Skip to content

Зрно среќа засадете за да пушти длабоки корени

Некои клише мисли секогаш ќе останат такви, но ќе бидат проклето вистинити. Таквата мисла е дека: “среќата секогаш е во малите нешта“. Кој не знае да се радува на малку, не ја сфатил вистинската суштина на радувањето. Од децата можеме да научиме како да се радуваме. Погледнете само некое мало детенце како истото скока од радост кога пример ќе види надуен балон. Тоа го гледа, му се смее, станува возбудено без голема причина.

Повозрасните треба почесто да се стават во улога на ученици. Не за џабе еден голем ум рекол дека детето е татко на родителот. Ова секогаш ќе биде точно колку и да не се допаѓа некому. Сите сме ученици, долго време после излегувањето од училишни клупи. Долго после завршување на образованието.

Во секој ден постои можност да се научи нешто ново. Учителот е самиот живот, а лекциите ги учиме од грешките, од погрешните избори. Тешките настани, проблемите и негативностите само нè зајакнуваат. Станува посилни ако знаеме да ја согледаме лекцијата што произлегува од нив. Обидете се да ја видите светлата точка и во најтемниот агол.

Следен пат пристапете им поинаку на работите. Наместо да се фокусирате на најлошото и негативното, барајте ги позитивните нешта. Сигурна сум дека ќе најдете најмалку две позитивни работи и во навидум нерешливиот проблем. Запомнете дека за секој таков постои најмалку едно решение. Ќе го пронајдете само ако бидете доволно трпеливи.

Засадете зрно среќа во вашата градина. Давајте му вода и храна секојдневно. Грижете се и ќе расцути. Кога се обидувате да се чувствувате среќно и благословено, такви и ќе бидете. Го повикувате зрното да расте, повикувајќи ја среќата во себе. Таа извира длабоко од вас, колку и да е длабоко скриена. Насмевката секогаш не значи среќа, може да биде и скриена тага.

Вашата цел е зрното среќа да го одгледувате во убава, хармонична средина и услови. Само така ќе прерасне во стебло што ќе пушти корени длабоко во земјата. Уверете се дека корените ќе ги посадите и во вашето срце. Така среќата никогаш нема да ви побегне. Ќе расте заедно со секој ваш здив. Кога нема да биде тука, тагата ќе ѝ го замени местото. Дајте ѝ простор и нејзе, но не ѝ дозволувајте да се всели во вашиот живот засекогаш.

Нека се размножуваат зрната среќа, бидејќи проклето му фалат на денешниот свет. Кажете им ја тајната и на другите. Заразете ги со позитивност, за да се обидеме да ја надмудриме меланхолијата барем еднаш. Нема да можеме да ја победиме, но барем ќе се обидеме да ја намалиме. Позитивна мисла, за денот да биде позитивен и успешен.

Напишете коментар