Skip to content

Во спомен на човекот кој нè напушти пред точно една година, не сме те заборавиле

Точно пред една година паметам беше саботно утро кога ја дознав сосема неочекуваната, шокантна вест.  Лошата вест за сите беше како гром од ведро небо. Ме расони, освести и шокира истовремено. Носевме исто презиме, ми беше малку подалечна роднина. Но во последната декада беше присутен во нашите животи исто како да е член од блиска фамилија. Многу веруваше во мојот талент, сакаше да ги чита моите текстови и секогаш ме прашуваше кога ќе биде новата книга, сакал да има нешто друго мое за читање.

Беше еден од ретките кои без срам и влакна на јазик си го кажуваа своето мислење, без страв дека ќе биде осуден, или погрешно сфатен. Оваа одлика многу ми се допаѓаше и поради неа најмногу го почитував. Многу убаво се разбиравме, го интересираа моите ставови бидејќи сум имала убава професија, ме прашуваше за интересни теми за кои некогаш и јас немав одговор.

Можевме да си зборуваме со часови ако не требаше да се работи во миговите кога го гледав. Беше човек што знаеше, сакаше и можеше да те ислуша, но сакаше и да биде слушнат. Го слушав со внимателност, од него можеше да се научи само ако се обидеш убаво да слушнеш што сака да каже. Особено ми беше драго што ми беше голема поддршка, веруваше во моите замисли, и она што го правам.

Ми се чини некогаш повеќе веруваше во мене, отколку во себе. Тоа ми ја пара душава, не успеа “да прочита нешто ново од мене“. Човекот не сакаше да користи технологија, не го интересираа компјутери, смарт уреди и гаџети. Си живееше некој негов едноставен живот. Ме облева силна тага кога ќе помислам дека нема да имам шанса да потпишам копија со посвета до него и да му ја дадам рачно, а потоа да чекам да сподели импресии.

Го разбирав донекаде, не беше од новите генерации, ниту од премногу старите, мене не ми беше воопшто чудно бидејќи беше негов личен избор иако имаше можност да живее како сака. Сепак не одбра да живее здрав живот, малите пороци му го заробија здравјето, и накрај му препишаа казна. Казна што не смееше со живот да ја плати, но ете, ќе помислиш така му било пишано, ако некаде се запишува.

Добрите луѓе се паметат засекогаш, а тој сигурно беше еден од нив, дури и предобар за да се спореди со добрината на некои. Жална е и помислата дека не остави никого зад себе…Некој што ќе му го продолжеше родот, некој потомок што ќе му ја продолжеше лозата…Но, кои сме ние да кажуваме како требало и зошто не било поинаку? Патот по кој одиме самите си го бираме, нему најверојатно така му одговарало.

Во петте децении од неговиот живот можеби тој не направи ништо големо за човештвото, не живееше извонредно, луксузно или “во чекор со времето“, но живееше за себе. Неговиот малечок свет (некогаш носталгично враќајќи се во минатото) му беше сосема доволен. Овој свет во кој живееме остана без една човечка душа. Се бореше докрај, се исправи во болничка постела пред најголемиот животен предизвик. Токму во моментот кога требаше да се случи голема прослава, тој битката не ја доби…Но во едно сигурно победи: никогаш да не бидеш заборавен, бидејќи ќе живееш во сеќавањата, во срцата на најблиските.

Замина засекогаш во небесното царство, почивај во мир голем човеку, гледај нè од горе, и не ми замерувај за солзите. Тие мора да се исплачат, за да преболат. Ќе те спомнувам, често си помислувам на тебе со грутка во грло.

Со овие зборови се потсетуваме на твојот живот, и на болката што зад себе ја остави. Луѓето што оставиле траен впечаток кај другите само физички ја напуштаат земјата. Сега си сеприсутен во мислите и спомените од сите што те познаваа и вистински те сакаа. Вечно почивалиште и лесна земја!

Наталија Наумовска

Напишете коментар