Skip to content

Честит Илинден, празник со посебно значење за историјата на македонскиот народ

Нека е честит Илинден кој годинава го доживуваме поинаков, од повеќе причини. Во оваа колумна сакам да се потсетиме на неколку борци што некогаш гинеле за оваа наша напатена земја. Нема да ги именувам сите бидејќи несомнено нивниот број е голем, но да се потсетиме на директно поврзаните со денешниот празник. Слава им на Гоце Делчев, президиумот на АСНОМ: Методија Андонов Ченто, Панко Брашнаров, Владимир Полежиноски, Љупчо Арсов, Емануел Чучков, без чиешто постоење прашање е дали оваа држава ќе постоеше.

Денешниот ден има двојно значење бидејќи истовремено е и национален и православен празник. Се прашувам само што би рекле споменатите важечки ликови во нашата историја, ако беа живи. Дали тие се бореле за вакви идеали и како би постапиле ако имаа можност да делуваат? На некои прашања никогаш нема да се добијат одговори, освен она што преостанува – да се претпоставува.

Ќе бидам скржава со зборови бидејќи што и да кажам ќе биде малку за да ги опишам измешаните чувства. Од една страна не се чувствувам компетентна да пишувам за вака деликатни теми. Посебно за вакви историски значајни настани кои не сум ги посведочила освен во учебниците по историја. Како и од кажувањата на постарите, некогаш кога знаеле да дискутираат за историските случувања кај нас. Секогаш не мора да си сведок на историјата за да веруваш во нејзе или да се обидеш да ја сфатиш.

Нашата земја има долга историја и уште подолго минато. Сегашноста што ја живееме на идните генерации за стотици години ќе им биде најзбунувачка што некогаш ја изучувале. Некако сум убедена во ова.

Поминале точно 117 години од започнувањето на Илинденското востание, на 2-ри Август. Еден интересен податок од современо денешно време е поврзано со традицијата на движење на коњаници. Се смета за еден од најавтентичните настани за Илинден кога коњаниците пристигаат во Крушево кои на традиционалниот Илинденски марш секоја година тргнуваат од скопско Горно Лисиче на 27 јули. Постои и маршрута на планинари кои од Скопје пеш одат кон Мечкин Камен.

Нашата земја е богата со традиции кои некаде се почитуваат повеќе, некаде помалку. Во секој случај, состојбата со ковидот што го потресе светот како да нè врати назад во својата татковина. За да ја истражиме, да увидиме дека македонските природни убавини се исто толку пријатни и вредни за посета како и сите други природни богатства во секој друг дел од светот.

Мајката природа дава, но и одзема. Сите почнаа да ја истражуваат сопствената земја, која верувам си ја сакаат искрено, но не им обрнувале доволно внимание на природните скапоцености кои истата ги криела. Време е да се вратиме на нашето, за подоцна да можеме да уживаме во туѓото, и да направиме солидна компарација. И накрај ќе заклучиме дека: од нашето нема поубаво. Денот нека се празнува за многу години, традиционално, со векови.

Напишете коментар