства тогаш тоа може да доведе до редукција дури и до подобрување на различни типови психосоматски симптоми.

4. Мускулна тензија

Стегнатост и вкочанетост на мускулите е еден од највообичаените симптоми на хронично задржување на емоциите. Имаме тенденција да стегнеме одредена група на мускули кога сакаме да го потиснеме и запреме она што го чувствуваме. Тензијата на различна група мускули е задолжена за задржување различни емоции. Лутината и фрустрацијата обично се „задржани“ во мускулите од вратот и рамената. Тагата се задржува во градните мускули и мускулите околу очите.

Стравот во подрачјето од дијафрагмата додека задржаната сексуална желба се одразува на стегнатост на карличните мускули. Сепак оваа корелација помеѓу задржување специфични емоции и мускулна тензија на одредени делови од телото не мора да се сфати буквално, не се баш сите прикажани чувства поврзани за исклучиво едно мускулно подрачје. Сепак мускулната стегнатост како таква е одраз на потиснување емоции.

Еднаш кога ќе ја увидите врската помеѓу овие симптоми и неизразување емоции важно е да се обидете да го направите спротивното. Запрашајте се: „Што чувствувам? Која е мојата примарна емоција? Што е она што го сакам?“ Одговорот ќе ви даде насока понатаму. Како да ги канализирате емоциите, да ги изразите, да ги пренасочите, но никако да ги потиснувате.

Научете да ги контролирате чувствата, а не тие вас.

Напишете коментар