Skip to content

Предлог книга – Шагринска кожа од Оноре де Балзак

Предлог книга за читање – еден од попознатите француски класици – „Шагринска кожа“ која се обработува и како лектира во средно образование.

Шагринска кожа (францускиLa Peau de chagrin) — роман од францускиот романописец Оноре де Балзак (1799–1850), издаден во 1831 година. Дејството, сместено во почетокот на XIX век во Париз.

Ова е петти роман којшто го читам од Балзак и она што ме маѓепсува кај овој гениј е тоа што секогаш откривам нешто ново во секој негов роман. Балзак целосно се предал пишувајќи го овој роман и воодушевува со темата, односно филозофските прашања кои ги обработува, стилот за пишување и заплетот кој едноставно не ве остава мирни додека не успеете да сфатите што се случува!

Уште на самиот почеток сте навлечени да го читате со прекрасните описи на Париз, со неговите раскошни коцкарници, брегот на Сена, антикварницата каде главниот протогонист Рафаел де Валентин кој пробува да се самоубие ја купува шагринската кожа која ја исполнува секоја желба на нејзиниот сопственик. Но не е свесен дека тој склучува пакт со ѓаволот, нешто слично на Фауст и секоја остварена желба го скратува неговиот живот.

Описот на самата антикварница е навистина посебен – таму Балзак ја опишува скоро целата планета, секоја земја која придонела за уметноста секоја на свој начин. Во продавницата има слика од Наполеон; мавриски јатаган; татарски идол; портрети од холандски кметови; биста од Кикерон;египетска мумија; етрурска ваза; кинески змеј; и многу други предмети. Панорамата на човечката активност достигнува морална пречка кога продавачот го носи Валентин да види Рафаелов портрет од Исус Христос. Сепак, ова не го одвлекува од неговата цел; дури кога ќе ја пронајде кожата Валентин решава да не се самоубие. Постапувајќи така, покажува како човештвото секогаш го одбира егото, а не божјиот спас.

На почетокот на книгата, продавачот на Валентин му открива „една голема тајна на човечкиот живот“. Тој ја опишува со три глаголи, кои Балзак убаво ги истакнува: „сака“, „може“ и „знае“. Желбата или волјата, тој вели, нè согорува; моќта нè уништува; но знаењето „го одржува нашиот слаб организам во постојан мир“. Овие три правила претставуваат филозофски темел на книгата. Желбата сите нè согорува и денес, зарем не?

Се разбира и другите теми кои постоеле во 19 век како копнежот по општетсвен статус, материјалната прекумерност и погрешни приоритети се присутни за жал и денес.

Тема на романот

Темата на самоубиство исто така е присутна во романот. Романот изобилува со разни теми, заплети и одговори на многу прашања кои треба секој да ги дознае.

Прочитајте го романот за да видите зошто со овој роман Балзак станал значајна фигура во светот на француската книжевност. И секако да видите што ќе му донесе шагринската кожа на главниот протагонист Валентин – среќа или несреќа, пари и слава или очај и бесконечно патење? Дали конечно ќе сфати дека животот е најскапоценото нешто што го поседуваме, а не славата и богатството кое толку многу го посакува?

Пробајте да ги најдете и сличностите на писателот и главниот протагонист!

Напишете коментар