Skip to content

Дали песните можат да се пишуваат со програмски јазик и што е поезија од кодови?

Кога ќе помислиме на програмирање помислуваме на бројки и кодови. Ретко кој програмските јазици ги поврзува со уметноста. Но, што ако во современата добра се создал простор за поезија од инструкција, класа, функција и синтакса внатре во самите програмски јазици?

Иако програмските јазици настанале поради работа на компјутери тоа не значи дека Java, Python, SQL, Ruby, CSS или HTML не можат да бидат употребени за создавање стихови и рима. Токму со ова се занимавале одредени девелопери во паузите од нивната вообичаена работа.

Антологија за поезија со кодови

Во 2012 г. настанала антологија за поезија од кодови со назив code {poems}. Се состои од 55 песни чиишто автори се веб девелопери од сите страни од светот. Авторите тврдат дека за кодовите има место и во уметноста. И дека истите не мора да бидат употребувани само за програмирање.

Проектот наречен ./code –poetry е уште еден пример за поезија од кодови. Интересно е дека секоја песна од оваа збирка воедно е и валиден програм кој кога ќе се примени создава едно дело од визуелната уметност. Целата збирка е форматирана така што покрај поезија на „читателите“ им нуди и компилација дела од визуелната уметност.

Дека целиот проект поезија со кодови зел голем замав говори и фактот дека секоја година се одржува Конференција за поезија од кодови (Source Code Poetry Conference)  Исто така, секоја година се одржува и натпревар во создавање ваков вид песни – Source Code Poetry Challenge. Правилата се многу едноставни – важно е само да се користи некој од програмските јазици за создавање стихови.

Дали поезијата од кодови е резервирана само за програмери?

Се поставува прашањето колку е оваа поезија “читлива“ ако може да ја разберат само програмери, односно оние кои познаваат некој програмски јазик?

Симпатизерите на овој вид поезија со кодови тврдат дека секој може да се поврзе со неа, односно да ужива во естетиката на кодовите. Љубителите на визуелната уметност, поезијата, играта со зборови и јазиците воопшто, можат да најдат убавина во овој современ вид поезија.

Од една страна, оваа „херметичност“ на поезијата од кодови е блиска до постмодернистичката поезија чиишто претставници се Т. С. Елиот и Езра Паунд. За разбирање на песните од овие автори потребно е целосното читателско искуство кое една личност го поседува. Како и дополнителна литература која служи како „алат“ за пробивање низ нивните стихови.

Поезијата од кодови е сепак на поинаков начин “херметична“ – не се потпира толку на претходната книжевна традиција колку на модерната технологија и феномените поврзани со тоа. Исто така, оваа поезија се разликува од класичната – покрај луѓето може да ја разберат и компјутерите.

Кодот е поезија

Секој што се занимавал со WordPress сајтови, дури и како автор што става текстови на својот блог, познат му е долгогодишниот слоган на оваа платформа „Code is poetry“, односно Кодот е поезија.

Личноста што го измислила овој код веројатно не мислела дека вистинската поезија ќе може да настане од кодови. Можеби првобитната замисла зад оваа реченица била дека луѓето на кои добро им оди пишувањето, но не и снаодливоста со компјутери, ќе можат своето дело да ѝ го претстават на публиката на едноставен начин.

Поезијата со кодови всушност ја деконструира ваквата мисла бидејќи луѓето кои пишуваат поезија се истите кои одлично се снаоѓаат со компјутерите. Но, и со стиховите. Уште еднаш се покажа дека современата доба бара мулти талентирани луѓе кои покрај што се специјализирале за една област, имаат и други интересирања.

Дајте им шанса на нивните стихови и прочитајте барем една песна на програмски јазик – можеби ќе ви се допадне.

Напишете коментар